fbpx

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Архивата е преполна со предмети, а реновираните простории имаат поглед кон цело Скопје, како симболично да прикажуваат дека оваа Агенција за слободен пристап будно ја следи отчетноста на сите оние кои се финансираат од јавни пари. Но, секако, патот не е лесен - молчењето на институциите останува проблем, и покрај сите напори за искоренување на оваа појава - 60 проценти од жалбите се поради молчење на администрацијата

-

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град во државата?

Ова се само дел од прашањата кои граѓаните можат да ги искористат и да добијат одговори, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Секоја институција која располага со јавни пари, согласно законот, е должна да одговори на поднесените барања од граѓаните, невладините организации, новинарите и сите физички и правни лица во рок од 20 дена. Целта е едноставна – институциите да бидат транспарентни и отчетни пред јавноста.

Доколку некоја институција не одговори на барањето во рок од 20 дена или пак барателот не е задоволен од одговорот, се поднесува жалба до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, која понатаму има надлежност да ја задолжи институцијата да постапи по барањето, ако истото е од јавен интерес и претставува јавна информација. Доколку информацијата не се добие, постои можност за тужба до Управниот суд.

Околу 60 проценти од жалбите се поради молчење на администрацијата

Мета.мк беше во посета на Агенцијата. Сместени на 14. кат во зградата на МРТВ, а 18-те вработени ги начекавме со полни раце работа. Архивата е преполна со предмети, односно со жалби, а реновираните простории имаат поглед кон цело Скопје, како симболично да прикажуваат дека оваа Агенција будно ја следи транспарентноста и отчетноста на сите оние кои се финансираат од јавни пари. Но, секако, патот не е лесен – молчењето на институциите останува проблем, и покрај сите напори за искоренување на оваа појава – 60 проценти од жалбите се поради молчење на администрацијата односно за непостапување на барањата од граѓаните, новинарите, невладините организации…

Фото: Мета.мк

Па така, во текот на 2023 година, според годишниот извештај на Агенцијата, биле доставени вкупно 453 предмети / жалби, поднесени против управни и реални акти на првостепените органи, или поради т.н. молк на управата. Против непостапување на имателите на информации по барања за пристап до информации од јавен карактер се поднесени 277 жалби (61%), што зборува за благо зголемување на молкот од имателите на информации, за разлика од 2022 година.

Ваквата појава несомнено упатува на недоволната перцепција на дел од раководната структура во институциите – иматели на информации, за суштината и значењето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Оттука, може да се заклучи дека неопходно е Агенцијата да продолжи со ангажманот, посветеноста и синергијата меѓу административните службеници и раководството во остварувањето на визијата и мисијата на Агенцијата, со цел намалување, но и целосно искоренување на молкот на управата, се вели во годишниот извештај на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Нешто слично се констатира и во деталниот извештај на Фондација Метаморфозис, „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореност“.

Пристапот до информациите е клучна компонента на транспарентната и одговорна власт. Смислата на пристапот до информациите е да им овозможи на граѓаните да видат како работи власта, односно да бидат во можност да откријат корупција или да откријат недостатоци при креирањето на политиките. Во таа смисла, информациите што ги креираат и со кои располагаат јавните власти ѝ припаѓаат на јавноста. Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер пропишува обврска за имателите на информациите да одговорат на барањата за пристап до информации од јавен карактер (реактивен пристап), но содржи и одредби за проактивно објавување на информациите, односно самостојно објавување информации, познато како активна транспарентност, се вели во Индексот на отвореност.

Министерството за одбрана најтранспарентно, Министерството за политички систем најдолу на листата

Фото: Мета.мк

Пламенка Бојчева е директорка на Агенцијата од 2020 година, а нејзиниот мандат трае до крајот на 2025 година, односно шест години. Таа за овој период вели дека е задоволна од постигнувањата, и покрај сите предизвици со кои се соочуваат. Па така на пример, со новата веб страна, може со неколку кликови да се дојде до бараните информации.

