fbpx

Украинците не си ја продале православната вера, таа е доминантна во Украина

Православната религија и тоа како е доминантната во Украина, што ја прави Фејсбук објавата, според која Украинците си ја продале православната религија, невистинита и бесмислена, пишува Вистиномер

-

Високи 72 отсто од Украинците се декларираат како православни христијани од кои 54 отсто се приврзаници на автокефалната православна црква на Украина, 14 отсто се идентификувале како православни христијани без да наведат црковна припадност, а 4 отсто се поврзуваат со Московската патријаршија. Според ова, православната религија и тоа како е доминантната во Украина, што ја прави оваа Фејсбук објава, според која Украинците си ја продале православната религија, невистинита и бесмислена, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека Украинците си ја продале православната вера и дека после изборите тоа нè чека и нас. Ова тврдење прво е невистинито, второ нема никаква логика.

На објавата споделен е исечок од видео објавено на Телеграм на кое се гледа како верско лице се моли на дожд. На фотографијата е напишано:

Украинците денес официјално си ја продадоа православната вера.

Се слушаме ли Соросовци од вмро, сдс, левица што ве чека после изборите со Вартоломеј и вашиот светец Партениј имате поздрав од Палчо.

Украинците не си ја продале православната вера. Ова тврдење е невистинито. Украинците се православни и Украинската црква е православна и тоа не е променето, ниту сега, ниту кога било.

Иако нема официјална државна религија во Украина, источното православие одамна е доминантно верско определување. Формалното раздвојување помеѓу државата и црквата им обезбедува на Украинците високо ниво на верска слобода. Меѓутоа, во практиката традицијата на источното православие има значително влијание врз украинската политика, општество, образование, право и семејните вредности. Културното влијание на источното православие е видливо и во јавната архитектура, како и во приватните простори.

Истражувањето спроведено од Киевскиот Меѓународен институт за социологија (КИИС) во 2022 година, покажува дека христијанството е доминантна религија во Украина, при што 85 отсто од населението се идентификуваат како христијани. Високи 72 отсто од населението се декларираат како православни христијани од кои 54 отсто се приврзаници на автокефалната православна црква на Украина, 14 отсто се идентификувале како православни христијани без да наведат црковна припадност, а 4 отсто се поврзуваат со Московската патријаршија. Други 9 отсто од Украинците се изјасниле дека се посветени на Католичката црква во Украина: 8 отсто украински грчки католици и 1 отсто латино-католици. Два процента од населението се изјасниле за припадност на главната протестантска црква, а дополнителни 2 отсто се идентификувале со некоја алтернативна секта на христијанството (како што се Јеховините сведоци).

Според ова, православната религија и тоа како е доминантната во Украина, што ја прави Фејсбук објавата која вели дека Украинците си ја продале православната религија, невистинита и бесмислена.

Она што се случи во Украина, а предизвикува вакви неточни објави на социјалните мрежи во кои преовладува руски пропагандистички наратив, е гласањето на закон во Украинскиот парламент со којшто може да се забрани Украинската православна црвка. Украина има две православни цркви – Украинската православна црква (Московска патријаршија) и автокефалната Православна црква на Украина. Законот, ако и кога ќе се донесе целосно, ќе влијае на Украинската православна црква која се поврзува со Русија. Законот во октомври минатата година доби поддршка од пратениците на првото читање. Пред да стапи на сила, треба да помине и на второто читање и потоа да биде одобрен од претседателот. Со законот ќе се забранат активностите на сите верски организации кои се поврзани со воена пропаганда или ја оправдуваат руската инвазија на Украина.

Законот се носи, бидејќи, како што информираше Центарот за стратешки комуникации под Министерството за култура и информациски политики на Украина, било откриено дека во Украинската православна црква Московска патријаршија се шири руска пропаганда, се покриваат активности на непријателски служби и се регрутираат руски агенти.

Украинската безбедносна служба претходно објави дека покренала 68 кривични постапки против претставници на ООК од почетокот на војната, покренувајќи обвиненија како што се предавство, соработка, помагање и поттикнување на земја агресор, јавно поттикнување верска омраза, продажба на огнено оружје и дистрибуција на детска порнографија. Украинското државјанство им било одземено на 19 претставници на Украинската православна црква кои имале руски пасоши и ширеле про-Кремљ пропаганда за војната. Освен тоа Рускиот патријарх Кирил отворено ја поддржува воената инвазија на Русија врз Украина.

Иако ситуацијата е комплицирана и црковното прашање е измешано, како со политиката така и со војната, сепак не може да се тврди дека Украинците си ја продале православната вера. Православието има длабоки корени во украинската историја и мнозинството од населението е православно. Религијата, вклучувајќи го и православното христијанство, не е нешто што може да се продава. Тоа е длабоко вкоренет систем на верувања којшто е личен, приватен и никој не може да го „продава“.

Наративот дека Украинците си ја „продаваат“ својата религија произлегува од геополитичките тензии меѓу Украина и Русија. Ваквите тврдења често се пропагираат за да се поткопа суверенитетот на Украина и да се зајакне руското влијание во регионот. Важно е да се препознаат овие наративи како дел од пошироки кампањи за дезинформација насочени кон манипулирање со јавното мислење.

Затоа оваа објава ја оценуваме како невистинита.

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Хеликоптер во кој патувал иранскиот претседател претрпи „тешко слетување“

Хеликоптер со иранскиот претседател Ебрахим Раиши претрпел „тешко слетување“, пишува Би-би-си. Министерот за внатрешни работи кажува дека спасувачите сé уште се обидуваат да стигнат до местото на несреќата поради тешките...