Руските сили тврдат дека влегле во североисточниот пограничен град Вовчанск, во близина на вториот најголем град во Украина, Харков, пишува Би-би-си.

Русија ги интензивираше своите напади врз регионот по ненадејните упади во петокот преку границата, заземајќи најмалку девет села и населби. Ова претставува еден од најзначајните копнени напади од целосната инвазија на Украина која трае од февруари 2022 година.

Илјадници цивили побегнале кон Харков, а меѓу украинските команданти постои загриженост за тоа што би можело да се случи доколку руските сили влезат во артилерискиот домет на градот.

Украинската армија соопшти дека Русија распоредила „значајни сили“ – до пет баталјони – во својата најнова офанзива, признавајќи дека имала „тактички успех“.

Но, во соопштението, армијата тврди дека Русија изгубила повеќе од 100 војници во еден ден, додавајќи дека презема чекори за одбивање на напредните сили.

Вовчанск, кој се наоѓа на 74 километри од Харков, беше бомбардиран во последниве денови, а властите во околниот регион велат дека мета на Москва се сега населени места.

Регионалниот шеф на Харков, Олех Синиехубов, рече дека Русија се обидува да ја прошири линијата на фронтот со напаѓање во мали групи во нови насоки.

Тој за локалната телевизија изјавил дека украинските сили ги задржуваат руските војници, но предупреди дека борбите би можеле да се прошират во нови населби.

Речиси 6.000 луѓе се евакуирани во регионот, рече тој, додавајќи дека 30 населени места биле погодени од минофрлачки или артилериски гранатирања.

Иако се смета дека со овој руски прекуграничен упад сè уште е малку веројатно да може да го заземе Харков, нивниот постепен пристап на оваа нова, североисточна линија на фронтот само ја зголемува вознемиреноста кај оние што живеат таму.

Фрустрираните украински војници изјавиле за Би-Би-Си дека руските војници можеле да „влезат“ во регионот поради недостаток на одбрана.

Недалеку од Харков, две лица загинаа при гранатирање во градот Доњецк во источна Украина, кој е под руска контрола, тврди градоначалникот поставен од Русија. Украина не го коментираше овој инцидент.

Русија, исто така, соопшти дека соборила преку 30 украински беспилотни летала над неколку региони во Крим.

Ова се случува откако руските власти соопштија дека најмалку 15 лица загинале кога дел од станбен блок паднал во рускиот пограничен град Белгород кога бил погоден од фрагменти од украинска ракета која била соборена.

Украински безбедносен извор изјавува дека украинските сили нападнале нафтен терминал и електрична трафостаница во западна Русија.