По речиси пет месеци во притвор, Врховниот суд одлучи таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, да оди во куќен притвор.
„По одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, се вели во одлуката на Врховниот суд.
Ѓорчевски денеска пред судот, плачејќи, образложуваше со што се соочува.
„Ми одзедоа сè. Не сум веќе ни родител ни татко, ехо од човек остана од мене. Би сакал да го дознаам идентитетот на луѓето што го направија ова и сите тие се подеднакво виновни“, рече Ѓорчевски.
„Се соочувам со апсурдни обвинувања до апсолутност. Во моментите кога не можев да пуштам ниту глас, ниту солза, бев обвинуван во полициска станица и тоа за работи што не ми се јасни и не ги разбирам“, рече Ѓорчевски.
Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ рече дека семејната трагедија што ја преживува неговиот клиент ескалира бидејќи тој нема контакт со другата ќерка, односно не му е дозволено да ја види својата друга ќерка, па во случајот морал да се вклучи Центарот за социјални работи.
Дополнително, како што истакна Туфегџиќ, на Александар Ѓорчевски му била вршена и тортура за што постоеле медицински извештаи од Торакалната клиника, за што Хелсиншкиот комитет за човекови права извршил и разговор со Ѓорчевски.
Во меѓувреме, случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски од Велес, тапка во место, односно и по пет месеци од двојното убиство, сè уште нема обвинение.
За првиот осомничен за двете убиства, Љупчо Палевски, сè уште се чека екстрадиција од Турција. Тој избега од државата на 30 ноември лани, три дена по убиството на Вања Ѓорчевска.
Прво замина за Србија, а потоа преку Бугарија за Турција, каде што и беше уапсен. Нему му беше одреден екстрадициски притвор во Турција. Палевски се сомничи за грабнување и за убиство на свиреп начин.
Во истражниот затвор во Шутка во моментов се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои ги доведоа истражните органи до местата каде што се закопани телата на Ѓорчевска и на Жежовски. Таткото на Вања беше во притвор бидејќи се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации за движењето на неговата ќерка пред да биде грабната.