Обезбедени се 2,5 милиони евра за дочистување на малата депонија со линдан во ОХИС

Шукова смета дека е многу тешко државата сама да најде пари и да го продолжи чистењето на опасниот линдан, со оглед на тоа дека постојат и други приоритетни жешки локации за кои исто така мора да се обезбедат финансии

Фото: Мета.мк

Обезбедени се нови 2,5 милиони евра за довршување на чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС. Министерката за животна средина Каја Шукова информираше дека дел од парите се обезбедени од домашниот буџет, а дел се од донатор, со што се затвора финансиската конструкција за завршување со чистањето на оваа жешка точка.

Сите средства кои се собираат се префрлаат во Мултипартнерскиот фонд формиран за оваа намена, каде по завршувањето на малата депонија ќе треба да се собираат пари и за големата. Според анализите, малата депонија има околу 13.000 тони, додека во големата депонија се претпоставува дека има околу 50.000 тони линдан. Шукова смета дека е многу тешко државата сама да најде пари и да го продолжи чистењето на опасниот линдан, со оглед на тоа дека постојат и други приоритетни жешки локации за кои исто така мора да се обезбедат финансии.

„Проектот за расчистувањето на линданот од ОХИС е активен и продолжува да се реализира и оваа година. Обезбедени се дополнителни средства за да се заврши малата депонија. Што се однесува до големата депонија, тоа е многу голема инвестиција, а ние сме мобилизирани на сите полиња на кои можеме да обезбедиме пари за да продолжи чистењето и на линданот во големата депонија“, рече Шукова.

Третиот лот на малата депонија беше исчистен минатото лето, а и поголемиот дел од отпадот е веќе извезен и уништен. Од овој дел ископани беа 525 тони HCH отпад и 210 тони на земја контаминирана со HCH. Расчистувањето на четвртиот дел, од вкупно пет, ќе треба да продолжи идниот месец. Во овие неколку месеци повторно се распишува тендер за избор на изведувач, се евалуира понудата, а според измените на законот за животна средина, ќе треба и нов план за ремедијација што сега, покрај Министерството за животна средина, ќе треба да го одобри и Владата.

За расчистување ќе чека и третата депонија, која се наоѓа надвор од кругот на некогашната фабрика, на излетничката локација Пеленица, каде исто така има огромни количини опасен отпад, околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Шукова потврди дека министерството е информирано дека оградата со која беше обезбеден просторот каде е затрупан опасниот линдан е срушена, што, според неа покажува голема неодговорност од граѓаните кои се изложуваат на ризик себеси и другите. Таа смета дека депонијата во Пеленица мора да остане заштитена и просторот да не биде достапен за пристап на граѓаните, додека се размислува за можните решенија за оваа жешка точка.

„Во земјава нема само една жешка точка туку повеќе, кои бараат големи пари за санација или дислокација. Размислуваме за подготовка на анализа која ќе треба да ни покаже дали индустриските жаришта можеме да ги обезбедиме на лице место, и на тој начин да обезбедиме  да не бидат извор на потенцијално и дополнително загадување, во интерес на здравјето на граѓаните. Тоа секако би биле побрзите и поекономичните решенија“, смета Шукова.