четврток, 23 април, 2026
Meta.mk

Опфатот со МРП вакцината лани паднал на само 63 отсто – зголемен е ризикот од епидемии

Опфатот со прва доза МРП вакцината (мали сипаници, рубеола, заразни заушки) бележи намалување во 2025 година, достигнувајќи речиси 63 отсто, што е значително под препорачаниот опфат од 95 отсто на национално ниво, наведено е во последниот извештај што го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во време кога се одбележува Европската недела на имунизација.

„Во 2025 година, опфатот со МРП вакцината изнесува 62,7 отсто, што е далеку под препорачаното ниво за постигнување колективен имунитет и претставува јасен индикатор за недоволна имунизациска покриеност, со зголемена можност за епидемиско ширење на болеста“, потенцирано е во извештајот.

Иако бројките се загрижувачки среде одбележување на неделата на имунизација, одговорните во Министерството досега немаат официјално најавено некакви активности со кои би се зголемила свесноста за важноста на имунизацијата.

„Последен пат опфат над 90 отсто на МРП е регистриран во 2019 година (93,1 отсто), повторно како резултат на против епидемиски мерки, по што се забележува континуиран пад на опфатот. За разлика од првата доза, ревакцинацијата (втора доза) на МРП вакцината, слично како и кај останатите училишни вакцини, бележи зголемување во 2025 година во однос на 2024 година, при што опфатот изнесува 84,7 отсто (наспроти 79,1%)“, се наведува во извештајот.

Одговорните во ИЈЗ нотирале во извештајот дека нискиот опфат со задолжителната вакцинација, посебно со МРП вакцината, кој континуирано се одржува повеќе години, доведува до акумулација на осетливо население и значително зголемен ризик од појава и ширење на епидемии од вакцинопревентабилни заболувања, вклучително и мали сипаници.

Во меѓувреме, во соседна Бугарија, тамошното Министерство за здравство пред неколку дена објави дека вкупно 101 лице е заболено од морбили и дека 89 отсто од заболените се деца, а останатиот мал број пациенти се на возраст од 19 до 53 години.

Малите сипаници се многу заразна болест предизвикана од вирус, која лесно се шири кога заразено лице дише, кашла или кива. Може да предизвика тешка болест, компликации, па дури и смрт. Од малите сипаници можат да заболат сите, но најчесто се јавува кај децата. Малите сипаници го инфицираат респираторниот тракт, а потоа се шират низ телото. Симптомите на мали сипаници обично започнуваат 10-14 дена по изложувањето на вирусот. Исипот е најкарактеристичен симптом. Раните симптоми обично траат 4-7 дена. Тие вклучуваат течење на секрет носот, кашлица, црвени и насолзени очи (конјуктивитис), мали бели дамки во внатрешноста на образите.

Опфатот со ДиТеПер е 78,8 отсто

Опфатот со примарна вакцинација со 3 дози ДиТеПер/ИПВ вакцина за 2025 година, за целата држава изнесува 78,8 отсто, што исто така е далеку под просекот. Д-р Соња Ралева, спец. по општа медицина, од школскиот диспанзер на поликлиниката Бит Пазар, за Мета вели дека невакцинирањето може да доведе до враќање на вируси и тешки болести, кои, како што вели, не простуваат.

Фото: Д-р Соња Ралева, лична архива

„Намалување има и кај ДиТеПер вакцината. Со ваквиот опфат ние ризикуваме да се вратиме на старите болести, а посебно полиомиелитис, вирус кој се добива по респираторен капков пат и дава оштетување на `рбетот и на мозокот, а може да доведе до трајна инвалидност или смрт. Таков е вирусот, тој не простува. Лек нема, но затоа постои ефикасна заштита, вакцината“, вели д-р Ралева.

Според неа, проблемот со нискиот опфат на вакцинација е во општествените прилики и социјалното ниво кое го живееме.

„Недовербата во вакцините ја создава ширењето на лажни вести и дезинформации. До 1998 година сè си течеше нормално, немаше никако в проблем со низок опфат. Сега сите болести се припишуваат на вакцините, има дезинформации според кои тие се најголемо зло што го измислил светот. Поради тоа се случува родители да го ризикуваат здравјето на своите деца и воопшто да не дојдат во диспанзер. Сметам дека е потребни многу повеќе да се зборува на оваа тема бидејќи се плашат. Но стравот доаѓа од немањето доволно информации, а не затоа што се антиваксери“, смета д-р Ралева и додава дека се потребни сериозни кампањи за да се влијае на свеста кај родителите.

Потребна е итна работа на терен за да се зголеми опфатот

Во делот на препораки во извештајот, во врска со нискиот опфат со МРП вакцина, се препорачува да се спроведат итни и таргетирани интервенции за зголемување на опфатот, вклучително и масовни повици, теренски активности и засилена комуникација со родителите, за да се достигнат потребните 95 отсто опфат.

„Потребно е да се воведе редовен мониторинг на навременоста на вакцинацијата, а не само на вкупниот опфат, со цел рано детектирање на доцнења и пропусти во имунизацијата. Да се развијат и спроведат локално прилагодени комуникациски стратегии, посебно во подрачјата со низок опфат, со цел подобрување на перцепцијата на ризик и
зголемување на довербата во вакцинацијата. Да се зајакне соработката со образовните и предучилишните установи преку – континуирана проверка на вакциналниот статус при упис, организирање теренска вакцинација, доследна примена на мерките за прием само на комплетно вакцинирани деца“, наведено е во препораките.

Полицијата превентивно врши претреси на малолетници во скопските средни училишта

Министерството за внатрешни работи започнало да врши претреси на дел од учениците во сите скопски средни училишта наводно од превентивни причини, а целта била да се спречат „девијантни појави“. Ваквата пракса за Мета.мк ја потврдија од МВР потенцирајќи дека проверките се вршат во соработка со педагошко-психолошките служби. Информацијата ја потврди и директорот на скопската гимназија „Никола Карев“, Андреј Манолев. Од градските власти пак, под чија надлежност се средните училишта, велат дека на полицијата не ѝ треба дозвола за да влезат во училиштат и да вршат претреси.

„По претходно изготвен план, полициски службеници од СВР Скопје вршат проверки во содејство со психолошко-педагошките служби во училиштата на дел од учениците при влез во сите средни училиштата во Скопје“, одговорија од МВР. Оттаму додаваат дека „проверките се од превентивен карактер чија цел е спречување на девијатни појави, како и откривање на евентуално носење на наркотични средства и оружје“.

„Безбедноста во училиштата е еден од приоритетите на полицијата“, одговорија од МВР.

Директорот на гимназијата „Никола Карев“, за Мета.мк вели дека има вакви ненајавени претреси на одредено време, и тој лично смета дека тоа е во ред „заради безбедноста на сите“.

„Минатата година се случи кај еден ученик да биде пронајдено мало ноже за на пикник, но независно од тој случај, има вакви проверки од МВР и инспектори кои се случуваат ненајавено на одреден период. Лично сметам дека е во ред да се прави тоа превентивно, заради безбедноста на сите“, изјави директорот Манолев.

Се обративме и во град Скопје со прашања во однос на тоа врз основа на каква одлука се вршат вакви претреси на малолетни лица и кој и на кој начин избира кој ученик ќе биде претресен, но на овие прашања не добивме одговор. Прашавме и дали, со оглед на тоа што училиштата за средно образование се под ингеренции на градските власти, дали Град Скопје дал дозвола за вакви проверки на ранци на ученици. Оттаму одговорија за вакви активности на полицијата не ѝ треба дозвола од градските власти за да влезат во училиштата бидејќи таа се грижи за безбедноста.

„Конкретно за проверките во „Никола Карев“, станува збор за полициско-инспекциска контрола организирана од МВР, поточно од полициска станица Карпош. Но претреси не се случуваат само во оваа гимназија, туку вакви активности може да има и во други училишта. Целта на активноста е да се изврши превенција, да се спречи евентуални несакани ситуации. Град Скопје ги поздравува сите активности на институциите кои придонесуваат за поголема безбедност на сите средношколци“, информираат оттаму за Мета.

Како што дознава Мета.мк, овие проверки за дрога и оружје немаат поврзаност со протоколите на МВР кои беа воведени по серијата лажни дојави за поставени бомби во училиштата, кога најмногу на удар беа токму скопските средни училишта. Тогаш МВР престана да известува за тоа дали и каде има дојави за подметнати експлозивни направи во основните и во средните училишта, но и во останатите објекти во земјава, освен ако за тоа не одлучат стручни лица. Новите протоколи беа донесени со цел паниката и нервозата во јавноста да се сведат на минимум, а секојдневието на учениците, наставниот кадар и на родителите да биде без непотребни стресови.

