fbpx

Мирно и без проблеми тече гласачкиот процес, 4 отсто излезност до 9 часот

Претставници од изборната комисија за Мета.мк коментираа дека релативно малку гласачи излегле да гласаат досега

-

Мирно и празно, невообичаено за изборен ден. Вака беше денеска во основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ во општина Чаир. Екипа на Мета беше во ова училиште околу 10 часот. Немаше гласачи пред избирачките места, a во училниците имаше едвај по еден гласач. Сепак, пред училиштето имаше полициско обезбедување.

„Обично наутро кај нас е најголема излезноста, но еве денеска нема гласачи. Ќе дојдат веројатно подоцна“, ни рече претставник на избирачка комисија.

Прв круг претседателски избори 2024, ОУ „Киро Глигоров“. Фото: Мета.мк

Македонските граѓани денеска гласаат за нов претседател на државата. Со право на глас на овие избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.

Во меѓувреме, празно беше и во основното училиште „Киро Глигоров“ во општина Центар. Малкумината граѓани кои ги затекнавме на избирачките гласаа мирно. На моменти процесот беше бавен поради технички проблеми на апаратот за скенирање отисок од прст, кој служи за верификација на гласачите. Откако уредот неуспешно верификувал неколкумина гласачи, за нив беше потребно рачно да се внесе матичниот број, па потоа да им се вчита отисокот на прстот.

Прв круг на претседателски избори 2024, О. У. „Киро Глигоров“. Фото: Мета.мк

Во текот на вчерашниот ден гласаа болните, немоќните и затворениците. На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право
имаа право да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено
поправните установи беа отворени утрово во 7 часот и гласањето таму траеше до 19
часот.

Државната изборна комисија (ДИК) информираше дека излезноста во 9 часот била 4 отсто.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.