Александар Николовски е избран за прв претседавач на Националното студентско тело

Меѓу долгорочните цели, во програмата на Николовски се наведени бесплатно високо образование на јавните универзитети, подобрување на студентскиот стандард, дигитализација и интернационализација на македонските универзитети

Александар Николовски, претседател на УСС УКИМ / фото: Мета.мк

Новоформираното Национално студентско тело го доби својот прв претседател – Александар Николовски, кој воедно е претседател на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ).

Николовски беше избран на втората седница на ова тело која се одржа во саботата, а на која учествуваа претседателите на студентските собранија од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитет на Југоисточна Европа, Американски Универзитет во Европа ФОН и Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

Во програмата на Николовски, меѓу краткорочните цели се наведени заложби за Националното студентско тело да стане официјален претставник на студентите во земјава преку измена на Законот за високо образование, а во неговата работа да се вметнат Студентскиот манифест, како и други документи во кои се наведени заложбите за студентските права и стандард.

Николовски најавува подигнување на студентскиот активизам и придружување на телото кон Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Европската студентска унија.

Меѓу долгорочните цели пак, во програмата на првиот претседавач со Националното студентско тело се наведени бесплатно високо образование на јавните универзитети, подобрување на студентскиот стандард, дигитализација и интернационализација на македонските универзитети.

Националното студентско тело има за цел да претставува највисока форма на обединување на универзитетските студентски собранија во земјава.