Со перформанс и филм ќе се подига свеста за родова еднаквост во Куманово

Со краток филм и танцов перформанс ќе се подигнува свеста за родовата еднаквост

Фото: ХЕРА

„Простор за разговор“ се вика настанот што се одржува денеска во организација на ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување во соработка со Интерарт културниот центар, кој треба да ја подигне свеста за родовата еднаквост. Настанот започна во 12 часот на сцената во Домот на културата во Куманово.

„Ова е дел од низата културни настани од проектот „Простор за разговор“. Нашата цел е преку уметност, танц, театар и филм сплотени во еден перформанс да го зајакнеме чувството на припадност кон заедницата, да ги искорениме стереотипите и да ги зајакнеме младите и социјално ранливите“, информираат организаторите.

Настанот „Простор за разговор“ се состои од краток филм и танцов перформанс, кои претставуваат уметничка рефлексија на темата и ќе бидат изведени од танчерите на Скопје танцовиот театар.

Поканети се социолози, активисти и психолози, кои ќе говорат за тоа што треба да се прави во однос на социјалната положба и родовата еднаквост.

Освен во Куманово „Простор за разговор“ во следните 10 дена ќе се одржи во Штип, Велес, Битола, Охрид и Струга. Проектот „Простор за разговор“ е поддржан од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан.