Главна тема на Светскиот образовен форум во Лондон ќе биде влијанието на ВИ врз образованието

Меѓу поважните теми ќе биде и афирмацијата на стручното образование и обука и подготовката на младите со потребните вештини за да одговорат на предизвиците на иднината, информира МОН

Фото: МОН

Примената на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз образовната трансформација е главна тема на годинешниот Светски образовен форум (19-22 мај) кој традиционално се организира во Лондон, а на кој годинава присуствувале и претставници на Министерството за образование и наука (МОН).

„Делегацијата која ја претставува нашата земја предводена од Шпетим Љатифи, посебен советник во кабинетот на министерот за образование и наука, активно ќе учествува во сите сесии и дискусии предвидени во агендата на овој најголем собир на креатори на образовни политики. Размената на искуства со голем број развиени и земји во развој е од особена важност за Северна Македонија, имајќи предвид дека токму во тековниот период во нашиот образовен систем се спроведуваат најкрупните реформи досега, особено во делот на основното образование“, информираат во МОН.

Претставниците на МОН се сретнале со нивни колеги од министерства за образование на повеќе европски земји, како и со претставници на Сингапур и Јапонија, но и со високи претставници на Британскиот совет, меѓу кои и директорката за Западен Балкан, Клер Сиарс.

„Покрај влијанието на вештачката интелигенција врз развојот на глобалното образование, на форумот ќе се дискутира и за унапредување на едукацијата за климатските промени, а меѓу поважните теми ќе биде и афирмацијата на стручното образование и обука и подготовката на младите со потребните вештини за да одговорат на предизвиците на иднината“, информира МОН.