fbpx

Лекот против корупцијата е транспарентноста – истражување на Фондацијата Метаморфозис

Транспарентноста е моќна алатка во борбата против корупцијата, бидејќи овозможува надзор од страна на јавноста и ги охрабрува институциите да преземат поголема одговорност во креирањето на политики и управувањето со државниот буџет, велат од Метаморфозис

-

Корупцијата останува широко распространета и загрижувачки проблем во С. Македонија, а „лекот“ против оваа деструктивна појава е транспарентноста. Традиционалниот пристап на создавање на што е можно повеќе закони има ограничена ефикасност, а стратешкиот и одржлив одговор на корупцијата треба да биде јавниот интегритет. Ова го покажува истражувањето на Фондацијата Метаморфозис „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореност“, кое ја анализира отвореноста на институциите во земјата и регионот, пишува  Порталб.мк.

Како еден од најголемите предизвици на Северна Македонија продолжува да биде искоренувањето на корупцијата, која низ годините беше една од главните пречки за развојот на земјата.

Авторката Данче Даниловска Бајдевска, која е и програмска директорка во Фондација Метаморфозис, во наведеното истражување објавено во 2023 година, врз основа на мерењата од 2022 година, пишува дека „корупцијата води кон погрешни јавни политики, ги троши непотребно јавните ресурси, ги проширува економските и социјалните нееднаквости, креира незадоволство и политичка поларизација и ја намалува довербата во институциите што треба му служат на јавниот интерес“.

Според истражувањето, традиционалните пристапи засновани на создавање што е можно повеќе правила, построга усогласеност на законодавството и построго спроведување, очигледно имаат ограничена ефикасност.

„Многу автори што ја истражуваат темата, констатираат дека стратегискиот и одржлив одговор на корупцијата мора да биде јавниот интегритет“, се наведува во истражувањето.

Токму оваа стратешка визија ѝ недостасува на Северна Македонија, која има проблеми со корупцијата.

Од денешна гледна точка, државата две години по ред покажа тренд на подобрување на својата позиција во борбата против корупцијата, но останува важно да креира и да наметне визија за стратегија за јавен интегритет, отстранувајќи го фокусот од ад-хок политиките за интегритет, преку пристап што е заснован на културата на интегритетот. Бидејќи, констатација е дека во 2022 година корупцијата останува распространета во многу области и претставува прашање на загриженост, се наведува во истражувањето.

Од Метаморофозис, за Порталб.мк велат дека „сузбивањето на корупцијата е од суштинско значење за зголемување на довербата во институциите, заштита на демократијата, промовирање на правдата и доброто владеење“.

Транспарентноста е моќна алатка во борбата против корупцијата, бидејќи овозможува надзор од страна на јавноста и ги охрабрува институциите да преземат поголема одговорност во креирањето на политики и управувањето со државниот буџет, велат од Метаморфозис.

Според истражувањето на Фондација Метаморфозис, „важно е да постојат механизми што ќе превенираат случаи од изложување на мито (поткупување) и користење лични врски, до широко распространети практики на непотизам, кронизам, клиентелизам, односно злоупотреба на политичкото влијание што се случува меѓу елитите“.

Дел од овие механизми се политиките за интегритет, етичките кодекси, правилата за заштита на укажувачите, механизмите за спречување судир на интереси, регулирање на лобирањето и сл. Оттука, во оваа поткатегорија се набљудуваат како начини преку кои може да се спречи и да се контролира појавата на политичкото влијание односно злоупотребата на моќта, се наведува во истражувањето.

Од „Метаморфозис“ исто така велат дека новите технологии можат да помогнат и во спречување на корупцијата.

Користењето на придобивките од дигиталните технологии може значително да ја унапреди транспарентноста и да ја намали корупцијата. Преку овозможување висока транспарентност и пристап до информациите преку електронски платформи во области како што е процесот на јавните набавки, на пример, или следењето на имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и на јавните службеници може да се намали корупцијата. Спроведувањето на набавките транспарентно, со отворено наддавање и јавно објавени планови за јавни набавки, повици со јасни критериуми за доделување договори, како и јавно објавените склучени и реализирани договори и анекси, ги намалува можностите за корупција.  Се покажа дека мониторингот на граѓанското општество и новинарите врз информациите за јавните набавки успешно придонесува за идентификување и известување за случаите на корупција, подигајќи ја јавната свест и барајќи одговорност од функционерите, велат од Метаморфозис.

Во истражувањето се препорачува институциите значително да ја зголемат едукацијата на вработените, да се зајакне улогата на Антикорупциската комисија и да се зајакне мониторингот и известувањето во однос на правната и политичката рамка од оваа област.

Институциите значително да ги зачестат едукативните активности за службениците на теми какви што се конфликт на интереси, спречување корупција и заштита на укажувачите. Неопходно е унапредување на системот за следење на имотната состојба на избраните и на именуваните лица. Унапредување на форматот во кој се објавуваат декларациите за имот во отворен формат. Зајакнување на надлежностите на Државната комисија за спречување корупција за да се овозможи јавна достапност на декларациите за имотот и по престанокот на времето во кое се извршува функцијата Потребно е зајакнување на инструментите за мониторинг и известување во врска со правната и политичката рамка во оваа област, со цел да се генерираат податоци за неговата имплементација и да се зголеми довербата во системот, се вели во истражувањето.

Европската комисија во март оваа година посочи дека Северна Македонија треба да вложи континуирани напори за да обезбеди независно, професионално и транспарентно судство. Комисијата ја истакна потребата од подобрување на досегашните резултати во борбата против корупцијата, особено на високо ниво.

„Комисијата ја повтори својата сериозна загриженост во однос на измените на Кривичниот законик усвоени во септември 2023 година, кои влијаеја, па дури и прекинаа голем број судски процеси за корупција на високо ниво, спречувајќи ги властите да ги истражуваат и да ги гонат таквите дела“, потенцираа од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Во однос на прашањето за корупцијата Северна Македонија беше критикувана и во извештајот на Европската комисија од 8 ноември 2023 година. Состојбата со борбата против корупцијата во Северна Македонија е оценета без никаков напредок. Корупцијата и понатаму останува широко распространета во многу области.

 

Активностите се дел од проектот “Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“, кој го спроведува Фондацијата Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...