Агенцијата треба да биде водечка институција во делот на проактивната транспарентност. Ако ја видите нашата веб страна ќе видите дека секое наше решение се објавува, имаме шест категории на решенија кои ги објавуваме, а меѓу другите се и документи за тоа колкава е платата на директорот, заменикот, до трошоците за службени патувања итн. Во законот стои, на пример, дека биографиите на функционерите се од јавен карактер, па токму затоа и целата моја професионална биографија е објавена, исто како и на мојот заменик, вели Бојчева за Мета.мк.

Во однос на другите институции, таа вели дека некои практикуваат да ги објавуваат бииографиите, но не сите.

Она што е поспорно е објавувањето на биографиите на членови на надзорни и на управни одбори. Ако имаме предвид дека надзорниот одбор во една институција одлучува за милионски суми, последователно треба да се види и биографијата на тој што одлучува. А тоа го немаме, па така најчест е проблемот кај овие органи, објаснува Бојчева.

Мониторингот за транспарентност што го изработува Агенцијата соодветствува со наодите на Индексот на отвореност на Фондацијата Метаморфозис.

Со оглед дека интернет-страниците, легитимно, се главниот извор на информации за работата на институциите, а притоа се алатка за најбрз, најлесен и најбезбеден пристап, мора да се забележи дека сè уште има институции од централната власт што не ги почитуваат насоките на Владата од 2021 година за објавување обврзувачки 22 информации во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ниту постапиле по заклучокот на Владата да ги објават сите информации систематизирани по области во согласност со Упатството за подобрување на транспарентноста на институциите во јавниот сектор. Со оглед на тоа што повеќето индикатори на Индексот на отвореност се однесуваат на интернет-страниците како извор на информациите, овој аспект се одразува значително на нивниот вкупен резултат и затоа некои од институциите се под просекот на исполнување на индикаторите, се констатира во Индексот.

Извор: Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореност

Според Бојчева, општините Валандово и Демир Хисар се најдобри во проактивната транспарентност и она што го објавуваат, а во делот на министерствата меѓу најтранспарентните се Министерството за одбрана, Министерството за земјоделство, мало опаѓање има кај Министерството за финансии, додека Министерството за политички состем и односи со заедниците е на „статус кво“ за нетранстапарентност.  Град Скопје, вели Бојчева, покажува намалување на трансперноста, и во однос на она што јавно го објавува на веб-страницата, но и во делот на постапувањата по барања за слободен пристап до информации.

Нешто слично се констатира и во Индексот на отвореност. Тој покажува дека од поединечното мерење на вкупно 36 институции, Министерството за одбрана е водечка институција во однос на исполнувањето на индикаторите на отвореност, а по неа следи Владата и МНР. Најдолу на листата на отвореност се Министерството за политички систем, Управата за финансиска полиција и Секретаријатот за европски прашања.

Индекс на отвореност: Министерството за одбрана на прво место по отвореност, министерството на Груби најдолу на листата

По бројот на поднесени жалби, од јавните органи на централно ниво, во 2023 година предничат Министерството за транспорт и врски, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за животна средина и просторно планирање.

На локално ниво, пак, најмногу жалби се поднесувани против Град Скопје, Општина Струга, Општина Охрид и Општина Неготино. Бројките на Агенцијата покажуваат нагорен тренд и во интересот за информациите кои ги создаваат и располагаат АД ЕСМ, ЕВН, јавните обвинителства, Судскиот совет, апелационите и основните судови и јавните претпријатија.

Извор: Годишен извештај за 2023 година на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер

Препораката што се потенцира во Индексот на отвореност е поради новите трендови и процеси на дигитализација што се случуваат во светот, а кои се наметнуваат како потреба и кај нас, очекувано е во скорешно време да се става акцент сè повеќе на активната транспарентност, која би требало значително да го намали бројот на поднесените хартиени барања за слободен пристап.