Освен ова, функционираше и протокол кој се смета за доверлив. Според тогашните сведочења на образовниот кадар во училиштата, полицијата прави проверки пред почетокот на наставата, а во објектите не смееше да се влезе без најава. Истовремено, приватното обезбедување на образовните институции ги проверуваше надворешните лица и при влез и при излез од училиштето, а безбедносните камери требаше да бидат постојано вклучени.

Тирана блокирана, илјадници граѓани на протест бараат оставка од Рама

Илјадници граѓани вечерва се собраа во центарот на Тирана на протест за да го искажат своето незадоволство од владеењето на премиерот Еди Рама кој е на чело на државата од 2013 година. Протестот го организира опозицијата предводена од Сали Бериша и неговата Демократска партија на Албанија.

Протестот е во организација на опозицијата на чело со Сали Бериша | Фото: Мета.мк, 17.04.2026

„Долу!“, „Отстапи му пат на мирот“, „Наркокартелот ги таргетира децата, семејството, достоинството на албанската нација“, се само дел од транспарентите со кои вечерва на булеварот „Паднати борци на нацијата“ пред албанската Влада и пред зградата на канцеларијата на премиерот, дел од граѓаните искажаа револт од досегашното владеење. Централното подрачје на Тирана е блокирано и е под силно полициско обезбедување. Може да се забележат и специјалци со гас маски.

Опозицијата обвинува за корупција | Фото: Мета.мк, 17.04.2026 г.

Во своите говори, претставници на партијата обвинија за корупција во Владата, поради што бараат оставка на Рама. Во последните месеци во Албанија вакви протести ескалираа, односно протестирачите се судираа со полицијата, па се препорачува внимателност при движење низ центарот на градот.

Од ноќеска на полноќ цената за литар дизел гориво ќе изнесува 98 денари

Од ноќеска на полноќ цената на дизел горивото ќе изнесува 98 денари за литар, а цената на бензините 95 и 98 ќе изнесува 83,5 односно, 85,5 денари за литар, соопштија во Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Литар масло за горење екстра лесно 1 ќе чини 95,5 денари, а килограм мазут – 51,3 денари.

„Одлуката вклучува повластена стапка на ДДВ од 10% (освен за мазутот) и намалени износи на акцизите за дизел и бензин. РКЕ им укажува на нафтените компании да продолжат со постојната пракса и да го вкалкулираат обезбедениот попуст од страна на Владата со главниот добавувач ОКТА и да ги намалат малопродажните цени за 3 денари за литар за дизел и 2 денари за литар за бензините, со што ќе овозможат бенефитот од ова намалување директно да го почувствуваат граѓаните“, соопштуваат во РКЕ.

Бројот на случаи со меланом за 5 години пораснал за цели 116 отсто, а со рак на дојка за 40 отсто

Бројот на пациенти кај кои бил дијагностициран меланом (C43), во 2020 година изнесувал 237 лица, а во 2025 бројот пораснал на 514 лица, што е раст од 116,9 отсто, беше соопштено денеска на заедничката прес-конференција која ја одржаа претставници на Фондот за здравствено осигурување и на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Во врска со случаите на карцином на дојка, во 202 година имало 5.072 заболени пациенти, а во 2025 – 7.038, што е раср од безмалку 40 отсто. Кај случаите со карцином на бели дробови (C34), во 2020 година биле евидентирани 1.265 заболени пациенти, а птет години подоцна бројката изнесувала 1.743 лица, што е раст за 37,8 отсто.

Освен бројот на случаи, на прес-конференцијата беа презентирани и резултатите, вложувањата и идните планови во
унапредувањето на третманот на онколошките пациенти, а се зборуваше и за новата метода – воведување на современа стереотаксична радиотерапија, како високо прецизна техника за третман на специфични мозочни лезии.

„Во изминатите години, иако бројот на новодијагностицирани случаи (инциденца) останува релативно стабилен, вкупниот број пациенти (преваленца) бележи континуиран раст. Овој тренд е резултат на продолжениот животен век и значителното подобрување на третманите, што е директно поврзано со зголемените вложувања по пациент и воведувањето на современи терапии (имунотерапија, таргетна терапија и др.)“, наведено е во соопштението од Клиниката и ФЗО.

Кај карцином на дојка, (C50), бројот на нови случаи се движи од 800 до 1.000 годишно. Во врска со вложувањата по пациент, тие биле 42.586 денари (694 евра) во 2020 година, а во 2025 – 155.582 денари (2.538 евра), што е зголемување од 265 отсто. Просечното преживување е околу 7 години.

Во однос на карциномот на бели дробови (C34), годишно има меѓу 600 и 700 нови случаи, а вложувањата по пациент пораснале од 14.378 денари (234 евра) во 2020 година на 470.441 денари (7.668 евра) во 2025 година. Опфатот со имунотерапија е зголемен од 11,1 отсто во 2021 година на 48,5 отсто во 2025 година, а просечното преживување е над 2 години.

Во однос на меланомот, вложувањата по пациент се пораснати од 129.485 денари (2.112 евра) во 2020 година, на 1.059.413 денари (17.282 евра) во 2025 година, што е зголемување од дури 718 отсто. Просечното преживување е околу 3 години.

„Анализите покажуваат јасна и силна поврзаност меѓу вложувањата по пациент и вкупниот број пациенти кои живеат подолго, особено кај карциномот на дојка и белите дробови, а најизразено кај меланомот. Се поголем број пациенти живеат подолго и со подобар квалитет на живот, при што одредени малигни заболувања постепено се трансформираат во хронични состојби„, се потенцира во соопштението.

Во врска, пак, со финансиите на клиниката, во периодот од 2010 до 2020 година, буџетот се движел меѓу 8 и 12 милиони евра.

„Буџетот за 2026 година изнесува околу 3,5 милијарди денари, односно приближно 57 милиони евра, што е зголемување од 15,5 % во однос на 2025 година и значително зголемување од 73,6 % во однос на 2023 година. За 2026 година е предвидено зголемување на буџетот за лекови во онкологијата за 14,38 % во споредба со претходната година“, се додава во соопштението.

Оттаму информираат дека се воведени два нови лека за карцином на дојка со мутација PIK3CA, а зголемен е и опфатот со CDK 4/6 инхибитори за околу 50 %.

„Воведена е и нова генерациска терапија (ARI) за карцином на простата со зголемен опфат од околу 80 %, а зголемен е и опфатот со имунотерапија за околу 10 %. Во 2025 година, за првпат беа воведени шест нови лекови (ipilimumab, avelumab, durvalumab, dabrafenib, trametinib и darolutamide), а со дополнителните два лека во 2026 година, вкупниот број на новововедени терапии достигнува осум во период од две години“, се додава во соопштението од Онкологија.

Директорот на Метаморфозис, Бардил Јашари, одликуван со орден во име на претседателот Макрон

Во име на претседателот на Франција, Емануел Макрон, францускиот амбасадор во С. Македонија Кристоф Ле Риголер, му врачи орден Витез од Националниот ред за заслуги, на извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари.

Како што наведуваат од француската амбасада, со ова одликување се оддава почит на исклучителната посветеност на Јашари на демократските вредности, кои од 2005 година тој неуморно ги промовира преку формирањето на Фондацијата „Метаморфозис“.

„Борбата против дезинформациите и залагањето за заеднички соживот ги претставуваат двата столба на неговата дејност. Упатуваме искрени честитки до г. Бардил Јашари за ова престижно одликување, со кое се вреднува неговиот досегашен примерен пат и неговата суштинска улога во зацврстувањето на европските демократски вредности во Северна Македонија“, се наведува во објавата од Амбасадата.

Јашари искрено се заблагодари на Република Франција, на неговата екселенција, амбасадорот на Франција во Скопје, како и на сите со кои имал привилегија да соработува низ годините.
„Посебно сум благодарен на моите колеги во Метаморфозис, на моите пријатели, а пред сè на моето семејство. Ова признание го примам со благодарност, скромност и силно чувство на одговорност. Му благодарам на господинот амбасадор за неговите великодушни зборови и за церемонијата, која засекогаш ќе остане врежана во моето сеќавање“, рече директорот на Фондацијата Метаморфозис.

