Во деновите пред изборите ќе има редовна настава, информира МОН

Деновите пред гласањето на претстојните избори, 23 април и 7 мај, ќе бидат работни за сите училишта, велат во МОН

Photo by Taylor Flowe on Unsplash

Деновите пред гласањето на претстојните избори, 23 април и 7 мај, ќе бидат работни за сите училишта. Притоа, во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе се реализира од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија и класови, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН).

Во останатите училишта каде не се спроведува гласање, наставата се реализира вообичаено и согласно предвидениот дневен распоред.

„Наставата во учебната 2023/2024 година ќе се реализира целосно како што
предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните
училишта. Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од
наставниот материјал“, велат во МОН.

Наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, а за учениците од основните училишта до 17 јуни. За прв пат годинава учениците ќе користат пролетен распуст кој ќе трае од 29 април (понеделник) до 6 мај.