fbpx

Мета факт: Го нема ветениот нов електронски дневник, наставниците го користат стариот

Откако ќе се исполнат сите услови од процесот на тестирање и пилотирање, и по миграцијата на податоците од постојниот во новиот систем, тој и официјално ќе се примени во сите училишта, а сите наставници ќе добијат соодветна обука за користење, велат од МОН

-

Одговорните во Министерството за образование и наука (МОН) најавија дека од минатиот септември, односно од учебната 2023/2024 година, ќе биде пуштен во употреба нов електронски дневник, со кој требаше да се надминат проблемите детектирани во старата хардверска и софтверска инфраструктура во изминатите години. Сепак, до овој момент, наставниците го користат стариот е-дневник во кој ја водат целокупната евиденција за учениците, па затоа ова ветување го оценуваме како неисполнето.

Имено, во текстот што го објави Мета лани на 29 јуни, надлежните информираа дека со поддршка од Европската Унија преку ИПА фондовите, започнале процес на изработка на нов ЕМИС систем и нов електронски дневник.

„Тој процес е во напредна фаза, односно се прави тестирање на новите софтверски решенија од страна на МОН, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар, како и од наставници од училишта. Во план е системите на есен да бидат пуштени во употреба, со што очекуваме да се надминат проблемите кои се детектирани во старата хардверска и софтверска инфраструктура во изминатите години“, одговорија тогаш од МОН на прашањата на Мета. 

Сега, од МОН велат дека откако ќе се исполнат сите услови од процесот на тестирање и пилотирање, и по миграцијата на податоците од постојниот во новиот систем, тој и официјално ќе се примени во сите училишта, а сите наставници ќе добијат соодветна обука за користење.

„Во моментов се користи постојниот електронски дневник. Првичните тестирања на новиот систем се веќе спроведени, во координација на Министерството за образование и наука со Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и со наставници од училиштата. Паралелно се спроведоа и обуки за примена на новиот електронски дневник, при што истите досега се посетени од страна на 40 училишни ИТ администратори каде софтверското решение ќе пилотира, како втора фаза од процесот на тестирање. Потоа ќе следува пошироко пилотирање во основни и средни (стручни и гимназиски) училишта при што, доколку бидат нотирани дополнителни издржани сугестии, истите ќе се имплементираат во софтверското решение до завршување на европскиот проект кој го поддржа неговото креирање“, наведено е во одговорите што ги добивме од МОН. 

Оттаму појаснуваат дека во новото софтверско решение, интегрирани се досегашните сугестии на наставниците, администраторите, родителите/старателите на учениците и сите институции кои имаат пристап до системот и се очекува предизвиците кои постојат целосно да бидат надминати.

Инаку, електронскиот дневник беше најавен како нова привилегија во образовниот систем и беше воведен во 2013 година. Тогаш, во системот имаше околу 27.000 наставнички профили, како и околу 164.000 активни родители.

Мета.мк неколкупати има објавувано дека наставниците мака мачат со внесувањето податоци во е-дневникот, оти не им се зачувуваа односно им се губеа податоците што ги внесуваат во системот.

Наставници реагираа дека им се појавува „Error 503 Service Unavailable“, внесуваа повеќе оценки, а системот им регистрираше само една, а реагирале и дека биле исфрлани од системот и повторно морале да се логираат.

Пишаните дневници се исфрлени од употреба, па електронските дневници се единственото место каде што се пишуваат сите содржини – оценки, изостаноци, дневни подготовки, извештаи од реализирани екскурзии. Многумина од нив мораа да работат ноќе, оти тогаш е помалку оптоварен системот.

Врз основа на одговорите до кои дојде Мета, можеме да заклучиме дека, ветувањето за нов систем за користење (со кој требаше да се надминат сите овие технички проблеми кои ги имаат наставниците) не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Мета.мк – Од септември ќе има нов електронски дневник, летово наставниците ќе учат како да го користат, објавено на 29 јуни 2023;

Официјални одговори на прашања од Министерството за образование и наука (МОН), добиени на 28 јуни 2023;

Официјални одговори на прашања од Министерството за образование и наука (МОН), добиени на 15 април 2024 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...