Повеќе од 40 тони необележени јајца од Србија уништени на Дрисла

Инспекциските служби и одделението за следење на измами со храна при Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во координирана соработка со Царинската управа, во текот на минатата недела успешно спречи обид за нелегален увоз на две пратки со неозначени јајца од Република Србија. Како што информираат во АХВ, врз основа на оперативни сознанија и повеќемесечно професионално следење на активностите на домашни увозници и извозници со јајца, на граничниот премин Табановце била спроведена акција во која при детална контрола откриени се над 572 илјади необележани свежи јајца, скриени зад првите палети со уредно декларирана стока.

„Во едната пратка пронајдени се 270 илјади, а во другата 302 илјади необележани јајца. Според сознанијата на АХВ, овие производи требало дополнително да се обележат и лажно да се пласираат како македонски, со што директно се загрозува и угледот и конкурентноста на домашното производство.
Благодарение на брзата, стручна и одлучна реакција на АХВ, спречена е сериозна измама и потенцијален ризик за потрошувачите. Вкупната количина од 40 тони и 410 килограми јајца е прогласена за небезбедна и е нештетно уништена на депонијата Дрисла“, се наведува во соопштението од АХВ.

Оттаму додаваат дека за вклучените субјекти во овој случај ќе бидат изречени соодветни мерки, а ќе следуваат и дополнителни проверки на нивното досегашно работење.

Предлог за притвор за 21 годишник кој пијан и без возачка дозвола смртно прегази пешак во Марино

Јавен обвинител доставил предлог за определување мерка притвор за 21 годишник, кој завчера смртно прегазил пешак во село Марино, информираат во Основното јавно обвинителство (ОЈО).

„ОЈО донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за  – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот вечерта на 24 март во Марино, управувал автомобил „КИА“ без да поседува возачка дозвола и под дејство на алкохол со концентрација од 0,94 отсто во крвта. Брзината на движење на возилото не ја приспособил кон сообраќајните услови и не обрнал внимание на пешакот Оливер Младеновски, кој веќе започнал да го преминува коловозот. Бидејќи не успеал навреме да запре, осомничениот со автомобилот удрил во телото на пешакот и му нанел тешки телесни повреди од кои тој починал“, информираат оттаму.

како што се додава во соопштението, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците или да стори ново кривично дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.

Околу 80 лица со симптоми на труење со храна откако јаделе во мензата на РЕК Битола

Осумдесетина лица вработени во РЕК Битола, со симптоми на труење со храна, вчера побарале медицинска помош, откако јаделе топли и ладни оброци во мензата во компанијата. Како што за Мета информира директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, до овој момент има 35 физички пријави во Центарот за јавно здравје. Лицата се пожалиле на дијареа, повраќање и малку покачена телесна температура.

„Бевме на терен до доцна синоќа, земавме мостри само од храната, а од работните површини и брисеви од вработените земаа колегите од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ). Со епидемиологот од Битола сме постојано во комуникација, не известуваат за состојбата. Анализите се во тек. Мострите од храна се засадени и утре очекуваме некакви првични резултати, кои ќе ни помогнат да се утврди причината за труењето. Вработените дента на мени имале лазањи и макарони со мелено месо, свински бут со натур сос, ќофте со доматен сос, пилешка супа, пире и кисело млеко“, информира Андоновска.

Во Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека откако добиле телефонска дојава за сомнеж за труење со храна во РЕК Битола, во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола, Институт за јавно здравје – Скопје и инспектори на Државниот санитеран и здравствен инспекторат, спровеле вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот кој вршел снабдување со храна на РЕК Битола.

„Во координирана акција, земени се мостри од храна и брисеви од работни површини, раце и нос на затекнати вработени лица во кујната. Согласно националниот протокол за постапување во случај на сомнеж за појава на  алиментарни инфекции и интоксикаци, кујната на операторот со храна е времено затворена, односно, дадена е забрана за вршење на дејност подготовка и послужување на храна од истата, се до завршување на инспекциската постапка и добивање на уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисеви. Наредено е вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување на вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица. Инспекциската постапка продолжува“, информираат оттаму.

 

 

Истражување на ЕСЕ: Корупцијата во здравството ретко се пријавува

„Детето мое имаше коскен тумор. Одам во нервохирургија, докторот ми вели дека снимката не била добра, да го снимам во Скопје и го прашав докторот ако треба да се плати, кажи ми. Потоа појдов кај друг доктор, и тој истото ми го рече и се вратив кај првиот доктор. Мажот ми појде во еден кафич и му ги даде парите на докторот. Откако му ги дадовме парите, веднаш се најде термин за операција, а претходно ми велеа дека нема термин, нема анестезиолог“.

Ова е сведоштво на жена, која споделила искуство за корупција, како дел од истражувањето кое го направило Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ, насловено како „Снаоѓање“ или корупција? Неформални плаќања, врски и подароци во здравствениот систем“. Истражувањето,  изработено во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, се реализира со поддршка од Expertise France, преку AFD – Agence Française de Développement.

„Во мојот случај беше отворено. Ми побараа 20 евра за да ме вметнат на листа за ултразвук“, рекла друга жена која е дел од истражувањето.

Борјан Павловски од ЕСЕ, на брифинг со новинарите истакна дека целта на истражувањето била да се адресира корупцијата преку зајакнување на граѓаните, здравствените работници, но и промовирање на родово одговорните политики и институционалниот одговор.

„Главниот фокус ни се жените, преку едукација, истражување и промоција, да можат дс ги препознаат формите на корупција за да се спротивстават и да застапуваат за намалување на корупцијата. Вториот фокус ни се здр работници – доктори, акушерки, исто да ги препознаат формите и да знаат како да пријават ако е потребно. Перцепцијата на жените е дека дел од здравствените работници сами иницираат дека нешто треба да се даде за да добијат одредена здравствена услуга. Пациентите даваат мито за здравствени услуги кои им следуваат како право. Нашето истражување покажа дека тоа се должи на недостатокот на ресурси – немање термини за преглед, долги листи на чекање, немање кадар. Тоа ги тера пациентите да одат на приватно да се лекуваат или да дадат нешто за да ја добијат услугата која им следува. По однос на гинеколошката заштита, жените кажаа дека мора да се даде нешто, посебно при породување“, рече Павловски.

Дарко Антиќ од ЕСЕ информира дека во истражувањето учествувале 1.040 испитаници во Прилеп, Битола, Куманово, Свети Николе, Штип, Тетово и Гостивар.

„Влезниот момент на корупција е коа станува збор за услуги што се однесуваат на специјалистички услуги. Се бара или дава мито најчесто за добивање термин за операција или болничко лекување. Лицата кои живеат во урбана средина се помалку подложни за разлика од оние во руралните, а мажите бараат повеќе мито во споредба со жените. Врските се нормализирани и се прифатени како дел од културата на живеење. Сите испитаници барале некаква врска за да дојдат до некаква здравствена услуга. Една 4 од жени опфатени со истражувањето, се соочиле со некаков тип на корупција, конкретно за гинеколошка услуга, овде влегува и недавањето фискална сметка, давањето подароци при породување и слично. Секоја петта жена кажала дека ќе даде мито само зашто е во улога на мајка или е во период на бременост или породување. Истражувањето покажа дека мито се бара најчесто пред да се добие одредена здравствена услуга“, кажа Антиќ.

Испитаниците сметаат дека, во однос на она што треба да се промени, е да има подобри контроли од ФЗО и од Министерството за здравство, да има казни за оние кои бараат мито, но и да се намали непотизмот и партиското влијание при вработување. Како крајна активност од проектот, е креираање препораки кои потоа ќе им се дадат на надлежните во форма на акциски план.

Jaшари: Поддршката што ја дава ЕУ во борбата со дезинформациите е многу важна

Дезинформациите не се само медиумски проблем, туку е тоа предизвик за нашата демократија и плус станува безбедносно прашање. Затоа поддршката што ни ја дава ЕУ во борба против дезинформациите е многу важна, истакна денеска Бардил Јашари, извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, на Конференција со социјалните партнери и организациите на граѓанското општество од С. Македонија. Во рамки на конференцијата која се одржа во „Јуроп хаус“, имаше сесија посветена на граѓанскиот сектор, слободата на изразување и борбата против дезинформациите, на која се дискутираше за улогата на граѓанското општество, медиумите и институциите во зајакнувањето на демократските процеси и спротивставувањето на ширењето дезинформации.

Покрај Јашари, излагања имаа и Јонут Сибиан, потпретседателот на Комитетот за следење на Западен Балкан при Европскиот економски и социјален комитет (EESC), Ирена Иванова од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Ања Босилкова-Антовска од Балканската мрежа за развој на граѓанското општество, како и Ана Петрушева, директорката за БИРН Македонија.

