Студентот Филип Алчевски победи на хакатонот за зелено инженерство

Трите најдобри тимови добија по 500 евра награден фонд за иновативната идеја, а останатите учесници добија по 100 евра

Фото: ТМФ

Филип Алчевски со темата „Иновативни употреби на летечката пепел за одржлив развој“, е победник на хакатонот за зелено инженерство, кој се одржа на Технолошки-металуршкиот факултет (ТМФ). Второто место го освои тимот на Маринела Мечкароска и Ана Нестороска за „Валоризација на оризова лушпа преку добивање силика и биомасло“, а третиот победнички тим се Тамара Јовевска и Јована Јовевска за темата „Биоматеријали“.

Зеленото инженерство и циркуларната економија биле во фокусот на годинешниот хакатон во рамки на Конференцијата за зелено инженерство, одржливи материјали и технологии за циркуларна економија.

Претставници на домашните компании ги слушнале студентските иновативни идеи за ревалоризација на био и индустриските отпадни материјали, а потоа ги избрале најдобрите студентски идеи.

Трите најдобри тимови добија по 500 евра награден фонд за иновативната идеја, а останатите учесници добија по 100 евра.

Деканот на ТМФ, Стефан Кувенџиев кажа дека овој настан помага и за промоција и зајакнување на соработката меѓу научните институции и бизнис секторот, но и за да ги доближи и поврзе младите идни инженери со домашните компании.

„Компаниите во своето работење веќе ги применуваат стандардите за зелено инженерство, одржливи материјали и технологии за циркуларна економија, а и во рамки на домашните законски акти и правилници стремежот е да се води економијата и индустријата кон 0 (нула) емисии, односно рециклирање. Тоа е тренд и наша цел е да создадеме високо способен и профилиран кадар кој веднаш може да ги спроведат мерките согласно начелата за зелено инженерство. Идните инеженери преку хакатонот нудат сериозни размислувања и решенија за исполнување на бараните стандарди“, вели Кувенџиев.