Нема пари, чистењето на линданот од малата депонија во ОХИС се пролонгира

Иако третиот лот е исчистен уште летово, а и поголемиот дел од отпадот што се ископа е веќе извезен и уништен, сепак расчистувањето на четвртиот лот ќе започне во февруари 2024 година

Фото: Министерство за животна средина

Расчистувањето на четвртиот дел, од вкупно пет кои треба да се исчистат од малата депонија со линдан во историското жариште ОХИС во Скопје, ќе започне дури во февруари идната година. Иако третиот лот е исчистен уште летово, а и поголемиот дел од отпадот што се ископа е веќе извезен и уништен, сепак процедурата за конечно решавање на овој голем еколошки проблем повторно се пролонгира.

Станува збор за втората подолга пауза во чистењето на опасниот отпад, кој му се заканува на главниот град веќе четири децении. Тоа уште повеќе ќе го помести првично најавениот рок за расчистување на депонијата, што беше зацртан за крајот на оваа година.

По завршувањето на вториот лот минатата година, чистењето на третиот продолжи дури во јуни годинава и траеше до август, откако повеќе од шест месеци се потрошија на административни процедури.

Според информациите од Министерството за животна средина за Мета.мк, и овој пат неколку месеци ќе се посветат на технички работи околу евалуација на понудата. Повторно се распишува тендер за избор на изведувач, а според измените на законот за животна средина, ќе треба и нов план за ремедијација што ќе треба да го одобри Владата, а не само Министерството за животна средина.

„Расчистувањето на четвртиот лот ќе започне во февруари 2024 година. Од претходното искуство, ископувањето ќе трае најмногу два месеци, по што ќе следува извозот. Во рамките на Лот 3 се извезени 525 тони на HCH отпад, а додека од ископаните 210 тони на земја контаминирана со HCH, неодамна се извезени првите 44 тони“, информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина.

Од таму потврдуваат дека сè уште не се обезбедени пари за завршување на чистењето на малата депонија, иако кога почна проектот, во јули 2021 година беше најавено дека се обезбедени средства од повеќе донатори.

Тогаш, Министерството за животна средина информираше дека воспоставило соработка со две агенции на Обединетите Нации, УНИДО и УНОПС. Првично, за реализација на проектот Канцеларијата за РOPs во соработка со УНИДО обезбеди 3,1 милиони долари од ГЕФ.

Дополнителните средства, потребни за завршување на чистењето на малата депонија, беше најавено дека се обезбедени од повеќепартнерскиот Фонд за животна средина и се имплементираат од УНОПС. Партнер во проектот е и Норвешка, која во обезбеди 1,5 милиони евра, Делегацијата на ЕУ која издои 2,5 милиони евра од ИПА 3 програмата, а пари секоја година се обезбедуваат и од нашиот буџет. Првичната проценка беше дека целиот проект ќе чини околу 8 милиони евра.

Од Министерството не прецизираат каде ќе се бараат пари за дочистување и на последниот дел од малата депонија со линдан во ОХИС, но посочуваат дека еден дел ќе биде од државниот буџет.

„Сè уште не се обезбедени финансии потребни за ископување на петтиот лот, но постојат можности кои сериозно се разгледуваат, како начини за обезбедување на потребните средства. За следната година планирани се и средства од државниот буџет во висина од 24,5 милиони денари“, велат од Министерството за животна средина.

Според професорот Трајче Стафилов, кој има посветено повеќе научни трудови на историскиот отпад во земјава, меѓу кои и тој од ОХИС, гама изомерот на HCH, односно линданот, кој се користел како инсектицид е најтоксичен од сите изомери. Во фабриката делта изомерот се депонирал на малата депонија, а алфа и бета изомерите како смеса, во големата депонија. Во еден дел од малата депонија при ископувањето беше откриена и мала количина на жива, но од Министерството велат дека од тогаш не е откриен нов случај на присуство на други загадувачи материи, освен HCH.

Малата депонија со линдан има околу 13.000 тони, додека во големата депонија се претпоставува дека има околу 50.000 тони линдан. Исто така, депонијата во месноста Пеленица кај Драчево исто така содржи огромни количини опасен отпад, околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато производството од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата во Скопје.

Линданот во Скопје докажано го има во воздухот од Центар дури до Ѓорче Петров, а според последните испитувања на зеленчук одгледан во околината на фабриката, од девет примероци, три покажале повисоки концентрации на алфа изомерот. Во ОХИС до неодамна беа складирани и 64 тони на десетици други опасни хемикалии, кои за две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа извезени на уништување во повеќе држави.