Идната недела конечно ќе почне чистењето на 13.000 тони линдан од малата депонија во Охис

Фото: Влада на РСМ

Повеќе од три години по првичната најава, чистењето на малата депонија со линдан во кругот на некогашната хемиска фабрика ОХИС започнува идната недела. Завршено е поставувањето на заштитниот шатор и другите подготвителни работи пред да започне ископувањето на историскиот опасен отпад. Линданот и контаминираната земја ќе се пакуваат во специјални буриња и ќе се транспортираат на безбедно уништување во Франција и Холандија. Чистењето се очекува да трае една година, а во тој период ќе се работи и на обезбедување на средства и за големата депонија. Чистењето на малата депонија се проценува дека ќе чини девет милиони евра.

Местото каде за неколку денови ќе започне чистењето на хемикалиите денеска го посетија премиерот Димитар Ковачевски, министерот за животна средина Насер Нуредини и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Дејвид Гир.

Ковачевски истакна уште еднаш дека се потврдуваат заложбите и решеноста да се реши оваа повеќедецениска жешка еколошка точка во Скопје

„Правиме крупни чекори во исполнувањето на обврските од Стокхолмската конференција на која сме полноправна членка од 2001 година. Решавањето на овој проблем со историскиот отпад на линдан и неговите изомери бара континуирано залагање и посветеност и финансиски средства и мобилизирање на сите домашни и странски ресурси за што сме благодарни. Во овој проект соработуваме со Владата на Норвешка, ГЕФ и две организации на ОН, УНИДО и УНОПС, а придонес има и Делегацијата на ЕУ која издои 2,5 милиони евра од ИПА 3 програмата“, рече Ковачевски и нагласи дека во план е и продолжување на работите и чистење на големата депонија, но и на живата од погонот за електролиза.

Околу малата депонија е поставена заштитната покривка, обезбедена е целосната механизација, а деновиве се вршат и обуки за безбедно постапување за сите кои ќе бидат непосредни инволвирани во проектот. Министерот Нуредини посочи дека за сите овие активности се потрошило повеќе време од првично планираното поради  тоа што приоритет била безбедноста што барало внимателен пристап и прилагодување на теренот.

„Сега следува ремедијацијата на една од најголемите жешки точки во нашата земја која е за жал на оваа локација со децении. На овој процес на ремедијација му претходеше и уште еден комплексен и успешен проект за отстранување на заостанатите залихи на опасни хемикалии што со децении беа собирани и складирани во кругот на ОХИС“, рече Нуредини.

Тој најави дека веќе се работи на мобилизирање на дополнителни средства за проектот да продолжи и на големата депонија на линдан во ОХИС. Се претпоставува дека таа крие десетпати повеќе опасна хемикалија отколку малата. Од Министерството велат дека партнерите од ГЕФ веќе ветиле десет милиони евра за чистење на големата депонија. Нуредини рече дека Министерството пред две години изработи дополнување на Законот за животна средина за да се донесе методологија за реализација и воспоставување на финансиски механизми за обезбедување средства за санација за сите останати историски жешки точки во државата.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјата, Дејвид Гир, посочи дека ова е еден од многуте проекти коишто ги поддржува ЕУ во земјава и кои се поврзани со заштита на животната средина од деградација.

Линданот е пестицид кој има исклучително лошо влијание врз животната средина, но и врз здравјето на луѓето | Илустрација: Мета.мк

Првично беше планирано чистењето на линданот да започне во 2020 година, но поради повеќе причини, најпрво поради пандемијата, па поради одложување на испораката и монтажа на шаторот, па и поради пронајден „бел прав“ во почвата, почетокот на работите беше одложуван.

Во малата депонија, чие чистење треба да започне следната недела, има 13.000 тони опасен линдан и четирипати повеќе (над 50.000 тони) во големата, а не се знае уште колку илјадници тони канцерогена хемикалија има во другите две депонии, едната во дворот на некогашната фабрика, а другата надвор од неа, кај локалитетот Пеленица близу Драчево.

Несоодветно складиран, само затрпан со земја, без гаранции дека е заграден со бетонски базен, линданот докажано го има во воздухот од Центар дури до Ѓорче Петров, а многу веројатно дека се наоѓа и во почвата и подземните води во широк круг околу ОХИС.

Меѓународната асоцијација за истражување на канцер го класифицира линданот во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Долготрајната изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.