fbpx

Дезинформациите не се проблем само на медиумите, туку и безбедносен проблем

Работа на професионалните медиуми е да ги верификуваат фактите и информациите што ги пишуваат. Сведоци сме на фотографии и вести кои се споделуваат само за да поттикнат конфликти меѓу земјите и насилство, кажува Клодијана Капо од Фактоје, Албанија

-

Освен домашни, балканскиот регион е изложен и на надворешни влијанија кога станува збор за дезинформации, а побивање на истите е клучно за заштита на демократијата. Ова беше заклучокот од првата сесија на денешната конференција „Бранејќи ја демократијата на Балканот: Заштита на интегритетот на информациите во дигиталната ера“ по повод Меѓународниот ден на проверката на факти.

Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис посочи дека дезинформациите се проблем што навлегуваат и влијаат на сите сектори во општеството и воедно го поткопуваат државните вредности.

Тој напомена дека во Северна Македонија се забележуваат напори да се спречи земјата да пристапи кон Европската Унија и дека поради долгорочното влијаније на надворешни дезинформации од различни надворешни штетни влијанија, мрежата за борба против дезинформации е особено важна и треба да продолжи да расте.

“Иако проверката на факти е клучна, таа сама по себе не е доволна и потребно е секој да ја изврши својата улога“, рече Стојановски додавајќи дека дезинформациите не се само новинарски или медиумски проблем, туку и безбедносен проблем.

Клодијана Капо, од Фактоје Албанија рече дека се забележува огромен број „бомбастични“ или преувеличени наслови и текстови кои се копирани еден од друг.

Капо додаде дека во Албанија се шират дезинформации за хипотетички војни на Балканот, про-руски политики и фотографии кои поттикнуваат конфликти во земјите.

Иако дезинформациите се создаваат во внатрешноста на државата, таа кажа дека голем број дезинформации доаѓаат од странство и од Србија. Потоа, поради неспремност на новинарите за справување со дезинформации, се споделуваат вестите, а во одделни случаи истото го прават и политичарите.

„Работа на професионалните медиуми е да ги верификуваат фактите и информациите што ги пишуваат. Сведоци сме на фотографии и вести кои се споделуваат само за да поттикнат конфликти меѓу земјите и насилство. За пример, бидејќи Албанците се заинтересирани за ситуацијата меѓу Косово и Србија, постојано читаат бомбастични лажни вести за можни војни меѓу двете земји“, рече Капо.

Во своето обраќање, Денис Џидиќ од БИРН во Босна и Херцеговина објасни дека трендовите со дезинформации во Босна и Херцеговина доаѓаат низ 3 линии.

Како што кажа, првата е поврзана со наследноството од војната и претставува најчест наратив за дезинформации. Вториот тренд е политички, при кој се користат дезинформации за војната во Украина и политички прашања кои велат дека патот кон ЕУ е нешто наложено од ЕУ. Со ова исто така ги вооружуваат разговорите против етничките групи, додека третата линија претставува негирање на злосторствата против Босна и Херцеговина.

„Цел на дезинформациите е да се создаде силен европски скептицизам, а Русија не е единственот виновник за ова“, кажа тој и додава дека поради големиот број избори во светот, ова ќе биде интересна година.

Стилиос Пурис, од Еленика Хоаксес од Грција објасни дека младите на возраст од 15 до 29 години најчесто користат Фејсбук за информирање, а воедно најмногу од дезинформациите потекнуваат токму од таа мрежа.

„Но покрај Фејсбук, користат Инстаграм и ТикТок за информирање, и примаат вести од инфлуенсери или активисти. Проверката на факти е клучен чекор кон заштита на демократијата“, изјави тој.

Пурис појасни дека во Грција има многу трендови за дезинформации, а голем дел од нив се насочени кон ЛГБТ заедницата, миграните, вештачка интелигенција, руската инвазија на Украина, војната меѓу Израел и Газа и слично.

„Ние често се справуваме со религиозни дезинформации. Постојат и тврдења за национална безбедност, а за време на вежбите со Турција има онлајн тврдења со кои се повикуваат Грците да земат оружја и да се борат. Се шират непотврдени информации, целосни лаги или теории на заговор“, кажа тој.

Според Стилиос, освен следење на локалните трендови на дезинформации, Грција се соочува и со надворешни влијанија. Тој кажа дека она што се побива во Европа, се преведува и често се насочува кон грчкиот тек на дезинформации.

Последниот панелист, Фаик Испахиу од Интерњус Косово кажа дека Балканот не успеал да ја направи транзицијата од комунистички, јавни медиуми и токму ова го прави регионот лесно манипулиран од лажни информации.

„Денес нема ни една телевизија што може да се нарече веродостојна во регионот. Во Косово, Албанија и Босна и Херцеговина луѓето плаќаат даноци а немаат телевизија која не е под нечие влијание. Нашата обврска да ги проверуваме фактите отвара прашање како да ги контролираме телевизиите да не објвуваат дезинформации“, кажа Испахиу.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Големи полициски сили во кампусот на УКЛА по судирот меѓу пропалестинските и произраелските демонстранти

Полицијата во опрема за немири пристигна во кампусот на Универзитетот во Калифорнија, каде се судрија пропалестинските и произраелските демонстранти, објави Асошејтед прес. Судирите се случија денеска рано наутро по локално...