УКИМ се држи „за влакно“ – останува на 1.990 место меѓу 2.000 најдобри универзитети во светот

УКИМ е единствениот македонски универзитет кој се наоѓа на рангирањето на CWUR, а се држи на истата позиција како и минатата година. За пет години (од 2019), УКИМ на листата паднал за дури 174 места

фото: Мета.мк

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) останува на 1.990-то место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2024 година, што денеска ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR).

Станува збор за ранг-листа која CWUR ја објавува секоја година, а при рангирањето, универзитетите и колеџите ги оценува според четири фактори: образование, можност за вработување, настава и истражување.

Годинава биле рангирани вкупно 20.966 високообразовни институции, што ја прави листата најголемото академско рангирање на универзитетите во светот. Од сите институции, на конечната листа се најдоа најдобрите 2.000.

УКИМ е единствениот македонски универзитет кој се наоѓа на рангирањето на CWUR, а се држи на истата позиција како и минатата година. Во споредба со претходните рангирања, УКИМ бележи пад од 26 места во споредба со 2022 година кога беше на 1.964 место. Доколку се спореди со 2021 година, пак, тогаш падот е за 46 места. За пет години (од 2019), УКИМ на листата на CWUR паднал за дури 174 места.

Континуираниот неколкугодишен пад на најголемиот македонски универзитет годинава стагнираше, но доколку продолжи, УКИМ може сосема ќе исчезне од листата на 2.000 најдобри универзитети во светот.

Рангирање на УКИМ на CWUR

Каде се универзитетите од регионот?

Од земјите од соседството, Србија и годинава има четири високообразовни институции меѓу најдобрите светски универзитети. Од нив, најдобро рангиран е Белградскиот универзитет, кој се најде на 376 место, што е пад од 14 позиции во однос на лани. На оваа листа се и универзитетите во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.

Од Бугарија се рангирани два универзитета (Софискиот на 1.020 место и Медицинскиот универзитет Софија на 1.468 место).

Грција и годинава е на листата со 12 универзитети, додека од Хрватска на рангирањето на CWUR се најдоа 4 високообразовни институции.

На листата и годинава не се најде ниту еден универзитет од Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Петте најдобро рангирани универзитети во светот, според листата на CWUR, и годинава се универзитетите Харвард, МИТ, Стенфорд (од САД), Кембриџ и Оксфорд (Велика Британија).

САД, всушност, доминираат на листата на CWUR, со осум свои претставници меѓу десетте најдобри универзитети и се најзастапена земја со 329 универзитети.

Бројот на кинески универзитети во првите 2.000 најдобри изнесува 324, по што следува Јапонија со 110 институции.

Центарот за рангирање на светските универзитети се опишува како водечка консултантска организација која на владите и универзитетите им обезбедува совети за политики и консултантски услуги  за подобрување на образовнието и истражувањето.

И додека УКИМ, на разни листи котира на разни позиции, никако не може да стигне до Шангајската.

Веројатниот нов премиер Христијан Мицкоски, чија партија победи на парламентарните избори на 8 мај, во предизборниот период рече дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е еден универзитет од Македонија да биде „во првите илјада на Шангајската листа“ и со тоа да се зголеми квалитетот на високото образование.

Оваа цел се чини ќе биде тешко остварлива. Ниту еден македонски универзитет досега не се нашол на Шангајската листа, која се смета за најважно академско рангирање на универзитетите во светот.