За првпат ќе има седумдневен пролетен распуст за сите ученици, учебната година ќе трае до 17 јуни

Пролетниот распуст ќе трае од 29 април до 5 мај. Со ова ќе им се овозможи на учениците да имаат пролетен распуст по примерот на европските држави, вели за Мета.мк министерот Шаќири, по изгласувањето на предлогот на денешната владина седница

Фото: Министерство за образование и наука

Првпат во македонското образование, со владина одлука се воведува пролетен распуст за учениците во основното и во средното образование, потврди за Мета.мк министерот за образование, Јетон Шаќири. Веќе извесно време надлежните планираа промени во календарот за претстојната учебна година.

Шаќири вели дека пролетниот распуст е за сите, односно и за наставниците и останатите вработени, кои нема да одат на работа во тие седум дена.

„Пролетниот распуст ќе трае од 29 април до 5 мај. Со ова, ќе им се овозможи на учениците да имаат пролетен распуст по примерот на европските држави. Инаку, учебната година започнува на 1 септември. Првото полугодие ќе трае до 30 декември. Второто полугодие, пак, започнува на 22 јануари и учебната година завршува на 17 јуни“, објаснува за Мета.мк министерот Шаќири по денешната владина седница на која бил изгласан предлогот.

До пред оваа одлука, која е конечна, Шаќири во изјава за Мета од 11 август лани, кажа дека се планира наместо на 1 септември, учебната година да започне на 11 септември, но тоа сепак не се случи.

„За оваа идеја дискутиравме заради тоа што, во некои од нашите земји во регионот како на пример Албанија, Хрватска, учебната година не започнува на 1 септември како кај нас, туку подоцна. Јас би сакал да се помести стартот, размислувам за тоа, иако треба да видиме како ќе се усогласиме со СОНК, синдикатите, како и останатите институции кои се врзани со датуми, на пример, Државниот испитен центар кој е врзан со рокови заради мноштво полагања, меѓу кои и полагањето државна матура“, рече тогаш Шаќири.