fbpx

Христијан Мицкоски веќе договорил кредит од милијарда евра од странска влада

Мицкоски не објасни ниту за која држава станува збор, ниту за кој економски сектор ќе се користат парите, ниту пак во кое својство тој преговарал со странска држава имајќи предвид дека сè уште нема никаква државничка функција

-

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и веројатен иден премиер Христијан Мицкоски, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, на 09 мај 2024 година, најави „финансиски пакет“ од една милијарда евра „со исклучително поволни услови“ како дел од „соработка влада со влада“.

На новинарско прашање „дали е ова некаква нова милијарда од Тајван“, Мицкоски одговори:

„Не знам јас сега, милијардата од Тајван, можеби превулгарно е кажано бидејќи тогаш, тоа беа едни други околности и други односи, но можам да кажам дека во првите сто дена имаме многу амбициозна агенда за која што веќе се подготвувавме но не сакавме да ја експлоатираме во кампањата“.

Потоа, откако водителот потпраша дали тоа би било кредит од некоја друга држава, Мицкоски рече:

„Да, да. На основа влада со влада, која што многу ќе помогне, со определен грејс период, со каматна стапка многу атрактивна и така натаму“.

Мицкоски не објасни ниту за која држава станува збор, ниту за кој економски сектор ќе се користат парите, ниту пак во кое својство тој преговарал со странска држава имајќи предвид дека сè уште нема никаква државничка функција.

Инаку, изразот „милијардата од Тајван“ се однесува на ветувањето на коалициониот партнер на владата на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 година, Демократска алтернатива (ДА) поточно нивниот тогашен претседател Васил Тупурковски. Тој тогаш најави инвестиција од една милијарда американски долари во замена за признавањето на Тајван. Тогашен премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ беше Љубчо Георгиевски, а Тупурковски ја доби позицијата директор на Агенцијата за обнова и развој.

Македонија тогаш го призна Тајван, по што Кина веднаш ги прекина дипломатските односи. Kако резултат на признавањето на Тајван, Кина на 25 февруари 1999 година во Советот на безбедност на ОН стави вето на продолжувањето на мандатот на УНПРЕДЕП во земјава како воена мисија за зачувување на мирот. Некои аналитичари сметаат дека токму тоа создаде услови две години подоцна да започне вооружениот конфликт меѓу албанското етничко малцинство и тогашната власт во земјата. Тоа резултираше со потпишувањето на Охридскиот договор во 2001 и формирањето на ДУИ како политичка партија на чело со Али Ахмети, која оттогаш речиси цело време (освен од 2006 до 2008 година) е на власт.

Покрај милијардата, Мицкоски во интервјуто рече дека „веќе е завршена една озбилна странска инвестиција која што е отпочната во делот на енергетиката“, исто така, без да објасни како е оваа инвестиција договорена.

Тој додаде дека инвестицијата ќе била „без посебни закони, без загарантирана цена на откуп, без не знам какви повластици и така натаму“, мислејќи на најавената инвестиција на владата во автопатите 8 и 10-д кои треба да ги гради конзорциумот Бехтел и Енка, а за кои беа сменети неколку закони.

Според Мицкоски, оваа инвестиција во енергетиката би се движела меѓу 400 и 500 милиони евра и за производство на околу 1 терават часови електрична енергија годишно.

Мицкоски најави и дека ќе има други две странски инвестиции, без да прецизира ништо, но наводно за да се случи тоа, странските инвеститори барале да си замине сегашниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски.

Патем, токму Јован Деспотовски, веднаш по поразот на СДСМ на двојните избори, се постави како потенцијален нов лидер на наскоро опозицискиот Социјал-демократски сојуз на Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Џулијан Асанж го доби правото на жалба против екстрадиција во САД

Џулијан Асанж доби дозвола да поднесе нова жалба против неговата екстрадиција во САД, каде е обвинет за објавување воени тајни, и ќе може да ги оспори гаранциите на САД...