fbpx

Израел со воздушни напади на Рафа, Борел предупреди на катастрофални последици

„Извештаите за израелската воена офанзива во Рафа се алармантни“, напиша Борел, додавајќи дека тоа ќе има катастрофални последици, влошувајќи ја и онака лошата хуманитарна ситуација и неподносливите цивилни жртви

-

Во воздушните напади во градот Рафа во Појасот Газа загинаа најмалку 28 лица, додека повеќе од милион цивили кои се засолнуваат во областа се подготвуваат за можноста за целосна израелска копнена офанзива на последното место кое се смета за релативно безбедна територија, пренесува Гардијан.

Рафа е најјужниот град на палестинската територија што е погоден од жестоката офанзива на Израел по нападите на Хамас од 7 октомври и голем дел од 2,2-милионското население на Газа се засолни таму.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел смета дека плановите на Израел за воена офанзива во Рафа се алармантни.

Борел на социјалната мрежа „Х“ напиша дека 1,4 милиони Палестинци во моментов се во Рафа без безбедно место на кое можат да заминат и се соочени со глад.

„Извештаите за израелската воена офанзива во Рафа се алармантни“, напиша Борел, додавајќи дека тоа ќе има катастрофални последици, влошувајќи ја и онака лошата хуманитарна ситуација и неподносливите цивилни жртви.

Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им рече на официјалните лица до неговиот кабинет да поднесат план за евакуација на населението и уништување на баталјоните на Хамас кои се кријат во Рафа, пишува Гардијан.

Нетанјаху рече дека оваа недела им наредил на војниците да се подготват да заминат во Рафа и дека „тоталната победа“ против милитантите ќе дојде за неколку месеци.

Од друга страна, шефот на палестинската управа рече дека ескалацијата предизвикана од Израел во Рафа има за цел да ги истисне Палестинците од нивната земја. Кабинетот на палестинскиот претседател Махмуд Абас соопшти дека за какви било последици од очекуваната инвазија, за одговорни ќе ги смета израелската и американската влада и дека акциите на Израел ги загрозуваат регионалниот мир и безбедност.

Како одговор на наредбата на Израел луѓето во Рафа да се евакуираат, генералниот секретар на Амнести Интернешнл, Агнес Каламард, рече дека цивилите во Газа биле изложени на „сериозен ризик од геноцид“.

Би-би-си пишува дека луѓето кои живеат во изолираниот север на Газа изјавиле дека децата со денови се без храна, бидејќи на конвоите со помош не им се дозволува влез. Некои жители прибегнале кон мелење добиточна храна во брашно за да преживеат, но и тие залихи сега се намалувале.

Луѓето опишувале и како некои од нив копале во земја за да пристапат до цевките за вода – за пиење и миење.

Според Хуманитарната координативна агенција на ОН, Оча (Ocha), на повеќе од половина од хуманитарните мисии на северот на Газа им бил забранет пристапот минатиот месец. Агенцијата вели дека има зголемено мешање од израелските сили во тоа како и каде се доставува помошта.

Се смета дека 300.000 луѓе кои живеат во северните области се главно отсечени од помош и се соочуваат со зголемен ризик од глад.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...