Чистењето на линданот во ОХИС паузира веќе шест месеци, малата депонија нема да се заврши ниту годинава

Министерството за животна средина минатата година најави дека чистењето на четвртиот дел од малата депонија ќе продолжи од овој месец, но сега и тој термин се поместува за средината на март

Фото: Мета.мк

Чистењето на токсичниот линдан во ОХИС паузира веќе шест месеци. Во август лани заврши ископувањето на третиот дел од малата депонија и од тогаш работите се во мирување. Министерството за животна средина минатата година најави дека чистењето на четвртиот дел од малата депонија ќе продолжи од овој месец, но сега и тој термин се поместува за средината на март.

Причините за доцнењето се слични како и тие минатата година, кога исто така имаше повеќе месечна пауза во чистењето на опасниот отпад меѓу вториот и третиот лот. Иако се работи за истата депонија, секој нејзин дел е предмет на административни процедури, кои, очигледно се долги и комплицирани. Според информации од Министерството, админстративната процедура за четвртиот лот сè уште трае. До скоро немаше ниту доволно пари во Мултипартнерскиот фонд што го раководи УНОПС за довршување на чистењето. Пред еден месец министерката за животна средина, Каја Шукова информираше дека се обезбедени 2,5 милиони евра, дел од домашниот буџет, а дел се од донатор, со што се затвора финансиската конструкција за завршување со оваа жешка точка.

„Чистењето на четвртиот лот сè уште не е започнато. Компанијата Полиеко треба да го достави Планот за ремедијација до Министерството за животна средина и просторно планирање, по што истиот ќе треба да биде одобрен. Се предвидува чистењето на четвртиот лот да започне во средината на месец март 2024 година“, стои во информацијата од Министерството.

Чистењето на малата депонија со линдан започна во март 2022 година, а според првичните најави требаше да заврши за најмногу 18 месеци, или до крајот на минатата година. Сепак, темпото на работите укажуваат дека опасниот отпад нема набрзо да си замине од Скопје. Од Министерството велат дека со оглед на долгите паузи меѓу два лота, малата депонија нема да може да биде исчистена ниту до крајот на оваа година. Лани, во чистењето на третиот лот, кој заврши во август, беа извезени и уништени 525 тони на HCH отпад и 42 тони на земја контаминирана со HCH.

„Останатите количини од 168 тони на земја контаминирана со HCH во осум контејнери се очекува да се извезат и уништат до втората недела од април годинава. Динамиката на извозот е условена од расположливите капацитети на постројката за спалување, поточно три контејнери ќе се извезат на 13 февруари, три во првата недела на март и два во првата недела на април“, информираат од Министерството.

Според професорот Трајче Стафилов, кој има посветено повеќе научни трудови на историскиот отпад во земјава, меѓу кои и тој од ОХИС, гама изомерот на HCH, односно линданот, кој се користел како инсектицид е најтоксичен од сите изомери. Во фабриката, делта изомерот се депонирал на малата депонија, а алфа и бета изомерите како смеса, во големата депонија. Во еден дел од малата депонија при ископувањето беше откриена и мала количина на жива, но од министерството велат дека оттогаш не е откриен нов случај на присуство на други загадувачи материи, освен HCH.

Малата депонија со линдан има околу 13.000 тони, додека во големата депонија се претпоставува дека има околу 50.000 тони линдан. Исто така, депонијата во месноста Пеленица кај Драчево исто така содржи огромни количини опасен отпад, околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.