Оттука, ќе треба да се следат и најдобрите меѓународни и регионални практики во однос на времето на чекање за одговор на хартиено барање за слободен пристап, кое се движи меѓу 7 и 15 дена, и ќе биде потребно кај нас повторно да се интервенира во рокот, па од 20 дена да се намали времето на чекање на најмногу 15 дена, препорачува Фондација Метаморфозис преку Индексот на отвореност.

За да се процени времето на чекање по поднесено барање до институциите, Метаморфозис во текот на мониторирањето на отвореноста на институциите, пратило по едно барање за пристап до информации до сите 36 институции, од кои 27 институции (75 %) одговориле навреме во законскиот рок. Меѓу институциите што одговориле по законскиот рок се две министерства и тоа за култура и за здравство, и три извршни органи: Управата за финансиска полиција, Државниот инспекторат за техничка инспекција и Секретаријатот за европски прашања. Четири извршни органи премолчено го одбиле барањето за слободен пристап, односно воопшто не одговориле, и тоа Државниот архив, Бирото за судски вештачења, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Државниот пазарен инспекторат.

Граѓаните да го користат законот не од личен, туку од колективен интерес

Бојчева смета дека граѓаните сè уште не знаат како да го користат соодветно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, па така често го користат за свои лични цели, односно да дознаат до каде им е некој предмет за легализација и сл.

„Ние во ИПА 2 имавме проект токму за ова, но граѓаните не разбираат дека главната цел на законот е јавниот интерес и интересот на поширока заедница, а не нивниот личен интерес. На пример, за одреден предмет за легализација, треба да се бараат информации по други материјални закони“, вели Бојчева.

Друг дополнителен проблем е што доколку Агенцијата наложи на одредена институција да постапи по барањето за слободен пристап до информации, наместо имателот на информацијата (институцијата) да постапи, понекогаш се случува да ја тужи Агенцијата.

Фото: Мета.мк

„Ние само им наложуваме, им велиме, не сте постапиле, но ете, се случува и добиеме тужби против таквите решенија, најчесто од општините Струга и Охрид. Ние не им велиме – постапете вака или така, туку само постапете по законот. На пример, имавме девет тужби од ЕСМ, каде наместо да постапат по законот, ни доставуваат тужби. Дел од нив се во судски процес, а дел завршија во наша корист“, објаснува Бојчева.

Таа апелира до граѓаните да го користат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, но не од личен, туку од поширок интерес.

Граѓаните треба да поднесуваат барања од поширок интерес, а не од личен интерес. На пример, ако имаат сознанија за било какво коруптивно однесувување, без разлика дали станува збор за локалната самоуправа или ид централна власт, понатаму дали со одредена одлука може да се загрози животната средина или здравјето на луѓето. Дополнително, граѓаните треба да бидат запознаени со процесите уште пред да се донесе одлуката, бидејќи сите заедно сме попаметни и оттаму, тие треба да будат благовремено информирани за да знаат како да придонесат за решенија кои ги носат локалната и централната власт, вели Бојчева.

Основна нејзина е препорака е зголемување на транспарентноста, пред сè на проактивната транспарентност, што значи имателите на информации, односно институциите самоиницијативно, навремено и редовно да ги објавуваат информациите кои ги создаваат или со кои располагаат.

„На овој начин се остварува јавниот интерес, се овозможува увид во работата на јавниот сектор во целина, што придонесува кон донесување подобри одлуки и нивна подобра примена, се овозможува увид во трошењето на јавните буџетски средства и се зајакнува довербата на граѓаните во јавните институции“.

 

Подготовката на текстот е дел од проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Владата се поднови со 45 „Шкода суперб“ за 2,2 милиони евра

Склучен е договор меѓу Службата за општи и заеднички работи на Владата и Порше Лизинг ДООЕЛ Скопје за набавка на 45 моторни возила по пат на оперативен лизинг со...