fbpx

Индекс на отвореност: Министерството за одбрана на прво место по отвореност, министерството на Груби најдолу на листата

Наодите на Индексот на отвореност на „Метаморфозис“ покажуваат дека од поединечното мерење на вкупно 36 институции, Министерството за одбрана е водечка институција во однос на исполнувањето на индикаторите на отвореност, а по неа следи Владата и МНР. Најдолу на листата на отвореност се Министерството за политички систем, Управата за финансиска полиција и Секретаријатот за европски прашања

-

Министерството за одбрана е прворангирана институција во Северна Македонија и во регионот согласно Индексот на отвореност, додека на најниско ниво е Министерството за политички систем и односи со заедниците, покажува најновиот извештај на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

На денешниот панел „Преку институционална отвореност кон спречување на корупција”, како дел од „Отворен Форум за антикорупција“, беше промовиран регионалниот Индекс на отвореност. Станува збор за обемна длабинска анализа на работата на извршната власт (Влада, министерствата и извршни органи). Истражувањето за Индексот е спроведено во периодот од март до јуни 2023 година.

„Нешто што треба да се истакне како негативен тренд, е дека две министертва, во последните три години имаат континуиран пад на индексните поени, што нас нè зачудува, бидејќи после секое вакво истражување, им ги презентираме резултатите на иинституциите за да можат да научат каде грешат, да работат и да напредуваат. Нам целта ни е да ја унапредиме транспрентноста и отвореноста на институциите“, рече Данче Даниловска Бајдевска, програмска директорка во „Метаморфозис“, која ги презентираше наодите од истражувањето.

Славјанка Петровска, министерката за одбрана кажа дека фактот што Министерството за одбрана со кое таа раководи, е на прво место, ја прави горда.

„Овој успех не е само мој. Овде јас сум последната алка во синџирот. Имаме добар тим кој е посветен на оваа проблематика и приоритет ни е транспарентноста на министерството. Нашиот пристап е многу искрен и отворен. Многу е важно да постои законска регулатива која треба да ја следат и тоа постои. Радува фактот што сме прва институција по отвореност, но од 2020 година наваму откако сме членка на НАТО алијансата, во министерството за одбрана немало скандал со оддавање на информации кои се класифицирани. Тоа значи дека има правила и прописи кои се почтуваат“, рече во своето обраќање министерката Петровска.

Таа информира дека во Министерството за одбрана има правни акти и правилници за начинот на кои ги третираат информациите.

„Имаме и стратегија за комуникација, која се ревидира на секое две години. Она што е важно, освен што нашиот тим е посветен, вратите ги отворивме и за соработка со граѓанските организации. Кога пред неколку години бев во кабинетот на Министерството за внатрешни работи, имавме сериозен предизвик да го реформираме најчувствителниот сектор, безбедносно-разузнавачкиот. Во тој процес силен партнер ни беа граѓанските организации во нашата држава. И можеби токму тоа е причината за воспоставување на стандарди за работење. Граѓанските организации даваат решенија кои ние што сме во администрацијата не секогаш можеме да ги препознаеме. Затоа апелирам институците да соработуваат со граѓанските оргазиации“, порача Петровска.

Пламенка Бојчева, директорка на Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, напомена дека нивниот мониторинг и мониторингот на невладините организации, се прави со помош од меѓународни и домашни експерти.

Фото: Мета.мк

„Мониторинзите ги спроведуваме од 2018 година. Согласно методологијата, некои институции ги мониторираме цела година. Во рамки на стратегијата за реформа на јавната администрација, спроведуваме мониторинг секоја година на Владата, министерствата и органите во состав. Резултатите се слични на овие до кои дојде и „Метаморфозис“. Министерството за одбрана предничи во сите анализи по транспарентност. Споредбената анализа која ја направивме, покажува дека Министерството за одбрана е едно од ретките кое го одржува нивото, а кај другите министерства има флуктуација. Лани и оваа година заблежуваме драстичмно нагорна линија кај Министерството за земјоделие во делот на транспарентноста. Од општините, Валандово и Демир Хисар се најтранспаретни“, информира Бојчева.

Константин Битраков, асистент на Правниот факултет при УКИМ, зборувајќи за транспаретноста и отвореноста на институциите, кажа дека постои отуѓеност меѓу актите кои се усвоени и она што се спроведува во практиката.