„Организациите од граѓанското општество често се нападнати, се нарекуваат странски платеници. Работиме во опкружување кое е непријателско и нема системски и содржински начин да се учествува во активностите поврзани со граѓанското општество, ниту има модел како може да се учествува. Што се однесува до секторот на медиуми – ние водиме наши медиуми и работиме напорно, не само да обезбедиме квалитетно новинарство, туку и да ја потврдиме улогата на медиумите во демократското општество. Мислам дека како медиуми, мораме да ја потврдиме и нагласиме нивната улога, за да им помогнеме на новинарите да се адаптираат на новите контексти во смисла на тоа како да ја користат вештачката интелигенција (ВИ), како да ја вградат во секојдневното нивно работење, како да користат податочни алатки. Ако сте професионален новинар и ако вашата работа е релевантна, единствен начин да го заземете местото во оваа севкупна врева е да се биде одново корисен“, истакна Јашари.

Зборувајќи за финансиската независност тој истакна дека не постои пазар за медиумите, а за независно новинарство има политички притисоци.

„Би рекол дека постои мека цензура. Има многу медиуми во нашиот регион кои функционираат со пари од бизнисите и владите. Во однос на дезинформациите, тие не се само медиумски проблем, туку е тоа предизвик за нашата демократија и плус станува безбедносно прашање. Едно наше поново истражување за ефектите на дезинформациите, покажа дека над 60 отсто од граѓаните разбираат кои се последиците од дезинформациите, но 40 отсто не знаат како да се справат со нив. Тие ја еродираат довербата на граѓаните во институциите“, истакна Јашари.

Според директорот на Метаморфозис, ЕУ ни го покажува патот со Демократски штит (Democracy Shield) кој е важен како што е важен и актот за слобода на медиумите.

„Ние треба да ја следиме ЕУ со мошне конкретни мерки, односно, да ја сообразиме нашата медиумска рамка, медиумската писменост. Поддршката што ја дава ЕУ за медиумска писменост е многу важна. Сега ние веќе секојдневно ги чувствуваме последиците и знаеме на кој начин делуваат оние кои што шират дезинформации и ги знаеме ефектите. И затоа мора да делуваме, да ја следиме ЕУ. Ако сакаме граѓаните да имаат доверба во државните институции и во демокртијата, тие мора да имаат точни информации. Тоа е единствениот начин“, потенцира Јашари.

Ања Болсилкова-Антовска посочи дека граѓанските актери и новинарите кои се занимаваат со чувствителни прашања и теми се сè почесто мета на напади и негативни кампањи. Таа нагласи дека во јавниот дискурс сè почесто се користи антиродова реторика со цел одредени организации да се прикажат како актери што работат спротивно на националните интереси. Според неа, ваквите наративи создаваат непријателска средина за работа на граѓанските организации и медиумите.

Како дополнителен проблем, таа ги посочи и таканаречените стратешки тужби против јавно учество (СЛАПП), кои се користат како средство за притисок врз новинарите и активистите. Болсилкова-Антовска предупреди дека неодамнешната пресуда против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) е загрижувачка бидејќи во неа се доведува во прашање дали новинар од организација на граѓанското општество може да се смета за новинар. Како позитивен чекор го оцени формирањето владина работна група која ќе работи на законски решенија за заштита од вакви тужби.

Јонут Сибиан оцени дека усвојувањето на стратегии и иницијативи за поддршка на граѓанското општество претставува значаен чекор напред. Тој нагласи дека Европската комисија го признава четвртиот сектор како клучен за заштита на европските вредности.

„Европската унија е како куќа со свои столбови, ако секојдневно ги уриваат тие столбови, на крајот ќе се урне и куќата“, истакна Сибиан.

Тој зборуваше и за важноста на платформите за граѓански дијалог преку кои организациите од регионот можат да учествуваат во процесите на постепена интеграција во ЕУ. Според него, потребни се и посилни механизми за заштита на граѓанскиот простор, за што Европската комисија веќе спроведува проценка на можностите. Сибиан предупреди и на предизвиците со финансирањето бидејќи значителен дел од европските средства се пренасочуваат кон поддршка на Украина.

Ирена Иванова од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија нагласи дека граѓанското општество и медиумите треба да работат заедно во одбраната на слободата на изразување и во борбата против дезинформациите. Таа посочи дека и во ЕУ се забележува намалување на граѓанскиот простор како и раст на дезинформациите и цензурата во одредени сектори.

„Живееме во сè повеќе поларизирани општества, па затоа медиумската писменост е клучна“, рече Иванова, која истакна дека дигитализацијата може да придонесе за поголема транспарентност и за обединување на гласот на граѓанските организации. Сепак, таа оцени дека во земјата сè уште недостасува посилна мрежа и поинтегриран настап на граѓанскиот сектор.

Ана Петрушева од БИРН предупреди дека дезинформациите се евтини и лесно се шират особено во дигиталната ера.

„Денес може да се создаваат и споделуваат стотици вести дневно, а секој што има компјутер и интернет може да се претстави како новинар“, рече таа.

Според Петрушева, медиумскиот пазар е силно поларизиран, а притисокот од рекламите често води до самоцензура кај медиумите бидејќи редакциите избегнуваат да известуваат критички за компании што ги финансираат. Таа нагласи дека голем дел од истражувачкото новинарство во земјата се финансира со донаторски средства кои во последниот период се намалуваат поради пренасочување на ресурсите кон Украина.

„Се соочуваме со големи предизвици и мораме да се бориме на повеќе фронтови“, кажа Петрушева и додаде дека економските притисоци врз медиумите се само еден дел од пошироката криза со која се соочува медиумскиот сектор.

Лекарска комора: 78 отсто од докторите биле изложени на насилство на работно место

Според анкета на Лекарската комора, дури 78 отсто од докторите во Македонија биле изложени на некаков вид насилство, од кои 80 отсто на вербално и 6,8 отсто на физичко насилство, информираат денеска оттаму, по повод 12 Март, Европскиот ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници.

Претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, смета дека кога еден лекар е нападнат вербално, физички или преку социјалните мрежи, не страда само поединецот, туку целиот систем и пациентите кои чекаат помош.

„Ние докторите не сме ваши непријатели, напротив, докторот е тој кој се бори за вашиот живот, во различни услови. Насилството и агресијата не се решенија за системските недостатоци “, изјави Гривчева Старделова.

И покрај измените на Кривичниот закон во 2023 година со кои нападот врз медицинско лице се третира како напад врз службено лице, очекуваните резултати изостануваат бидејќи речиси 70 отсто од нападите воопшто не се пријавуваат поради сложените процедури или перцепцијата на докторите дека тоа е дел од нивната работа.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, по Законот за здравствена заштита, лани се поднесени две кривични пријави за кривично дело „напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност“ за кои се пријавени тројца сторители. Едно дело се случило во Скопје, за кое се пријавени двајца сторители и едно дело во Штип.

Проф. д-р Карди Хаџихамза, член на Извршниот одбор на Комората, како психијатар предупредува на сериозноста на последиците по докторите од нападите.

„Последиците од насилството врз докторите се сериозни и вклучуваат психолошки стрес, анксиозност и прегорување, што многумина ги принудува да размислуваат за напуштање на професијата или заминување во странство, што дополнително го слабее здравствениот систем. За спречување на овие појави, неопходно е здравствените установи да воведат подобри безбедносни мерки – како обезбедување и видеонадзор, но и да се работи на подобрување на комуникацијата помеѓу докторите и пациентите и на едукација на пациентите“, истакна проф. д-р Хаџихамза.

Лекарската комора инсистира на брза институционална разрешница на секој инцидент и стопирање на дигиталниот линч врз лекарите, истовремено апелирајќи за подобрување на условите за работа преку зголемување на персоналот и подобра организација.

Подобрите безбедносни мерки, според членовите на Лекарската комора, треба да опфатат поголемо присуство на обезбедување, системи за видеонадзор и јасни протоколи за реагирање во случај на агресија. Исто така, треба да се работи на подобрување на комуникацијата меѓу докторите и пациентите.

„Кога пациентите се добро информирани за својата состојба и за процесот на лекување, нивото на недоверба и фрустрација се намалува. Во едукацијата на докторите треба да се посвети повеќе внимание на развој на комуникациски вештини. Исто така, се потребни и едукативни јавни кампањи за пациентите кои ќе ја подигнат свесноста за потребата од  почит кон здравствените работници и ќе придонесат за создавање на култура на меѓусебна почит’, велат во Комората. 

