fbpx

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соза во вторникот рече дека земјата ја презема целосната одговорност за грешките од минатото, додавајќи дека злосторствата, вклучително и колонијалните масакри, имаат трошоци

-

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо тоа ќе се фокусира на продлабочување на меѓународната соработка „заснована на помирување на братските народи“, пренесува Гардијан.

Активистите долго време апелираат до Португалија да се осврне на нејзиното минато како европска земја со најдолга историја во трговијата со робови.

Помеѓу 15-тиот и 19-тиот век, речиси шест милиони Африканци биле киднапирани и насилно пренесени преку Атлантикот со португалски бродови. Оние кои го преживеале патувањето биле поробени и принудени да аргатат на американските плантажи, главно во Бразил, додека Португалија и нејзините институции профитирале од нивниот труд.

Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соза во вторникот рече дека земјата ја презема целосната одговорност за грешките од минатото, додавајќи дека злосторствата, вклучително и колонијалните масакри, имаат трошоци.

„Трошоците треба да ги платиме. Дали има дејствија што не беа казнети и одговорните не беа уапсени? Дали има стока што беше ограбена и невратена? Ајде да видиме како можеме да го поправиме тоа“, изјави Ребело де Соза.

Тој рече дека репарациите може да се направат со откажување на долговите на поранешните колонии или со воведување кредитни линии, финансиски пакети или специјални програми за соработка.

Неговиот повик беше одбиен од новата португалска коалициска влада на десниот центар.

Во изјава за португалската новинска агенција Луса, од владата рекле дека сакаат да ги продлабочат „меѓусебните односи, почитувањето на историската вистина и сè поинтензивната и блиска соработка, заснована на помирување на братските народи“.

Во изјавата на владата се вели дека нема никаков процес или програма за конкретни активности за исплата на репарации, и дека оваа линија ја следеле и претходните влади.

Односите со поранешните колонии од португалската влада ги опишале како одлични, истакнувајќи ја соработката во области како образованието, јазикот, културата, здравството и економијата.

Колонијалната ера на Португалија траеше повеќе од пет века, со Ангола, Мозамбик, Бразил, Зелен ‘Рт, Сао Томе и Принсипе, Источен Тимор и некои азиски територии кои беа подложени на португалска власт.

Деколонизацијата на африканските земји и крајот на империјата во Африка се случија неколку месеци откако португалската „Револуција на каранфилите“ на 25 април 1974 година ја собори најдолгата фашистичка диктатура во Европа и ја воведе демократијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Кампања за вдомување кучиња – „ајде да ја испразниме Лајка“

Миа, Нестор, Росалита, Симба, Венко, Бетси, Чип, Чендлер, се само дел од 40-те кучиња кои веќе подолг период се наоѓаат во ЈП „Лајка“. Претпријатието започна кампања со цел да...