„Зошто е тоа така? Голем дел од овие акти, се подготвени со донаторска помош. Никој не вели дека таа е непотребна, но најчесто недостасува партиципативност од самите институции. Голем дел од податоците објавени од институциите, не се во отворен формат, зашто таква е практиката од пред неколку децении. Одиме наназад во процесот на отворање на институциите. Јавните претпријатија, акционерските друштва, се црна дамка, оти свесно или не, Владата не ја врши улогата на надзор. Не можеме да очекуваме дека само независните органи ќе вршат надзор. Недозволиво е да излезе премиерот и да каже дека директорите не му даваат информација колкава им е платата со образложение дека е тоа деловна тајна. Ако директорката не достави информација, тој треба да се разреши. Тој не може да биде опоменат, Владата не смее да се убедува со директорот и да го учи дека е тој должен да достави податоци“, рече Битраков.

Фото: Мета.мк

Инаку, Индексот на отвореност ги проценува перформансите на извршната власт во областа на добро владеење со тоа што се фокусира на четири области: пристапност, транспарентност , интегритет и ефикасност. Низ сите четири области се анализира еден заеднички домен – отворени податоци.

Наодите покажуваат дека од поединечното мерење на вкупно 36 институции, Министерството за одбрана (89,72%) е водечка институција во однос на исполнувањето на индикаторите на отвореност, а по неа следи Владата (79,14%) и Министерството за внатрешни работи (78,9%).

Најдолу на листата на отвореност во Северна Македонија се Министерството за политички систем и односи со заедниците (27,59%), Управата за финансиска полиција (37,08%) и Секретаријатот за европски прашања (38,89%).

Осум министерства (земјоделство, шумарство и водостопанство, здравство, економија, правда, култура, локална самоуправа, транспорт и врски и политички систем и односи со заедниците) се под просекот на министерствата коишто исполнуваат 61,58% од индикаторите на отвореност.

Вкупниот резултат на извршната власт достигнува највисока оцена од 60,44% во исполнувањето на индикаторите за транспарентност (јавна достапност на организациски информации, буџет и постапки за јавни набавки), а најниска оцена за ефикасност од 52,82 %.

Споредено помеѓу групите институции (Влада, министерства и извршни органи), најотворена е Владата, која исполнува 79,14% од поставените критериуми за отвореност. Следуваат министерствата коишто исполнуваат 61,58 % од индикаторите, а потоа извршните органи кои имаат најнизок резултат според Индексот (54,04 % исполнетост).

Во поткатегоријата пристапност (мерен е степенот на спроведување во практика на правото на пристап до информации, како и квалитетот на механизмите за вклучување и консултации при процесите на креирање на политиките), извршната власт остварува средна оцена од 52,94%. На средната оцена влијаат ниското исполнување на индикаторите на пристапност од страна на министерствата (41,54 %) и од извршните органи (41,96 %), кои се под вкупната просечна оцена. За разлика од нив, Владата исполнува 75,31 % од индикаторите на пристапност.

„Анализирано од регионален аспект резултатот на Северна Македонија е многу добар, бидејќи четири години по ред во регионот Владата е на првото место со исполнување на индикаторите. Но, со оглед на тоа дека резултатот стагнира неколку години по ред, иако сме најнапред во поглед на изработени стратегиски документи во областа на транспарентноста и отвореноста, потребно е засилено темпо во нивната имплементација“, се вели во документот.

Индексот на отвореност покажува дека Северна Македонија е прва земја во регионот која ја регулира политиката на отвореност преку посебен документ, Стратегија за транспарентност на Владата на Северна Македонија уште во 2019 година, а ја продолжи оваа практика и во 2022 година.

Во однос на препораките, наведено е дека сите извршни органи да имаат посебен дел на интернет-страницата со цел да овозможат активна транспарентност и директна интеракција со јавноста.

„Институциите да воведат внатрешни процедури што ќе ја унапредат транспарентноста, со воспоставени рокови и одговорни лица за споделување и ажурирање на информациите на интернет-страниците. Институциите задолжително да објавуваат годишни програми и извештаи за нивната работа. Владата треба да ги објави документите што се разгледуваат и дискутираат за време на седниците. Процесите на креирањето политики треба да се испланираат однапред и затоа е потребно тие да бидат предвидливи, односно годишните планови за консултации на засегнатите страни треба да се објават на интернет-страниците. Неопходно е да се воспостави контрола на квалитетот на јавните консултации“, наведено е во препораките.

Во препораките се вели дека фокусот на институциите мора да се насочи кон проактивно објавување на сите документи во најотворениот достапен формат. Следствено, интернет-страниците треба да заземат централна позиција во сите политики за отвореност на институциите со цел да ги подобрат достапноста, како и квалитетот на информациите, податоците и услугите.

Индексот на отвореност, достапен на македонски, албански и англиски јазик може да се преземе на овој линк.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...