Македонија на дното во Европа по дневна консумација на овошје кај децата

Триесет и еден отсто од децата во Македонија имаат зголемена телесна тежина, а 13,7 отсто од нив живеат со дебелина, што е над европскиот просек (25 отсто и 11 отсто). Зголемената телесна тежина и дебелината е почеста кај момчињата во споредба со девојчињата, покажуваат наодите од студијата на Европска иницијатива за следење на дебелината кај децата (COSI), а за кои информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

„Наодите покажуваат сериозни предизвици поврзани со исхраната и телесната тежина кај децата од 6 до 9 годишна возраст во Македонија“, наведено е во студијата.

Како што се наведува, само 25 отсто од децата секојдневно јадат свежо овошје и ова е најниската дневна консумација на овошје во целиот европски регион.

„20 отсто од децата консумираат свеж зеленчук секој ден, што, исто така, е меѓу најниските нивоа во Европа“, пишува во објавата.

Солени грицки јадат 40 отсто од децата, што е најмногу во однос на државите вклучени во COSI студијата во Европскиот регион.

„Повеќе од половина, односно 51 отсто од децата редовно консумираат слатки грицки три или повеќе дена во неделата. 40 отсто од децата поминуваат повеќе од два часа дневно пред екрани (телевизија или електронски уреди). 63,3 отсто од децата пешачат или возат велосипед до училиште. Кај оние што живеат на растојание до 2 km, оваа навика ја практикуваат дури 89 отсто“, евидентирано е во наодите на студијата.

Во однос на физичката активност, исто така се наведува дека 94 отсто од децата секојдневно имаат најмалку еден час активна игра со умерен до силен интензитет.

„48,2 отсто активно спортуваат или танцуваат повеќе од два часа неделно. Во однос на спиењето, големо мнозинство, 88,6 отсто, спијат најмалку 9 часа навечер“, пренесува ИЈЗ.

Децата со зголемена телесна тежина и дебелина живеат во семејства чии родители имаат низок или среден степен на формално образование.

„Децата кои практикуваат навики кои поддржуваат здравје, живееле со родители кои имале повисок степен на образование. Постои ниска свесност кај родителите за препознавање на зголемената телесна тежина и дебелината кај нивните деца. За повеќе од половина од децата кои  живеат со зголемена телесна тежина и/или дебелина, родителите перципирале дека телесната тежина на нивните деца е во препорачани граници на „нормална телесна тежина“, пишува во студијата.

Според надлежните во ИЈЗ, ваквите наоди ја нагласуваат итната потреба од системски интервенции во училишната и семејната средина на децата, за да се промовира нивен здрав раст и развој.

„Интервенции се потребни и во други области. Реформулацијата на храната, информациите поврзани со храната, рекламирањето, урбаната околина и можноста за практикување безбедно движење и физичка активност се само дел од нив“, пишува во објавата.

Во интервју за Мета, д-р Игор Спировски од Институт за јавно здравје, зборувајќи на оваа тема, кажа дека родителите треба прво да ги прифатат патеките на однесување кои нема да промовираат дебелина.

„Треба да бидат свесни дека како се однесуваат тие, така се однесуваат и нивните деца. До еден период децата не можат сами да носат одлуки, туку го следат тоа што го прават родителите. А во однос на училиштната средина, каде што најмногу може да се делува, би препорачал следење на актите кои веќе се донесени, коишто веќе ги има донесено Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Институтот за јавно здравје срдечно помагаше да се донесат тие акти, правилници за стандардите на оброците и во градинки и во основно училиште, така што доколку ги следиме нив, мислам дека ќе ја подобриме ситуацијата. А надвор од училиштата, во заедниците во градовите во локалните средини и таму има многу што да се направи, така што тоа е веќе следно на кое треба да се фокусираат носителите на одлуки“, рече Спироски.

Масовна евакуација ќе биде неопходна на Блискиот Исток ако бидат нападнати нуклеарни централи

Масовата евакуација на градови низ Блискиот Исток може да стане неопходна доколку бидат нападнати цивилни нуклеарни централи и дојде до радиолошко ослободување, предупреди денеска Рафаел Гроси, генералниот директор на МААЕ, нуклеарниот инспекторат на ОН, пренесува „Гардијан“. 

Тој кажа дека има „силно чувство на фрустрација“ бидејќи договор меѓу САД и Иран за иранската нуклеарна програма не бил постигнат во неодамнешните преговори. Гроси присуствувал на разговорите обезбедувајќи техничка поддршка.

Отворајќи го состанокот на одборот, тој изјави дека дипломатијата „е тешка“.

„Употребата на сила е присутна во меѓународните односи од памтивек. Тоа е реалност, но секогаш е најмалку посакуваната опција. И понатаму сум убеден дека трајното решение на овој долгогодишен спор лежи на дипломатска маса кога станува збор за нуклеарните прашања. Дипломатијата е тешка, но никогаш невозможна. Нуклеарната дипломатија е уште потешка, но никогаш невозможна. Не е прашање дали, туку кога повторно ќе се собереме на дипломатската маса. Едноставно мора да го направиме тоа што е можно побрзо“, рече тој.

Гроси, осврнувајќи се на влијанието од тековните борби на Блискиот Исток, кажа дека не може да се исклучи можност за радиолошко ослободување со сериозни последици, вклучително и потребата за евакуација на подрачја.

„Дозволете да нагласам дека денешната ситуација е многу загрижувачка. Иран и многу други земји во регионот кои беа предмет на воени напади имаат оперативни нуклеарни електрани и нуклеарни истражувачки реактори, како и поврзани складишта за гориво, што ја зголемува заканата за нуклеарната безбедност“, кажа тој.

Гроси кажа дека Обединетите Арапски Емирати имаат четири оперативни нуклеарни реактори. И Јордан и Сирија имаат оперативни нуклеарни истражувачки реактори. Бахреин, Ирак, Кувајт, Оман, Катар и Саудиска Арабија исто така беа нападнати. Сите овие земји користат нуклеарни апликации и затоа, Гроси повикува на најголема воздржаност во сите воени операции.

Ученик во ООУ „Киро Глигоров“ донел нож на час, мајката со писмена изјава ја презела одговорноста

Ученик во ООУ „Киро Глигоров“ во Капиштец донел нож во својот ранец за време на наставата. За настанот реагираа родители на ученици од истото одделение, а информацијата е потврдена и преку вонредниот инспекциски надзор спроведен од Државниот просветен инспекторат (ДПИ). Според наодите од надзорот до кој дојде Мета, инспекторите непосредно по инцидентот кој се случил на 9 овој месец, биле во училиштето, а на состанокот присуствувале директорката Билјана Билбиловска, одделенската наставничка, специјалниот едукатор и рехабилитатор, како и училишниот психолог.

„Присутните истакнаа дека настанот се случил на почетокот од првиот час. При подготовка за час ученикот забележал остар предмет во неговиот ранец и го пријавил на одделенскиот раководител. Бидејќи бил видно вознемирен од неговото пронаоѓање, одделенскиот наставник го одзел истиот и го изнел ученикот надвор од училница за да го смири. По разговорот, откако се смирил, ученикот се вратил во училница, по што одделенскиот наставник ги информирал стручната служба и директорот. Родителите на ученикот се повикани во училиште. Психологот како одговорно лице за пријавување насилство, пополнил формулар за евиденција на насилство поради сомнеж за насилство носење остар предмет во ранец, а присутните истакнаа дека остриот предмет не бил злоупотребен од страна на ученикот, а внесување ваков премет во училиштето е спротивно на куќниот ред и кодексите“, пишува во извештајот на инспекторите. 
Како што се наведува, училишното раководство разговарало со родителите.
„Мајката изјавила дека по грешка, во брзање го ставила ножот во ранецот на нејзиното дете и дека ја превзема целосната одговорност, за што дала и писмена изјава своерачно потпишана следниот ден, на 10 февруари. Стручната служба ги советувала родителите да разговараат со нивното дете и да му укажат на одговорноста од ваквите недозволени постапки. Со родителите е договорено следниот ден повторно да дојдат на разговор во просториите на училиштето заради утврдување на понатамошни мерки и активности“, пишува во извештајот од ДПИ.

Истиот ден, на родителите им било врачено и писмо од стручната училчишна служба во кое се информираат дека има потреба од проценка за ученикот од релевантна институција кое ќе им помогне во давање поддршка и понатамошната работа со ученикот.

