Интервју со професор Трајче Стафилов: Решенија за жешките точки има одамна, само треба да се спроведат

Проф. Трајче Стафилов; Фото: Мета.мк

Загадувањето на животната средина со тешки метали е централната тема на долгогодишните научни истражувања на професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија на ПМФ. Во интервју за Мета.мк, професорот Стафилов го објаснува процесот на откривањето на 16 жешки точки со историски индустриски отпад, но и за изработката на физибилити студиите со решенијата за нивно чистење, кои постојат долги години, а не се реализирани до денеска.

Професоре Стафилов, за време на вашата кариера, како дел од научната работа сте истражувале загадување на животната средина на многу локации низ земјава. Може ли да ни кажете колку точки со историски отпад имаме во државата?

Европската Унија од 2004 до 2006 година ангажираше консултантски фирми да изработат Стратегија за отпад, во рамките на која еден дел се однесуваше и на индустрискиот отпад. Јас, заедно со двајца колеги, работев како дел од тимот меѓународни експерти со кои направивме инвентар на сите тогашни активни и затворени индустриски објекти кои генерираат отпад. На тој список имаше околу 300 капацитети од кои многу и ги посетивме и според резултатите и увидот што го направивме издвоивме 16 како најкритични и ги нарековме жешки точки. Тогаш, претставништвото на ЕУ во земјава ни одобри нови средства да извршиме и прелиминарни истражувања на состојбата на почвите, површинските и подземните води на тие 16 локации. Врз основа на резултатите направивме рангирање по опасност на овие жешки точки, а критериумите беа количеството на отпадот што го создаваат, токсичноста, колку локацијата е блиску до населено мести, концентрацијата на опасните хемикалии во отпадот, во каква форма се и други.

Кои капацитети се најдоа на овој список?

На прво место беше ОХИС со депонијата на ХЦХ и неговите изомери. Гама изомерот, односно линданот, кој се користел како инсектицид е најтоксичен од сите. Во двете депонии во фабриката се фрлени и другите изомери, делта се депонирал на малата депонија, а алфа и бета како смеса, во големата депонија. На второ место според ризикот за здравјето на луѓето, а и животната средина беше рангирана депонијата со троска од Топилницата во Велес.

После нив се јаловиштата на рудниците Злетово во Пробиштип, Саса во Македонска Каменица, Тораница кај Крива Паланка, Лојане, Бучим во Радовиш, кои имаат огромни депонии со десетици милиони тони отпад. На списокот се наоѓаат и термоелектраните во Битола и Кичево, РЕК и Осломеј и нивните депонии од пепел што го создаваат при горење на јагленот. Десет проценти од јагленот е пепел, а овие капацитети согоруваат меѓу седум и десет милиони тони јаглен годишно и создаваат еден милион тони пепел. Тоа помножено со 40 години работа, даваат огромни бројки. За жал,  овој отпад не секогаш бил депониран според пропишаните стандарди. Во овие капацитети, исто така, никогаш не се вградија ниту десулфуризатори и филтри за прашина и за заштита од азотни оксиди да не зборуваме.

Како генератори на опасен индустриски отпад се лоцирани и другите топилници во земјава, Железара во Скопје, Фени во Кавадарци и Југохром во Јегуновце со своите депонии со троска. На листата тогаш имаше и уште две локации, кои веќе не се на тој список. Тоа се кожарската индустрија Годел од Скопје и Тане Цалевски во Кичево. Во Годел констатиравме дека отпадните води не се третирале соодветно и целиот локалитет беше контаминиран со шествалентен хром. Тане Цалевски работеше електролиза и поцинкување и пониклување на предмети и отпадните води не се третираа соодветно. Сега и двете места се урбанизирани и повеќе не се жешки точка, со што на списокот останаа 14.

Проф. Трајче Стафилов; Фото: Мета.мк

Дали тогаш понудивте и решенија за сите овие локации, што треба да се направи за да се неутрализира ризикот за животната средина?

