Освен вакцина, нема друго чаре за заштита од голема кашлица

Порано имавме убав систем на вакцинација кој функционираше. Одевме по селата и ги вакциниравме луѓето, не ги чекавме тие да дојдат во амбуланта. На 45 дена редовно се одеше, имавме распореди. Сега ги чекаме да дојдат, но не идат. А и вакциналните пунктови се намалија, се намали и бројот на екипи што вакцинираат, вели епидемиологот Александар Стојанов

-

Децата не смеат да одат невакцинирани во градинка, ако сакаме да не се соочуваме со епидемии на болести кои се опасни по здравјето и животот и за најмалите и за возрасните. Ова е ставот на епидемиолозите, кои инсистираат на вакцинирање на населението, по предлогот на Комисијата за заразни болести да се прогласи епидемија на голема кашлица во главниот град. Мета разговараше со проф. Никола Пановски и со д-р Александар Стојанов, кои велат дека луѓето се штитат само со вакцината ДиТеПер, која се прима пет пати во текот на животот, во детската возраст.

Вакцината е задолжителна

Децата не смеат да одат невакцинирани во градинка. Невакцинирани деца има и во училиштата, но се смета дека тие полесно би ја поминале болеста и затоа тие не се толку ризични. Но, бебињата мора да се заштитат, апелира проф. д-р Никола Пановски.

Второ, потребна е брза дијагностика. Ако докторот се сомнева на голема кашлица, треба да се даде антибиотик. Тој споро лекува, но спречува ширење на болеста, вели Пановски.

Според него, неприфаќањето на вакцините, како и самата ковид пандемија донела страв од вакцините и ширење на антиваксерството.

Во Скопје има најмал процент на вакцинација, и тоа во урбаните општини Центар и Карпош. Антиваксерите ја направија целата беља, додава тој.

Неговиот колега, д-р Александар Стојанов, вели дека голема кашлица има како што имавме и епидемија на морбили и заушки.

Во минатото немало епидемии од голема кашлица. Но, тогаш процесот беше добар, ДиТеПер се даваше пет пати во текот на животот, луѓето беа заштитени. Дозволуваме антиваксерите да го намалуваат опфатот. Тој треба да е 98 отсто, за да биде населението заштитено. Ако е под овој процент, секогаш може да се врати, вели Стојанов.

Порано одевме по селата и вакциниравме

Стојанов се присетува на епидемијата на морбили од 2018 година, кога првиот случај се појави во училиште во Радишани.

Откако сите се вакцинираа, ситуацијата се смири. Во населбата Баир во Битола почнаа заушките, кои брзо се раширија. Вакцинацијата секогаш била проблем. Но, порано имавме убав систем кој функционираше. Одевме по селата и ги вакциниравме луѓето, не ги чекавме тие да дојдат во амбуланта. На 45 дена редовно се одеше, имавме распореди. Сега ги чекаме да дојдат, но не идат. А и вакциналните пунктови се намалија, се намали и бројот на екипи што вакцинираат. Мора да се работи повеќе на терен. Во минатото немаше невакцинирани со ДиТеПер. Во Скопје е проблемот бидејќи има антиваксери, а во селата луѓето им веруваат на лекарите, вели Стојанов.

Нема опфат од 95 отсто за ниту една вакцина

Во однос на примарна вакцинација не e констатиран препорачаниот опфат над 95 отсто за ниту една вакцина, на национално ниво. Регистрираниот опфат за примарната вакцинација е под 90 отсто за сите вакцини, и тоа против хепатитис Б, Хемофилус инфлуенца тип Б, ДиТеПер/ИПВ и МРП вакцината, како и вакцинацијата против ХПВ, која бележи најнизок опфат од сите вакцини.

