Фото: Архива на Мета.мк

Пандемијата на корона вирусот го заглави тендерот за избор на компанија која ќе треба да ја исчисти малата депонија на линдан во дворот на ОХИС. Изборот на компанијата која ќе го чисти линданот требаше да биде завршен до крајот на минатиот месец, но актуелните настани и затворањето на границите ја прекинаа финалната фаза на евалуацијата.

„Одложувањето на изборот на компанијата го одложува и стартот на чистењето на опасниот историски отпад. Чистењето само на малата депонија со линдан, во кругот на ОХИС се претпоставува дека ќе трае меѓу 15 и 18 месеци, а проектот има рок до крајот на 2021 година, во кој мора да биде завршен. Веднаш до неа е и големата депонија, за која допрва ќе се бара начин да се исчисти, а во двете депонии се претпоставува дека се наоѓаат околу 55.000 тони отпад во вид на прав и паста од некогашното производство на линдан.

Опасноста која доаѓа од дворот и од зградите на некогашниот хемиски гигант ОХИС е огромна, смета професорот Трајче Стафилов. Посочува дека во проектот што е финансиран од Глобалниот еколошки фонд на Обединетите нации преку УНИДО и Канцеларијата за ПОПс во Министерството, извршени се многу испитувања на загаденоста на почвата, поземните води, воздух и храна, кои се завршени пред година ипол.

„Последиците од влијанието на ОХИС се познати, а чистењето на отровите мора да започне што поскоро. Бидејќи, дури и откако ќе бидат изнесени сите хемиски остатоци од работењето на фабриката, тој простор ќе остане контаминиран. Ќе следуваат години во кои ќе мора да се работи на испитување и деконтаминација на почвата и подземните води. Според мене, најголемиот проблем се загадените подземни води. Постојат решенија за испумпување и третман, но за тоа ќе треба и многу време и многу финансии. Кој знае колку отрови и каде се наталожени и до каде се разнесени. Погонот за електролиза допринесува и за загадување и со жива, а не знаеме во каква состојба се и другите објекти и колку се контаминирани. Има укажувања од експерти кои работеле на увид во состојбите на ОХИС дека постојат повеќе варијанти за заштита кои може да значат и целосно уривање на сите згради. Тоа се многу проекти кои чинат многу пари. Како што гледаме тендерите заглавуваат, проектите се пролонгираат, а скопјани со децении ги трпат последиците од загадувањето“, посочува Стафилов.