За студентите на државните универзитети ќе има ваучери за домашен туризам

Сакаме на студентите да им дадеме можност да ги посетат домашните туристички места, да ги истражат туристичките потенцијали на земјата. За оваа цел се предвидени 64 милиони денари во буџетот на Министерството за економија, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Фото: Министерство за економија

Мерката ваучери за поддршка на домашниот туризам на Министерството за економија која беше наменета за работници со ниски приходи, од следната година ќе биде наменета само за студентите на државните универзитети во државата.

Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за образование и наука Јетон Шакири одржаа работен состанок со претставници на студентските собранија на дел од државните универзитети, со цел да се утврдат критериумите по кои ќе се доделуваат ваучерите за домашен туризам.

Oваа мерка претходно Министерството за економија ја реализираше четири години, за работниците со ниски приходи.

„Во соработка со Министерството за образование и наука донесовме одлука оваа мерка следната година да биде наменета само за студентите. Сакаме на студентите да им дадеме можност да ги посетат домашните туристички места, да ги истражат туристичките потенцијали на земјата. За оваа цел се предвидени 64 милиони денари во буџетот на Министерството за економија“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој додаде дека вредноста на ваучерот ќе зависи од предлозите кои ќе дојдат од студентите, а во зависност од тоа ќе се знае и бројот на студенти кои ќе бидат опфатени, иако според првичните проценки ќе бидат опфатени од 3.000 до 4.000 студенти од државните универзитети. Критериумите ќе бидат прецизирани во текот на следната недела и ќе произлезат од предлозите на студентските здруженија.

Мерката е предвидено да почне да се реализира од јануари следната година, а ваучерите ќе може да се користат до крајот на 2024 година.

Министерот за образование и наука Јатон Шакири рече дека ова е мерка за подигнување на студентскиот стандард.

„Мерката е за поздравување бидејќи студентите во текот на своето студирање мора да ги мотивираме за да остварат подобри резултати, а со оваа мерка може да придонесеме и за туристичкиот развој на нашата земја“, кажа министерот Шакири.