fbpx

Случаите Вања Ѓорчевска и Данка Илиќ не се поврзани со трговија со деца

Заедничко за двата случаја е тоа што двете девојчиња се убиени истиот ден – едното дента кога беше киднапирано, а другото беше прегазено со автомобил, што е спротивно на трговијата со деца кога тие се оставаат живи за да може да се тргува со нив, пишува Вистиномер

-

Случаите за Данка Илиќ, двегодишното девојче кое беше прегазено од автомобил и за Вања Ѓорчевска која беше убиена во близина на Скопје, не се поврзани со трговија за деца. За малата Данка, според официјалната истрага, има двајца осомничени кои со службено возило го прегазиле девојчето пред куќата, го ставиле во задниот дел од автомобилот и потоа го оставиле телото на засега непозната локација. Во однос на случајот со Вања, Вистиномер веќе го дебанкираше тврдењето дека таа била жртва на трговија со органи. Заедничко за двата случаја е тоа што двете девојчиња се убиени истиот ден – едното дента кога беше киднапирано, а другото беше прегазено со автомобил, што е спротивно на трговијата со деца кога тие се оставаат живи за да може да се тргува со нив, пишува Вистиномер.

Текстот го пренесуваме во целост:

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Две недели пред да исчезне, Данка била водена на специјалистички преглед, кој поради истрагата која е во тек не може на јавноста да се соопшти каков преглед бил. А ден пред да исчезне, мајката гуглала информации за гранични премини како и за кривична одговорност за некои дела. Потоа се појавува снимка на интернет, на која се забележува девојче кое личи на Данка, а снимката доаѓа од Виена, и се потврдува дека двете жени кои личат како оние од снимката од Виена, навистина ја поминале границата на Србија, за на крајот да се излезе со соопштение до јавноста дека се уапсени луѓе кои со службено возило го прегазиле девојчето, а потоа го сокриле (или не знам што му направиле на телото) а со киселина се потрудиле да ги прекријат трагите од крв.
 Јас не знам дали постои човек кој ќе поверува во овој исход, ама дека се работи за цврста мрежа на трговија со деца, тоа е веќе јасно уште со случајот со нашата Вања…
 Прашањето е: “Кој стои зад сето ова”?
 Премногу е за да биде случајност.
А и премногу е за да може да се “свари” сето ова од сите нас кои континуирано живееме во страв!

Случаите на Вања Ѓорчевска од С. Македонија и на Данка Илиќ од Србија, воопшто не се поврзани со трговија со деца, според она што е познато во двете засебни истраги. Во случајот со Вања Ѓорчевска, пронајдено е телото на убиеното девојче, а според исказот на осомничените, била убиена истиот ден кога била грабната, што не кореспондира со намера за трговија со луѓе. Во случајот со Вања Ѓорчевска, како што изјави на прес-конференцијата јавниот обвинител Гаврил Бубевски, воопшто не почнала процедурата на барање откуп, односно не биле побарани пари за откуп од никого.

И во истрагата во Србија, за малата Данка Илиќ, според досегашните официјални информации, девојчето било веднаш усмртено со автомобил, а осомничените се товарат за кривични дела за прикривање на трагите и за сокривање на нејзиното безживотно тело кое уште не е пронајдено.

Во објавата што ја рецензираме, дополнително се споменува дека Данка Илиќ била забележана во Виена Австрија на видеоматеријал, меѓутоа за таа снимка која во еден период од истрагата беше проверувана, се пронајдоа лицата кои се на неа, односно мајката и девојчето, за кое полицијата во Австрија потврди дека не е истото девојче, туку друго.

Она што е наведено во објавата дека мајката на Данка пребарувала на интернет за гранични премини и времетраење на затворска казна за извршено кривично дело, не е вистина. Тоа самата го има демантирано, а полицијата на Србија никогаш јавно не го соопшти, туку секогаш го соопштуваа таблоидите врз основа на неименувани извори.

Мојот телефон беше на вештачење, само тоа ќе го кажам. Да било така, не би била мајка што го бара своето дете, туку мојот статус би бил поинаков. Само Данка да се врати жива и здрава, а потоа ќе зборуваме за сè, изјавила мајката на Данка, за Нова.рс. додека уште не беше познат трагичниот епилог од истрагата и кога се ширеа морбидни шпекулации дека таа е вмешана во наводно киднапирање и трговија со луѓе.
Министерството за внатрешни работи на Србија, демантираше дека по вештачењето на телефонот било утврдено дека таа пребарувала гранични премини.

Морбидната и неетичка пракса да се шпекулира и сензационалистички да се коментира за оваа трагедија не престанува дури ни кога двајца осомничени кои се наоѓаат во притвор признаа дека ја усмртиле Данка со службено возило.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, дека случаите Вања Ѓорчевска и Данка Илиќ се слични и поврзани со трговија со луѓе, за тоа нема ниеден доказ.

Што се однесува на случајот со Вања Ѓорчевска, Вистиномер веќе го дебанкираше тврдењето дека таа била жртва на трговија со органи.

Случајот со малата Данка Илиќ според официјалната истрага не е поврзан со трговија со луѓе, туку со изолиран случај во кој двајцата осомничени, според она што го изјави министерот за внатрешни работи на Србија, биле во службено возило коешто поминувало пред куќата каде била Данка, го прегазиле девојчето, го ставиле во задниот дел од автомобилот и потоа го оставиле телото на засега непозната локација. Како што рече тој, објаснувајќи ја истрагата во детали, причината поради која службеното возило било сомнително бил фактот што тоа возило се задржало на улицата многу долго време (околу 5 минути во кои сè се случило), а начинот на кој е дојдено до овие сознанија е фактот што службеното возило има џи пи ес систем за следење од кој била евидентна трасата на движење.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина оти случаите Вања Ѓорчевска и Данка Илиќ се поврзани со „цврста мрежа за трговија со деца“.

Инаку, седум деца од земјава во 2022 се воделе дека се во мрежата на трговија со луѓе и тоа на возраст од 14 до 17 години, објави лани Дојче Веле, повикувајќи се на податоци од Министерството за внатрешни работи. Според видот на експлоатацијата, во најголем број од случаите се работи за присилен брак – шест лица, а две се идентификувани како сексуална експоатација од кои едниот случај е онлајн експлоатација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...