fbpx

По забраната за влез во САД, Анѓушев повеќе не е почесен конзул на Малта

„Тајмс оф Малта“ пренесува дека оваа функција на која што беше именуван во 2021 година, му била прекината од страна на Министерството за надворешни работи на Малта, додека Анѓушев вели дека самиот се повлекол оти „не може да биде конзул со сенка врз неговото име“

-

Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев повеќе не е почесен конзул на Малта, пренесе весникот „Тајмс оф Малта“. Оваа функција на која што беше именуван во 2021 година, му била прекината од страна на Министерството за надворешни работи на Малта, откако пред два дена Стејт департментот соопшти дека Анѓушев е генерално неподобен за влез во САД, „поради вмешаност во значителна корупција“.

„Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување со непосреден ефект и внимателно ги следи најновите случувања“, изјавил портпаролот на МНР во изјава за весникот.

Анѓушев пак, се огласи преку соопштение во кое вели дека тој лично го информирал министерот за надворешни работи на Малта за новонастанатата состојба и дека самиот се повлекол. Тој ѝ се заблагодари на Малта за мандатот и честа да биде почесен конзул, но како што вели, „не можам да бидам конзул со сенка врз моето име“.

„Со оглед на одлуката на почитуваниот Стејт департмент кон мене, со наводи со кои јас не се согласувам, но ги ценам и прифаќам како одлука, сметам дека не сум во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Сè додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на било која држава или институција. Одлуката за ограничување на влез во САД е нешто што се однесува лично на мене и со тоа прашање треба да се носам јас лично, без за тоа да имаат негативни последици пријателски држави, личности, бизнис-соработници или институции“, пишува во реакцијата на Анѓушев.

Завчера Стејт департментот го прогласи Анѓушев, како генерално неподобен за влез во САД, поради неговата вмешаност во значително висока корупција.

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, се вели во известувањето од Стејт департментот.

На листата се додадени и неговата сопруга и двете деца.

Во соопштението се вели дека овој потег покажува дека „САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“, а Анѓушев најави дека ќе се жали на одлуката.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...