Концерт на Мизар и хорот „Хармониси“ в недела во Филхармонија

Култниот македонски бенд ќе биде придружен од македонскиот византиски хор „Хармониси“, предводен од проф. Ристо Солунчев, како и од група free jazz музичари, предводена од Дени Омергаиќ

Извор: ImagePR, Екотип

В недела во Филхармоијата ќе се одржи еден многу необичен концерт, полн со добро познати звуци претставени во ново светло. Станува збор за концерт на Мизар, култната македонска дарквејв група, која овојпат ќе биде придружена од македонскиот византиски хор „Хармониси“, предводен од проф. Ристо Солунчев, како и од група free jazz музичари, предводена од Дени Омергаиќ, кој служи како аранжер и диригент на насапот.

„Ова ќе биде почеток на некое ново откровение. Идејата за проектот беше од поодамна, кога случајно, минатата година, ми се јави Зоран Митровиќ. Ја прифатив. Со оглед дека ‘Хармосини’ се главниот вокал, моравме да се сконцентрираме на византиската, поцрковната страна на Мизар. Има песни од сите албуми, а изборот го направи Дени Омерагиќ“, рече Чаповски на прес-конференцијата за најавата на концертот.

Професорот Солунчев коментираше на глаткоста на комбинирањето на звукот на својот хор со музиката на Мизар.

„На почетокот гледавме како да се вклопи хорот и на крајот излезе дека е природно да постои во рамки на сите песни кои ќе бидат изведени. Ние сме задолжени за идејата на византиската музика што е присутна кај Мизар. Оттука и мислам дека не е нешто комплицирано да се спои византиски хор со музиката на Мизар“, вели Солунчев.

Концертот е организиран од македонската компанија ЕКОТИП, во соработка со ЧУВ-ДЕ-ЧУВ.

„ЕКОТИП, во своето 26-годишно постоење, секогаш ги поддржувал иновациите, одржливиот развој но и вистинските и трајни вредности. Главен мотив за иницирање и поддршка на овој, за многумина долгоочекуван настан, е нашата мисија за негување и промоција на културата како ‘ѕвезда водилка’ и двигател на алтернативните начини на размислување, креативност и севкупното воздигнување”, изјави основачот и сопственик на ЕКОТИП, Илија Андреевски.