fbpx

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Габов и Карелин се дел од уште еден случај во кој новинари се уапсени во услови на репресии на руската влада против неистомислениците и независните медиуми, а кои се интензивираа по инвазијата врз Украина

-

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан.

Новинарите Константин Габов и Сергеј Карелин ги негираа обвиненијата, поради што ќе останат во притвор најмалку два месеца пред да започнат судските процеси. Секој од нив се соочува со казна од минимум две, а најмногу шест години затвор, поради наводно „учество во екстремистичка организација“.

Тие двајца се обвинети дека подготвувале материјали за канал на Јутјуб воден од фондацијата на Навални за борба против корупцијата, а кој е забранет од руските власти. Габов е хонорарен продуцент кој работел за повеќе организации, меѓу кои и Ројтерс, додека Карелин работел за голем број медиуми, вклучувајќи го и Асошиејтед Прес. Бил снимател во Дојче Веле пред Русија да го забрани германскиот медиум на својата територија во февруари 2022 година.

Габов и Карелин се најновите новинари кои се уапсени во услови на репресии на руската влада против неистомислениците и независните медиуми, а кои се интензивираа по инвазијата врз Украина пред повеќе од две години. Руската влада усвои закони со кои се криминализираат, според неа, лажните информации за војската или изјавите што се сметаат за дискредитирачки кон војската, со што практично се забранува секоја критика за војната во Украина и секој говор што отстапува од официјалниот наратив.

Приведен е и новинарот на руското издание на магазинот Форбс, Сергеј Мингазов, под обвинение за ширење лажни информации за руската војска.

Руското задушување на различното мислење е насочено кон опозициските фигури, новинарите, активистите, членовите на ЛГБТ заедницата и граѓаните што го критикуваат Кремљ.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сатирична објава – личните документи ќе се менуваат и по смената на власта

Граѓаните со стари патни исправи со името Република Македонија не може да патуваат и да ги поминат македонските гранични премини. МВР информираше дека оние граѓани кои имаат двојно државјанство...