Продолжува чистењето на линданот во ОХИС, но нема пари да се доврши малата депонија

Ќе треба да се ископаат нови 450 тони на HCH отпад и 250 тони на HCH контаминирана земја од четвртиот лот на депонијата, а работите на терен се очекува да бидат завршени до крајот на јуни

Фото: Мета.мк

Чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС ќе започне деновиве, по пауза од седум месеци. Ќе треба да се ископаат нови 450 тони на HCH отпад и 250 тони на HCH контаминирана земја од четвртиот лот на депонијата, а работите на терен се очекува да бидат завршени до крајот на јуни.

Опасниот отпад, како и претходните количини, дел по дел до следната година, ќе се транспортира до постројки за уништување во Германија и Франција. Сепак, од Министерството за животна средина информираат дека во Мултипартнерскиот фонд во моментов има пари само за да се завршат обврските од чистењето на третиот и евентуално да започнат со работа во четвртиот базен. Се работи за 2,1 милиони евра, од кои два милиони се од европските фондови и 100.000 евра од државниот буџет.

Причината за тоа е што досегашната ремедијација на малата депонија со линдан покажала некои отстапувања помеѓу иницијалните проценки и актуелните количини на отпад. Сепак, велат, во моментот се работи на подготовка на теренот за продолжување на активностите, но не прецизираат како, колку и од каде ќе се најдат пари за довршување. На новиот тендер е избрана истата компанија за спроведување на процесот на ремедијација, грчката „Полиеко“. Тие во моментов ги прават сите неопходни подготовки, вклучувајќи и обука и медицински прегледи на лицата ангажирани за изведување на работата на терен.

„Техничкиот советодавен комитет, составен од стручни лица од Министерството за животна средина и просторно планирање, стручни лица ангажирани од страна на Канцеларијата на УНОПС и претставник од Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Институт за хемија, дадоа препорака за одобрување на Планот за ремедијација на Лот 4, кој е одобрен од министерката Каја Шукова на 26 март“, велат од Министерството.

За големата временска пауза од чистењето на третиот до чистењето на четвртиот лот, а претходно и меѓу вториот и третиот лот, од Министерството велат дека тоа е според правилата и процедурите за набавки на Канцеларијата на УНОПС која раководи со процесот, треба да обезбеди пари во Мултипартнерскиот фонд за довршување на чистењето и која прави избор на компанија за изведување на работите.

„Како организација која е специјализирана за набавки, УНОПС во текот на процесот за избор на компании за одредени услуги, осигурува интегритет, транспарентност и ефективна конкуренција. Изборот на процедурата која ќе се примени во текот на процесот за избор на компанија извесни услуги зависи од низа фактори, и затоа не мора неопходно да биде иста. УНОПС работи според своите правила и регулативи за набавка и како организација со капацитет да овозможи ефективни и ефикасни набавки, е избран како партнер во овој проект,“ велат од Министерството.

Процедурата, посочуваат од оваа институција, вклучува одредени чекори кои се во согласност со меѓународните практики како што се, дефинирање на барањата, финансирање, специфичните побарувања за услуги, потребна документација, евалуација, договор и финализирање на договорот. Договорите поврзани со ОХИС се значајни по вредност и по комплексност и затоа бараат посебно внимание, што истовремено има влијание на самиот процес.

Динамиката со која ќе се одвива ремедијацијата, велат од Министерството, вклучувајќи го и планирањето на набавките, зависат од низа фактори како што се буџетот достапен на располагање, статусот на тековните активности и количините на отпад. Чистењето на малата депонија започна пред точно две години и тогаш беше најавено дека ќе трае најмногу година ипол. Од Министерството велат дека процесот е комплексен и зависи од многу фактори, меѓу кои и некои неочекувани настани како ископувањето на одредени количини на жива, кои наметнаа потреба од примена на посебни мерки и активности, а со тоа и пролонгирање на одредени активности поврзани со ремедијацијата.

Одложувања имало и кај транспортот на контаминираниот отпад, од причина што постројките во Германија и Франција не биле во можност да го спроведат спалувањето на отпадот според предвидениот план на работа.

„Причина која влијаеше на временската рамка е административниот процес на обезбедување меѓународни дозволи за транспорт низ транзитните земји. Независно, сепак динамиката на реализација на активностите во 2023 година беше стабилна, и следствено позитивен прогрес очекуваме и во 2024 година, кој воедно, целосно ќе биде во склад со Планот“, велат од МЖС.