fbpx

Државата губи 146 милиони кубици вода годишно, најскапо за неа плаќаат кочанчани

Едно семејство во поголемите македонски градови троши во просек 10 кубни метри вода месечно

-

С. Македонија годишно губи 146 милиони кубни метри вода за пиење. Речиси половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40 отсто. Ова го покажува последната анализа од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за цените и потрошувачката на водата за пиење.

Најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње – само 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе. Кај фирмите, најниска цена за кубик вода плаќаат потрошувачите во Желино – 13,42 денари, а убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик.

„Најмногу вода трошат жителите на Маврово и Теарце, по 70 кубици месечно, како и на Боговиње, по 40 кубици месечно. Најмалку вода трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици месечно. Од големите градови, водата е најевтина во Тетово, а најскапа во Охрид. Спротивно, охриѓани трошат најмалку, а тетовчани најмногу вода месечно. Од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода за пиење, се губат повеќе од половина, односно 146 милиони кубни метри“, се наведува во анализата.

Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје, дури 63 милиони метри кубни годишно, што е 43 отсто од целата загубена вода во земјава. Следат Гостивар, Тетово и Кичево.

Дури 44 отсто од 67 снабдувачи со вода за пиење лани оствариле негативен финансиски резултат од работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 255.018.205 денари, односно 4 милиони евра.

„Најголема загуба, од повеќе од еден милион евра има кочанското претпријатие, што е точно една четвртина од вкупните загуби на овие претпријатија. Со поголеми загуби се и водоводните претпријатија на Велес, Битола, Скопје и Струга.
Кај 72 отсто од претпријатијата со финансиска загуба, загубите на вода за пиење се поголеми од 40 отсто“, се додава во анализата.

Половина од водните претпријатија работат со загуба

Земјата годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење. Скоро половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40 отсто.

Во земјава има 67 снабдувачи со вода за пиење и секој наплаќа различна цена за својата услуга. Најголем дел од нив имаат различни цени за „домаќинствата“ и за „останатите потрошувачи“, односно правните лица (фирми и институции).

„Најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе. Просечната цена на кубик вода за пиење во земјава е 27,49 денари. Домаќинствата од Маврово плаќаат само 2,6 денари за кубик, но и 210 денари фиксен месечен надоместок, поради што не се први на листата со најниска цена“, покажа анализата.

Меѓу првите пет општини со најниска цена на водата, четири се од Полошкиот Регион: Боговиње, Теарце, Желино и Врапчиште, додека петтата е Росоман. Спротивно, најскапа вода плаќаат 4 општини од источниот регион, Кочани, Делчево, Пробиштип и Берово, како и Свети Николе.

„За правните лица, цената за кубик вода е најниска за потрошувачите во Желино, 13,42 денари, додека убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик. Овие, т.н. останати потрошувачи, просечно плаќаат по 45,25 денари за кубик вода за пиење, што е дури 65 отсто повеќе од домаќинствата“, се вели во анализата.

И кај фирмите, четири од петте општини со најниска цена за водната услуга се од Полошкиот Регион: Желино, Теарце, Боговиње и Тетово, а петта е Кривогаштани. Спротивно, меѓу петте општини со најскапа вода за фирмите, покрај Скопје, се и Делчево, Берово, Старо Нагоричане и Велес. Во Старо Нагоричане плус се плаќа и фиксен надомест од 87 денари на секоја месечна сметка за вода за пиење.

Во државата има вкупно 708.708 потрошувачи на вода за пиење

Во земјава вкупно има 667.076 регистрирани потрошувачи домаќинства и 41.632 останати потрошувачи, односно правни лица. Покрај Скопје, кое има 271 илјада регистрирани домаќинства, со над 30 илјади регистрирани потрошувачи се само уште три градови, Битола, Охрид и Куманово. Над 20 илјади потрошувачи има Прилеп, а сите други градови во земјава имаат помалку од 20 илјади регистрирани потрошувачи, вклучувајќи меѓу нив и некои големи градови како што се Тетово, Гостивар, Струга и Штип.