Опфатот со примарна вакцинација со три дози вакцина против ХиБ, ДиТеПер и ИПВ за 2022 година за целата република изнесува 83,9 отсто. Опфат понизок од 90 отсто е регистриран на територијата Велес, Гевгелија, Штип, Охрид, Тетово, Прилеп, Скопје, Битола и Струмица, а најнизок опфат од 53,7% е регистриран на територијата на Куманово. Од децата кои требало да се вакцинраат, не се вакцинирани вкупно 3.322 деца, а од нив 41 отсто (1.368) се од Скопје и 27,4 отсто (910) од Куманово, наведено е во последниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Првата ревакцинација со ДиТеПер, почнувајќи од 2015, бележи континуирано опаѓање достигнувајќи најнизок опфат од 66 отсто во 2020 година. Во 2022 година се регистрира намалување на опфатот (69,3 отсто) во однос на 2021 година (72,8 отсто). Просечниот опфат за периодот 2017-2021 година изнесува 78,1 отсто и е повисок од регистрираниот опфат во 2022 година.

Опфатот на ревакцинацијата со ДиТеПер/ИПВ кај училишните деца на 7 години од 88,5 отсто, бележи зголемување во однос на 2020 година (87,3 отсто) и 2021 година (74,7 отсто). Опфатот на ревакцинацијата со ДиТе/ИПВ кај училишните деца на 14 години (89,3 отсто) бележи зголемување во однос на 2020 година (80,3 отсто) и 2021 година (85,9 отсто), но сè уште има низок процент под 90 отсто.

Ако е пропуштена доза, родителите веднаш да ги вакцинираат децата

Д-р Кристина Ставридис од Институтот за јавно здравје, неодамна за Мета.мк изјави дека родителите треба да ги проверат вакциналните картончиња на нивните деца и доколку пропуштиле доза на вакцина или воопшто не ги вакцинирале, веднаш да се јават во вакциналниот пункт и да го вакцинираат детето согласно Календарот за вакцинација.

Појава на случаи на пертусис не е невообичаено, посебно сега кога во регионот и Европа се регистрираат епидемии и зголемен број на случаи, а особено во ситуација кога се соочуваме со намалување на опфатот со вакцинација, рече таа.

Оштетување на мозокот, една од компликациите од болеста

Институтот за јавно здравје објави информации поврзани со болеста голема кашлица. Во делот кај компликации на голема кашлица, набројани се: пневмонија, воспаление на средното уво, губење на апетит, дехидратација, конвулзии, оштетување на мозокот, хернии, фрактури во пределот на градниот кош, пролапс на крајот на дебелото црево, епизоди на респираторен застој.

Големата кашлица предизвикува сериозни компликации, а понекогаш и смртен исход кај децата помали од една година. Една третина од децата помали од една година кои ќе се разболат од голема кашлица имаат потреба од болничко лекување. Кај нив, најчести компликации се апнеа (живото-загрозувачки престанок на дишење), пневмонија (воспаление на белите дробови), конвулзии (грчеви), енцефалопатија (оштетување на мозокот), а кај едно од 100 заболени може да има смртен исход. Компликациите се помалку сериозни кај поголемите деца и возрасните, особено кај оние кои претходно биле вакцинирани против голема кашлица, наведено е во објавата.

Најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата. Вакцинацијата против болеста се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV).

Примарната серија на вакцинација се врши со три дози на комбинирана вакцина (Hexaxim или Pentaxim). Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеци, втората доза на возраст од 4 месеци и третата доза на возраст од 6 месеци. Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, со давање на една доза Pentaxim на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст, со апликација на една доза комбинирана вакцина Tetraxim.

Скопјанец е осомничен за намерно предизвикување пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека намерно предизвикал пожар во просториите на Адвокатската комора на Република Северна Македонија...

Ученици поправале оцени во е-дневник, МОН бара сите родители и наставници да ги сменат лозинките

Упад во системот на електронскиот дневник, кој се случил викендов, беше причина надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) да побараат сите корисници (околу 140.000 наставници, професори и родители) да...

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината од отворањето...

Весна Дамева поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет, обвини за притисоци од власта

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, како што рече, за да го зачува својот личен интегритет. Таа ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и...

Скопјанец е осомничен за намерно предизвикување пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека намерно предизвикал пожар во просториите на Адвокатската комора на Република...