Продолжи чистењето на линданот од малата депонија на ОХИС. По повеќе од шест месеци прекин во работите на терен, месецов конечно беше финализиран Планот за ремедијација подготвен од компанијата Полиеко и ископувањето на опасниот отпад продолжи во третиот лот од депонијата. Како што информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање, во овој дел од депонијата треба да се исчистат околу 525 тони на HCH отпад и 210 тони на земја контаминирана со HCH. Според предложената динамика на работа, тоа ќе биде завршено до крајот на годинава.
„На владината седница одржана на 6 јуни министерот за животна средина и просторно планирање беше задолжен да донесе решение за одобрување на планот за ремедијација за Лот 3. Решението за одобрување на планот за ремедијација за Лот 3 беше донесено на 9 јуни, а чистењето започна на 12 јуни“, информираат од Министерството за животна средина.
Во првите два дела од депонијата, од почетокот на чистењето во април минатата година, досега се извезени и уништени 957 тони на HCH отпад и 127 тони на земја контаминирана со HCH. И новите количини опасен отпад што сега се чистат ќе се извезуваат во истите земји. Линданот ќе се уништува во инсенератор во Франција, а земјата во Германија.
Од Министерството не прецизираат кога целосно ќе заврши расчистувањето на малата депонија со линдан. Првичниот рок што предвидуваше опасниот отпад да биде извезен до крајот на годинава, поставен на почетокот на процесот, очигледно е дека нема да се запази заради неколкумесечниот застој во работите. Засега нема нема ниту нови моменти околу можноста за чистење и на големата депонија, а институциите немаат ниту одлука за чистење на третата депонија со линдан, Пеленица, која се наоѓа надвор од дворот на некогашната хемиска индустрија.
Во големата депонија се претпоставува дека има околу 50.000 тони линдан, а депонијата во Пеленица, пак, исто така содржи огромни количини опасен отпад, околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло. Високите концентрации на HCH во Пеленица се детектирани во покривниот слој земја, на длабочина помала од 20 сантиметри, а на длабочина од само половина метар е најден чист линдан. Во ОХИС до неодамна беа складирани и 64 тони на десетици други опасни хемикалии, кои за две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа извезени на уништување во повеќе држави.