Штом го изработивме елаборатот и Владата го усвои, Европската Унија веднаш финансираше физибилити студии за првите пет најжешки локации. Во нив многу детално се анализраше состојбата и се предложија финансиски контрукции за можните решенија за справување со индустрискиот отпад. Значи, ние многу одамна имаме разработено физибилити студии и за ОХИС и за Топилница, за Макстил, Југохром и за Лојане.

Но, како што гледате, од затворените и неактивни жешки точки, само за ОХИС се преземени мерки за решавање на загадувањето. И тоа и тие се на почеток. Другите се заборавени. Стојат во некоја евиденција. Кај оние капацитети кои се продадоа, како што се рудниците и некои топилници новите сопствениџци добија обврска да инвестираат, па меѓу нив има и позитивни примери. Макстил и Фени ги реконструираа филтрите за прашина и се подобри квалитетот на воздухот, Бучим го реши проблемот со површинските води, а депонијата на јаловиштето е пошумена. Саса ги покри и ги пошумија старите две јаловишта, но Тораница, за жал, нема инвестиции во заштита на реките, иако има депонија со 17 милиони тони јаловина.

Каква беше реакцијата на надлежните институции на сите овие сознанија?

По сите овие сознанија од 2005 година во следните десетина и повеќе години, заедно со мои колеги од повеќе земји, но и со 30 магистранти и докторанти од Институтот за хемија, направивме истражување на загадувањето со тешки метали на почвите, воздухот, водите, седиментите и храната во зелата земја. Објавивме атласи за загадувањето за седум региони, Скопје, Велес, Брегалнички слив, Пелагонија, Кавадарци, Радовиш и Кичево. Имаме објавено повеќе од 120 научни трудови за загадувањето на воздухот.

Сите овие информации од време на време ги презентирам пред надлежните институции, им ги доставувам на хартија или електронски, добивам тапкање по рамо, но некоја особена реакција досега немало.

Дали во тоа време се знаеше дека ОХИС има уште една депонија надвор од кругот, во Пеленица?

Не, никој не знаеше, тоа се дозна пред некоја година. Тогаш ги посетивме двете депонии за кои се знаеше, тоа беше период пред затворањето на фабриката, кога откривме уште една депонија која е во кругот на ОХИС, но во која, како што ни кажаа, е фрлан различен отпад, но не и токсичен. Таа е убаво покриена, тампонирана и зазеленета, но не сме на чисто каков отпад содржи. На неа имаме направено само едно истражување со една бушотина со длабина од шест метри и со неа не утврдивме никакви хемикалии. Но, сепак, беше само една бушотина, подетални испитувања нема. За Пеленица информации дадода поранешни инженери и други вработени, кои по сеќавање ја посочија локацијата и еве сега се докажа дека навистина има депониран опасен отпад.

Што мислите, што требаше досега да биде направено за да биде, ако не решен, сепак намален ризокот од загадување од овие локации?

Во 2008 година со колеги од Универзитетот во Брно од Чешка поставивме специјални филтри на шест локации во земјава, од кои три во Скопје, и потоа во нивните лаборатории анализиравме присуство на различни органски супстанци во воздухот, вклучувајќи и ХЦХ. Утврдивме сериозни концентрации на линдан во Скопје, измерени во нанограми на метар кубен, но, и во тие концентрации се многу опасни, канцерогени.

За жал, од 2006 година, кога ги прогласивме жешките точки, досега не направивме речиси ништо. Мислем дека требаше барем да ги покриеме, како привремено решение да не се разнесува загадувањето, додека не се обезбедеа големите пари за конечно решавање, како што е случајот сега за малата депонија во ОХИС. Исто така, мора да кажеме дека кога веќе имаме постоечки физибилити студии за дел од локациите, досега можеше да се искористат годините што поминаа да се распишат тендери за проекти, да се изберат решенија и да се бараат финансии, ено по едно. Речиси ништо не е направено на тој план, а изминаа децении.