„Родителите биле информирани дека во наредниот период ќе бидат повикувани на советување еднаш неделно и дека стручната служба ќе продолжи да работи со ученикот“, се додава во извештајот.

Родители на ученици во истото одделение тврдат дека ова не бил прв инцидент поврзан со истото дете и дека, како што наведуваат, се соочувале со сериозни проблеми во однесувањето кои вклучуваат и претходни испади врз соученици, вербални закани, вознемирување и опструкции.
Мета се обрати и во училиштето „Киро Глигоров“. Оттаму добивме писмен одговор во кој се наведува дека училиштето постапило согласно законските прописи. Според нив, важно во ситуацијата е што во конкретниот случај не било утврдено заканувачко однесување кон други ученици ниту намера за повредување со ножот.
„Ученикот беше изваден од паралелката, настанот беше пријавен кај директорот, стручната служба, родителите и надлежните институции. Направен е увид од страна на ДПИ и советници од Бирото за развој на образование, при што е констатирано дека училиштето постапило согласно законските акти и интерните правилници. Изготвен е писмен план за поддршка кој вклучува индивидуална работа со психолог и специјален едукатор, засилена опсервација, работа со паралелката на социјални вештини и редовна комуникација со родителите. Преземени се и дополнителни превентивни мерки за безбедност, согласно утврдените процедури. Училиштето останува доследно во обезбедување безбедна, поддржувачка и инклузивна средина за сите ученици“, пишува во писмениот одговор од училиштето.
Директорката на училиштето, Билбиловска, доставила и известување за дете во ризик до МВР, односно во полициска станица Беко, а за истото ја информирала и јавната установа Меѓуопштинскиот центар за социјална работа (МЦСР), односно Службата за деца во ризик и судир со закон. 
За коментар во врска со овој случај беше прашана и министерката Весна Јаневска во гостување во поткастот „Претрес“, каде што таа потврди дека е запознаена со инцидентот.
„Таму веќе постапил Инспекторатот и тие ќе нè информираат, ќе состават записник ќе кажат што понатаму. Стручните служби може да работат со детето, но функционална проценка на детето е неопходна“, рече Јаневска додавајќи дека ако е сето ова точно, тогаш ќе треба дел од часовите детето да ги помине во друга установа. „Треба да има и образовен асистент, очигледно нема. Овој случај ќе продолжиме да го решаваме“, рече Јаневска.
Мета се обрати и во општина Центар во врска со овој случај и праша што општинарите преземаат во врска со случаите на насилство во училиштата.
„Во нашите училиштата се води евиденција за сите настани што се однесуваат на однесувањето на учениците, вклучително и евентуални случаи на врсничко насилство (булинг). Секој пријавен или забележан настан се разгледува согласно интерните протоколи и законски прописи, а училиштето постапува во соработка со стручната служба, родителите и надлежните институции. Наш приоритет како општина е создавање безбедни и квалитетни услови во наставата за сите ученици како и превенција преку едукативни и воспитни активности“, велат оттаму и додаваат дека општината и различни организаици организирале континуирана  едукација и усовршување на наставниците и стручните служби преку обуки и семинари.

Во општината напоменуваат дека после обуките кои се одржале на оваа тема изминативе години, наставниците и стручната служба имаат задолжение да направат дисеминација на останатиот наставен кадар.

„Во септември 2025 реализирана е и обука за меѓуврсничко насилство, конфликти и медијација преку Центарот за толеранција и доживотно учење, на кои присуствуваа директори и стручни соработници од сите основни училишта на територија на Центар“, додаваат оттаму.

Саем за образование и кариера утре и задутре во Сити мол

Утре и задутре, на 27 и 28 февруари, во просториите на Сити мол на втор кат ќе се одржи третото издание на Саемот за образование и кариера, настан кој го организира информативната студентска платформа Студентарија.

Оваа година на Саемот учествуваат 12 универзитети со над 100 факултети од Македонија, академии за дигитални и современи професии, како и компании што нудат пракса, работа и кариерен развој. Настанот е наменет за средношколци-матуранти, студенти и родители, со цел младите да добијат релевантни информации и директно да разговараат со претставници на високообразовните институции и бизнис секторот, пред да донесат одлука за својата иднина.

„Покрај изложбениот дел, програмата вклучува и панел-дискусии и работилници  посветени на кариерно советување и развој на вештини потребни на современиот пазар на труд. Ги покануваме сите медиуми да присуствуваат на отворањето и да го проследат настанот. Саемот за образование и кариера 2026 се реализира со поддршка од Шпаркасе Банка, Пивара Скопје и Волт. Настанот ќе биде отворен за посетители од 11:00 до 16:00 часот, двата дена. Влезот е
бесплатен за сите заинтересирани“, информираат во Студентарија.

Дебата „Медиумите и социјалните мрежи, да ја вратиме довербата”: Проверката на факти е водилка кон вистината во ерата на ВИ

Проверката на факти е водилка кон вистината. Деформирајќи ја информацијата ја деформираме и реалноста. Факт чекингот и едукација на медиумите и новинарите, се двата столба во борбата против дезинформациите.

Ова беа пораките од денешната дебата насловена како „Медиумите и социјалните мрежи: да ја вратиме довербата”, која се одржа на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во организација Францускиот институт во Скопје и Фондацијата Метаморфозис.

Панелисти беа Лавинија Абот, уредничка во европскиот тим за проверка на факти на Агенцијата Франс Прес, Вeнсан Курон, директор на Ле Сирлињер, правник и универзитетски професор, како и Бардил Јашари, извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис. Дебатата официјално ја отвори амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер.

Сите сме сведоци за улогата која може да ја има дезинформацијата и што таа значи за еден демократски процес. Дезинформациите земаат голем замав посебно сега со социјалните медиуми кои сè повеќе ги користат младите. Брзиот развој на вештачката интелигенција, овозможува сложеност и ризици во борбата против дезинформациите. Лично јас, како обичен корисник на социјални мрежи, сум фасциниран од моќта на информациите кои ги произведува ВИ. Затоа, суштинското прашање е, како да го заштитиме демократските вредности во едно општество, кога забележуваме дека има застранување на информациите? Европската Унија сè повеќе се мобилизира на ова тема“, кажа во своето обраќање амбасадорот Ле Риголер.

Фото: Мета.мк

Директорот на Метаморфозис, Бардил Јашари, зборуваше за работата на Фондацијата и истакна дека политичарите не може да носат политики во кои нема да се земат предвид потребите на граѓаните.

„Во 2010, Метаморфозис работеше на граѓанското учество во процесите на одлучување, во дијалогот со институциите. Во 2011 одлучивме да воспоставиме медиа факт чекинг сервис и да ги проверуваме информациите. Нашата цел не беше само да се проверат фактите, туку пред сè, да се зголеми барањето од граѓаните за улогата на медиумите. Нашата методологија беше транспарентна и беше консултатива со новинарите. „Метаморфозис“ не работи само со дезинформации, но таа води и други програми – транспаретност и отвореност на институциите и дигиталните права и приватниот живот, оти граѓаните треба да се безбедни и да знаат дека нивните податоци нема да бидат злоупотребени“, кажа директорот Јашари.

Според него, преку деформирањето на информацијата, се деформира и реалноста.

„Политичарите не може дa носат политики во кои нема да ги земат предвид потребите на граѓаните. Нашата стратегија почива токму на тоа. Најважно е што работиме во интерес на граѓаните, но и со дигиталните медиуми, работиме и со прашањето за транспарентноста на институциите и се обидуваме да придонесеме систем за веродостојни информации. Многу е важно, да се зајакнат вештините на младите но и на останатите граѓани, оти целта не е само да се идентификуваат дезинформациите, туку и тие да се стават во контекст. Важно е и да се разберат системите и механизмите на веродостојност и да се зачува одредена форма на личен интегритет. Гледаме содржини кои кај нас предизвуваат емоција или нè забавуваат, но треба да размислиме пред да кликнеме или да ја споделиме веста, посебно кога гледаме содржини кои не шокираат“, рече Јашари.

Зборувајќи за ВИ, тој истакна дека ВИ станува сè потешка за справување, но добро е што постојат алатки со кои може да се проверува веродостојноста на информациите.

