Во заедничка изјава, потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европска Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го поздравуваат текот на изборниот процес на двојните претседателски и парламентарни избори, велејќи дека тие поминале во мирна и демократска атмосфера. Борел и Вархеји се водат по прелиминарните наоди и заклучоци на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).
Според нив, основните слободи биле почитувани во процесот, иако тој сепак не е доволно регулиран.
Двајцата функционери ѝ честитаа на Гордана Силјановска Давкова за победата и рекоа дека со нетрпение очекуваат да соработуваат со првата жена претседател на Северна Македонија.
Тие ја охрабрија идната влада да работи на унапредувањето на патот на државата кон ЕУ и да стои на страната на граѓаните и правото, а против корупцијата.
Дополнително, Борел и Вархеји истакнаа дека има простор за подобрувања во однос на еднаков пристап до медиумите, отчетност во државното финансирање и пристап до правна заштита. За овие недостатоци, тие велат дека неодамнешните измени на Изборниот законик беа воведени доцна и не ги одразуваат препораките на ОДИХР.
„Откако Меѓународната мисија за набљудување на изборите ќе ги објави своите конечни препораки за идните избори, Европската унија очекува сите политички актери, релевантни институции и засегнати страни да ја покажат својата посветеност за зајакнување на демократијата со тоа што заедно ќе работат на спроведување на истите во најбрз можен рок“, заклучуваат Борел и Вархеји.