Кај останатите потрошувачи, исто така води Скопје со регистрирани 10 илјади правни лица – потрошувачи на вода за пиење. Следат Тетово и Битола со повеќе од 3 илјади потрошувачи, па Куманово со околу 3 илјади. Охрид и Прилеп се со по околу 2 илјади останати потрошувачи, а помеѓу илјада и илјада и 500 имаат Струмица, Струга, Кавадарци и Штип.

„Просечната месечна потрошувачка на вода за домаќинствата изнесува 12,02 кубни метри вода, додека кај фирмите потрошувачката е скоро тројно поголема, односно 35,37 кубни метри вода. Или, фирмите просечно трошат 194 отсто повеќе вода отколку домаќинствата. Најмалку вода, просечно месечно трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици, а со мала потрошувачка, пониска од 7 кубици месечно се и Ранковце, Охрид, Чашка и Карбинци“, се наведува во анализата.

Од големите градови, водата е најевтина во Тетово

Три општини се издвојуваат според најголема потрошувачка на вода и тоа: Маврово и Теарце, каде домаќинствата трошат по 70 кубици месечно, како и Боговиње со 40 кубици месечно. Сите други домаќинства во земјава просечно трошат по помалку од 25 кубици вода месечно.

Кога станува збор за останатите потрошувачи, односно фирмите, најмала потрошувачка има исто така во Старо Нагоричане каде фирмите просечно месечно трошат само по 1,6 кубици, а со потрошувачка под 10 кубици месечно се и Кривогаштани, Демир Хисар, Зелениково и Ново Село. Спротивно, најмногу вода за пиење месечно трошат фирмите во Демир Капија, по 142 кубици, а со многу висока потрошувачка од над 90 кубици месечно се и фирмите во Илинден, Скопје, Маврово и Велес.

Цената на водата за домаќинствата во големите градови (оние над 40.000 жители) просечно изнесува 31 денар за кубик. Дури во 9 од 11 големи градови цената на водата се движи од 29 до 39 денари за кубик. Исклучок се Тетово и Гостивар, каде цената на водата е 16, односно 17 денари за кубик. Скопје е околу просекот, и цената изнесува 32 денари за кубик.

За останатите потрошувачи, просечната цена е околу 54 денари за кубик. Поединечните цени на десет од 11 градови се движат од 42 до 68 денари, со исклучок на Тетово каде цената на водата за правните лица изнесува 25,5 денари за кубик. Најскапа вода за фирмите има во Скопје, 68 денари.

Просечно урбано семејство троши 10 кубици вода месечно

Кога станува збор за потрошувачката на вода за пиење, просекот меѓу големите градови е околу 10 кубици месечно по домаќинство. Но, охриѓани просечно трошат по околу 6 кубици, додека тетовчани по повеќе од 13 кубици месечно. Просечната потрошувачка на вода за пиење во Скопје е нешто помалку од 9 кубици.

Правните лица во големите градови, пак, просечно трошат дури 4,5 пати повеќе вода од домаќинствата, односно по 45 кубици месечно. Најмалку вода трошат фирмите во Тетово, по 15 кубици, а најмногу фирмите во Скопје, по 99 кубици месечно.

Мета.мк лани пишуваше дека најголем дел од водата за пиење се губи пред да стаса до граѓаните. Податок што најмногу загрижува е количеството на вода за пиење кое минатата година стигнало до потрошувачите – 144.865.000 метри кубни вода, што пак значи дека преостанатите количества на вода за пиење се губат во водоводните системи на патот од изворот до самите потрошувачи.

„Алармантната состојба со загубите на вода за пиење е присутна и во главниот град, чиј водоводен систем е најголем во земјава. Процентот на неприходувана вода во рамките на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во 2022 година бил 60,3 отсто“, објави Мета лани во јуни.

Апсурд: Најголем дел од водата за пиење се губи пред да стигне до граѓаните [инфографик]

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Минчев, поради злоупотреби, најави укинување на балансерот

Министерот за јавна администрација Горан Минчев најави укинување на балансерот. Како причина за ова, тој рече дека балансерот во минатото бил предмет на злоупотреби. „Имавме случаи каде етнички Македонци се...