„Обучуваме новинари за методологијата за борба против деизнформациите и се обидуваме да објасниме и зошто сметаме дека е важно да се работи со новинарите и медиумите. Од друга страна, многу е важно институциите да се отворени. Веќе седма година по ред имаме проект го спроведуваме низ државите на Балканот, а во рамки на кој создаваме список на институции, одноно, анализираме која институција е најотворена, а која е најзатворена. Не го правиме тоа само за да ги критикуваме институциите, туку, согласно нашата методологија, соработуваме со нив и им помагаме да станат потранспарентни и да станат идната година подобро рангирани. Не може да имаме квалитетен дијалог ако граѓаните ги немаат потребните информации кои ги добиваат од нив“, потенцира Јашари.

Лавинија Абот, уредничка во европскиот тим на АФП Факт чек, кажа дека дезинформациите ја доведуваат во прашање демократијата и слободата на изразување.

„Во ‘Франс прес’ имаме 130 новинари низ цел свет кои проверуваат факти и работиме на 26 јазици. Новинарите знаат брзо да детектираат лажни вести онлајн. Набљудуваме социјалните мрежи – ТикТок, Телеграм, Фејсбук, Инстаграм. Користиме различни алатки, пребаруваме со клучни зборови и контролираме одредени говори. Денеска има премногу дезинфомации. Ако видите видео креирано со ВИ од лабрадор кој се ниша на нишалка, тоа нема никакво влијание, но ако забележиме, на пример, на Фејсбук објава во која се вели ‘Овие избори се наместени’, тогаш знаеме дека таква објава може да влијае на јавното мислење и затоа ние ја проверуваме таа информација. Ако лажна вест е поврзана со фотографија, ја проверуваме дали била објавувана во минатото и во кој контекст“, истакна Абот, која додаде дека голем дел од дезинформациите најчесто ги наоѓаат кај стари слики, кои се извадени од контекст.

Како пример на лажна вест наведе пример од Обединетото Кралство, каде што екстремната десница објавувала стари слики од протести против фашизмот и лажно ги претставувале како протести од поново време.

„Ние сме тука за да донесеме веродостојни информации. Ако наидеме на лажна вест во САД, тие ќе ги информираат колегите од целиот свет и ќе видиме дали истата вест е лажна. На пример, сега со документите на Епстин, имаше вест/фотографија како тој се движи Тел Авив, со долга коса и со телохранители. Тоа беше слика генерирана од ВИ, но стана вирална. Забележавме дека истата вест е распространета на повеќе јазици и успеавме да ги провериме фактите на глобално ниво“, рече Абот.

На дебатата свое обраќање имаше и Вeнсан Курон, директор на „Ле Сирлињер“, правник и универзитетски професор.

„Овој медиум го основав пред повеќе од 8 години. Причина за основање на медиумот беше тоа што во 2016 година, тогашниот премиер интервенираше во утринска програма на радио, кое беше најслушаното радио во Франција. Имаше изјава која немаше смисла – кажа дека ако ЕУ не ја смени политиката, Франција нема да ја аплицира таа политика, што од правен аспект немаше никаква смисла. Новинарот кој го интервјуираше, наеднаш ја смени темата на разговор. Тоа беше неверојатно, новинарот не го коригираше премиерот. Токму тука се роди идејата да се роди ‘Ле Сирлињер’, што всушност значи ‘потцртувач’, ‘маркер’. Оттогаш се бориме за вистината, а факт чекингот е водилка кон вистината“, кажа Курон.

Да студираме бесплатно и да не нè условуваат со продажба на книги, побараа студенти на дебата за новиот Закон за високо образование

Во време кога младите си заминуваат од државата, студентите да се задржат со бесплатно високо образование, да се забрани продажбата на книги како услов за положување испит, универзитетите да најдат начин да проверат дали дипломираниот студент е способен за она за што дипломирал.

Ова беа само некои од барањата и предлозите кои ги имаа студенти и професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на денешната јавна дебата за новиот предлог-закон за високо образование, која се одржа денеска на Филозофскиот факултет. Во дебатата учествуваа министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и ректорката Билјана Ангелова.

Во преполниот амфитеатар се дискутираше за начинот и критериумите за избор во звање. Имено, според предложеното, секој професор кој ќе аплицира за избор во звање, ќе има обврска да изработи и објави најмалку 6 трудови од кои 4 треба да се објавени во списание со импакт-фактот „Веб оф сајанс“ или „Скопус“. Имаше професори кои кажаа дека не може на ист начин да се вреднува трудот, односно исти правила да важат за сите научни дисциплини.

Фото: Мета.мк

Анета Лековска од Православниот богословски факултет и членка на Сенатот, кажа дека согласно член 161 се воведуваат унифицирани критериуми во врска со научните трудови.

„Овие критериуми се соодветни за некои научни области, но не и за нашата дејност. Кај нас значителен удел се остварува преку монографии. Во глобални рамки нема списанија со импакт фактор од оваа наша област. Треба да се направи измена во овој дел оти вака, со унифицирани критериуми, малите и специфични научни дисциплини ќе бидат ставени во нееднаква положба“, рече таа.

Студент на Филолошкиот факултет на насоката општа и компаративна книжевност, зборуваше за финансиските обврски кои ги имаат студентите и за потребата од бесплатно студирање.

„Се зборува за студентскиот квалитет на живот, во време кога младите си заминуваат од земјава. Но еве ние што останавме, гледаме дека постојано се игнорира фактот дека многумина од нас имаат високи трошоци за студирање. За дел од парите што ги даваме, не ни знаеме каде одат. Процесот  на студирање треба да е лесен, а не да се мачиме со бирократија и со финансиски должности. Плаќаме за материјални ресурси 3.000 денари, но не знаеме каде одат тие пари“, рече студентот.

Јаневска одговори дека нема високото образование да биде бесплатно.

„За кого барате бесплатно образование? Студентите од еднородителски семејства, студентите со попреченост, студентите кои доаѓаат од семејства со ниски примања, со овој закон се ослободуваат од партиципација. Исто така и студентите од социјалните категории земаат стипендии. Студентите во домовите од социјални категории плаќаат помалку. Веќе има олеснувања во однос на плаќањата“, рече Јаневска.

Друг студент искоментира дека во Законот за високо образование, оние кои го пишувале пропуштиле во членот 112, да ја уредат купопродажбата на книги на факултетите.

Фото: Мета.мк

„Во оваа земја, во нашиот високообразовен систем, прво нешто кое студентите треба да го прават е да купуваат книги, најчесто со пари на рака. Овој член сметам дека треба да се прошири. Дури и кога факултетот ги има авторските права, сепак, професорите наоѓаат начин како да ги продаваат книгите на рака. Затоа, треба да се стави експлицитна забрана за корупција и кривично да се гонат тие што продаваат. Има случаи и кога студенти платиле, а не добиле учебници“, рече студентот.

Јаневска на ова кажа дека не може да стои во законот дека се забранува продавање.

„Ако има такви случаи, пријавете ги и ајде еднаш да го расчистиме тоа, да си одговараат тие професори и да престане таа пракса“, кажа таа пред присутните.

Професорот од Филозофскиот факултет Илија Ацески дискутираше за членот 122 од законот, во кој се регулира содржината и резултатот од учењето.

„Прво стои – да го воведе студентот во академски дисциплини, да му овозможи квалификации, да го оспособи студентот. Во овие законски одредби, не постои еден механизам елементарен, кој ќе го провери и оцени дипломираниот студент дали е способен за она што факултетот го обучил. Тоа значи, ако факултетот создава кадри тие треба да бидат вклучени во работа, па мора да има механизам кој тоа ќе го потврди и ќе каже дека студентот е способен за што ја добил дипломата“, рече Ацески, на што Јаневска немаше коментар.

Професорот Александар Стојков од Правниот факултет „Јустинијан Први“, кажа дека треба да претрпи измени членот 132, кој ја уредува содржината на студиските програми.

„Сега стои дека студиските програми содржат задолжителни изборни наставни предмети и дека задолжителните треба да бидат од соодветната област на единицата на универзитеот. Во пракса, може да се случи студент на Градежен да заврши без да учи математика, оти математика бил изборен предмет. Или студенти на Машински, на ФЕИТ дипломирале, а не завршиле математика оти тој предмет е на листа на изборни предмети. Би сакал да ги имате предвид овие укажувања“, кажа Стојков.

Дарија Андовска, деканка на Факултетот за музичка уметност кажа дека уметничките факултети се неправедно занемарени со новиот закон.

„Ние сме единствен факултет на кој има индивидуална настава, а добар дел од професорите се хонорарно ангажирани кај нас. Во новиот закон има строги критериуми за напредување, па моето барање е за уметничките факултети ова поинаку да се регулира“, рече Андовска.

