Бугарскиот в.д. премиер Димитар Главчев и бугарскиот претседател Румен Радев реагираат на вчерашната инаугурација на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која, додека ја даваше свечената изјава во Собранието не го кажа уставното име на државата, туку употреби само „Република Македонија“. Реакции претходно пристигнаа и од меѓународната заедница, во контекст на тоа дека станува збор за прекршување на Преспанскиот договор.
„Бугарија не прифаќа изјави и однесување кои се во спротивност, како со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, така и со договорите меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија (РСМ)“, гласи ставот на Главчев.
Со ист став е и бугарскиот претседател Радев, кој изјави дека Република Северна Македонија е земја членка на НАТО, од што произлегуваат соодветни обврски и одговорности.
„Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се реализираат. Потсетувам дека РСМ е земја членка на НАТО, од што произлегуваат соодветни обврски и одговорности“, изјави бугарскиот претседател.
Радев дополнува дека европската перспектива на РСМ зависи од стриктното спроведување на меѓународните договори од кои земјата е дел, како и од Преговарачката рамка одобрена од Европскиот совет во 2022 година.
„За информација на одговорните институции во РСМ, таа нема да биде ревидирана“, вели Радев.
Вчера грчките медиуми ги наполнија своите насловни страници со потегот на Сиљановска Давкова која не го кажа уставното име на државата, а реакција пристигна и од претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, која порача дека Северна Македонија треба да продолжи со приспатувањето во ЕУ преку спроведување на реформите и почитување на склучените договори, меѓу кои и Преспанскиот.
Официјална реакција стигна и од Министерството за надворешни работи на Грција.
„Овој чин е флагрантно кршење на Договорот од Преспа и Уставот на нашата соседна земја, кој е усогласен со меѓународните обврски на Северна Македонија. И покрај приговорите што ги искажа како опозициска партија при ратификацијата на Договорот од Преспа, актуелната грчка влада како ратификуван го почитуваше меѓународниот договор, кој преовладува над секоја друга законска одредба“, стоеше во соопштението од грчкото Министерство за надворешни работи.
Амбасадорката на Грција во Северна Македонија, Софија Филипиду, која беше поканета на седницата на Собранието за положување заклетва на Гордана Силијановска, си замина во знак на протест кога Сиљановска Давкова наместо „Република Северна Македонија“, кажа „Македонија“.
Го прекрши ли Сиљановска Давкова Преспанскиот договор – реакции од меѓународната заедница