Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Искуствата покажуваат дека работењето во сабота е неефективно и непродуктивно, со намален број на присутни ученици. Работата во сабота би предизвикало дополнителни трошоци, како за установата така и за вработените, наведено е во реакцијата на СОНК, од каде што бараат Шаќири да ја повлече одлуката за одработување

Фото: Мета.мк

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат во саботите, на 18 мај и на 1 јуни. Дополнително, скопските училишта треба да одработат и денот кога училиштата не работеа на 30 ноември, поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ.

На овој допис од вчера, претходел друг допис испратен од МОН до училиштата, на 16 април, во кој ги информираат училиштата дека со одлука на Владата, 24 април и 8 мај ќе бидат неработни денови за сите граѓани, заради непречено спроведување на изборите. Тоа било причина денеска и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) да испрати реакција до министерот Јетон Шаќири, во која бараат тој да ја повлече одлуката за одработување денови.

Сепак, во новата одлука, надлежните потсетуваат дека согласно член 50 став 4 од Законот за основното образование, наставата во учебната година се остварува во 180 работни денови.

„Со цел да се исполни ова, а притоа да не се продолжи учебната година, деновите кога ќе се одржуваат избори ќе се надоместат со организирање настава на 18 мај (сабота) и 1 јуни (сабота)“, наведено е во дописот до училиштата.

На ваквата одлука, согласно која ќе мора да се одработат неработните денови, реагира СОНК. Во реакцијата која ја испратиле до министерот Јетон Шаќири, бараат тој веднаш да ја повлече одлуката за одработување.

„Негодувањето се темели на неколку аргументи. Ова е дискриминација бидејќи само вработените во основното образование ќе треба да ги одработуваат неработните денови. Во ниедна друга дејност од јавниот сектор нема да се одработуваат денови, ниту во средното ниту во високото образование. Искуствата покажуваат дека работењето во сабота е неефективно и непродуктивно, со намален број на присутни ученици. Работата во сабота би предизвикало дополнителни трошоци, како за установата така и за вработените“, се наведува во реакцијата на СОНК до МОН.

Инаку вчера, одговорните во МОН испратија соопштение до медиумите, во кое информираа дека деновите пред гласањето, 23 април и 7 мај, ќе бидат работни за сите училишта.

„Притоа, во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе се реализира од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија и класови. Во останатите училишта каде не се спроведува гласање, наставата се реализира вообичаено и согласно предвидениот дневен распоред“.