Интересно беше излагањето на професорката Зоја Бузалковска од Факултетот за драмски уметности, која зборувајќи за изборот во звања, кажа дека луѓе како Горан Стефановски пренеле огромно знаење, а ниеден од нив не бил доктор на науки.

„Дали нивното дело не е доволно како она на доктор на науки? Дали нивните претстави не се аналогни на објавените трудови во списанија со импакт фактор? Да се напредува на нашиот факултет е тешка и одговорна работа“, рече таа.

Иван Андоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, пак, кажа дека треба да се земат предвид долгогодишните апели – македонистиката да добие посебен статус заради заштита на националните интреси.

„Универзитетот во Љубљана во повеќе сегменти има одделни одредби кои се однесуваат на словенечкиот јазик, на методиката по словенистика. На Универзитетот во Љубљана, согласно нивниот Закон за високо, има одредби кои се во насока на зачувување на словенечкиот јазик, а кај нас такво нешто немаме“, кажа Андоновски.

За време на локалните избори на социјалните мрежи најактивни биле лидерите на големите партии

Фондацијата Метаморфозис, вчера промовираше две анализи на изборниот процес во рамки на конференцијата насловена како „Заштита на демократијата и изборниот интегритет – следење на злоупотребата на административните ресурси, политичкото рекламирање и кампањите од трети страни“ во организација на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).  Анализите се однесуваа на злоупотребата на административните ресурси на социјалните мрежи и дигиталните платформи и политичкото рекламирање на социјалните мрежи за време на Локалните избори 2025 година.

Првата анализа насловена како „Институционална и општинска комуникација на Фејсбук и официјалните страници за време на изборната кампања за локалните избори 2025 година во Северна Македонија“ укажува на системски тренд на политизирана институционална комуникација за време на предизборната кампања и доминација на промотивни содржини.

Како што посочи Горан Ризаов од Фондацијата Метаморфозис, во фокусот бил членот 8а од Изборниот Законик, кој зaбранува употреба на државни средства за промоција на партиски активности но поради честите измени остава простор односно т.н. сива зона преку која партиите на власт можат да ги употребат државните ресурси во изборни цели.

„Целта беше да се види колку се неутрални државните институции на Фејсбук, да се види нивниот начин на комуникација, да се спореди со начинот на комуникција на официјалните веб-страници и тоа што го објавуваат. Мониторингот го правевме 20 дена, пред првиот круг на локалните избори, а опфативме 26 општини и 10 институции, односно нивните Фејсбук страници и веб-сајтови. Имавме 36 страници кои ги мониториравме и најголем дел од нив беа активни. Избројавме 45 постови на ден кои тие ги објавуваа. Во однос на природата на постовите, резултатите покажаа дека 60 отсто се промотивни, тоа значи дека промовирале одреден кандидат во изборите. Неутрални биле 40 отсто, односно содржеле сервисни информации наменети за граѓаните. Експлицитна злоупотреба имаше само во еден случај, а промотивните постови беа доминантни“, кажа тој.

Најголем дел од промотивните содржини не се идентификувани кај страниците на општините, туку кај Фејсбук страната на премиерот Христијан Мицкоски и поранешниот вицепремиер Изет Меџити. Поточно, детектирани се вкупнио 201 објава од страна на премирот од кои сите се промотивни за кандидатите на неговата политичка партија, слично како и кај вицепремиерот, кај кого се детектирани 173 објави од кои речиси сите се промотивни.

„Во анализата имаме наведено десетина препораки, а меѓу главните се, да се почитува експлицитно Изборниот законик односно членот 8а, да не се користат државни пари за промоција на кандидати, да се усогласи легислативата со меѓународните стандарди, јасно да се одделат активностите кои се во дел на институциите и кампањските активности на кандидатите, да се развијат јасни препораки за начинот на комуникација за време на изборниот процес и да има обука за одделите за односи со јавност во рамки на институциите“, истакна Ризаов.

Фото: Мета.мк

Втората анализа насловена како „Спонзорирано политичко рекламирање на Фејсбук и Инстаграм за време на локалните избори во 2025 година во Северна Македонија: Видливо, но нерегулирано“ ја презентираше Зоран Ричлиев од Фондацијата Метаморфозис.

Како што посочи тој, методолошки биле опфатени истите 20 дена од кампањата (29 септември – 17 октомври 2025), при што се мониторирани страниците на социјалните мрежи на 52 кандидати за градоначалници, во истите 26 општини како и во првата анализа. Повеќе од половината од нив (54 отсто) активно користеле платено рекламирање на Мета платформите.

Во рамки на земениот примерок биле регистрирани 812 активни реклами со вкупна вредност од 23.308 евра. Најголемиот дел од рекламите (92,6 отсто) биле финансирани директно од самите кандидати, додека околу 7,4 отсто биле финансирани од политички партии или коалиции“. Но, дополнителната анализа на целокупното политичко рекламирање во државата покажува многу поголем обем на средства. Најголемите 50 огласувачи во предизборието потрошиле 153.342 евра во истиот период.

„Евидентно е дека оваа кампања ја водеа лидерите на партиите. Во таа статистика има концентрација на национално ниво и на лидерот на партијата. Најмногу за овие избори на социјалните мрежи потрошила Левица 12.170 евра, па Христијан Мицковски 11.298 и Венко Филипче 10.178. Од кандидатите најмногу Орце Георгиевски има 10.000 евра на Фејсбук. Имаме невообичаени резултати, односно, дискрепанца по однос на возраста. Главниот таргет се вработените луѓе од 25 до 54 години. Партиите трошеле точно на тие луѓе. 30 отсто од парите се вложени за да се таргетираат повозрасните. Само 7 отсто од младината под 24 години е таргетирана во платеното политичко рекламирање на Фејсбук и на Инстаграм. Можеби таа генерација се оддалечува од овие две платформи и оди на ТикТок. Тоа кажува дека политичките актери се фокусираат конкретно на овие избори и не вложуваат во иднината на комуникацијата со младите“, рече Ричлиев.

Според него, меѓу препораките е онаа која се однесува на Изборниот законик, кој мора постепено да ги внесува и правилата на игра на социјалните мрежи. Освен тоа, се препорачува да се овозможи увид на ДИК и на Антикорупциска во реално време, во трошењето на парите, бидејќи, според Ричлиев, ако штетата се направи, по изборите веќе е доцна за реакција.

„Треба да постојат алатки за мониторирање на тоа, кој финансира, во реално време“, додаде тој.

Инаку, конференцијата ја отворија Н.Е. Кристоф Сомер, амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Даниел Филер, заменик-шеф на Мисијата во Британската амбасада во Скопје, како и Јоана Косма, директорка на ИФЕС во земјата. Во воведните обраќања беше истакната важноста од транспарентни и отчетни изборни процеси, особено во услови на зголемено онлајн политичко рекламирање и нови форми на влијание врз гласачите.

Од јули, за 30 евра ќе се лета од Скопје за Палермо, а за 40 до Алгeро

Со авиокомпанијата „Виз Ер“, од 15  јули годинава ќе може да се патува од Меѓународниот аеродром во Скопје до најголемите острови во Италија – Сицилија (Палермо) и Сардинија (Алгеро).

До Палермо ќе може да се лета три пати неделно – секој понеделник, среда и петок, по цена од 29,9 евра во еден правец. Од 18 јули започнува рутата Скопје – Алгеро, која ќе се реализира два пати неделно, секој вторник и сабота, по цена цени од 39,9 евра во еден правец.

„Со новите две рути „Виз ер“ ја потврдува својата долгорочна посветеност на пазарот и дополнително го проширува своето присуство во земјата. Летовите до двете нови дестинации се планирани како сезонски линии, односно ќе се реализираат до 11 и 12 септември. Спакувајте ги куферите и подгответе се за нови прекрасни патувања, скопскиот аеродром е тука за да го издигне вашето патничко искуство на повисоко ниво“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Како што информираат оттаму, со актуелниот зимски ред на летање, на Меѓународниот аеродром Скопје вкупно 15 авиокомпании оперираат летови до 50 дестинации, а на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, три авиокомпании реализираат летови до осум дестинации.

Со почетокот на летниот ред на летање, кон крајот на март, скопскиот аеродром ќе ја прошири својата мрежа на линии со уште две нови релации – кон Будимпешта и Неапол, а охридскиот аеродром ќе добие нова линија до Милано. Во мај, „Аустријан ерлајнс“ ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни, „Виз ер“ ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.