Потпишан законот за забрана на ТикТок во САД, доколку апликацијата не биде продадена

Законот предвидува компанијата „БајтДенс“, која стои зад ТикТок, да мора да го продаде својот удел во платформата во рок од 12 месеци или да се соочи со забрана

фото: Колаж на фотографии / visuals on Unsplash и The White House, CC BY 3.0 US , via Wikimedia Commons

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го потпиша законот со кој во САД се забранува апликацијата во кинеска сопственост ТикТок, доколку не се продаде на американска компанија во рок од една година.

Ова е најсериозната закана досега за иднината на ТикТок во САД, додека технолошката војна на Америка со Кина се интензивира, пишува „NPR“.

Законот нема да предизвика итни последици по ТикТок, затоа што се очекуваат жалби и правни предизвици, но и пречки за продажба на апликацијата.

Мерката беше ставена во нацрт-законот со кој се обезбедува странска помош за Израел, Украина и Тајван.

Законот предвидува компанијата „БајтДенс“, која стои зад ТикТок, да мора да го продаде својот удел во платформата во рок од 12 месеци или да се соочи со забрана. Во тој случај, „Гугл“ и „Епл“ ќе бидат принудени да го отстранат ТикТок од своите продавници за апликации.

И покрај загриженоста на Вашингтон, популарноста на ТикТок во САД е огромна – околу 170 милиони Американци, односно околу половина од населението, ја користат апликацијата.

Законодавците и администрацијата на Бајден тврдат дека, сè додека ТикТок е во сопственост на кинеска компанија, апликацијата е потчинета на диктатите на кинескиот авторитарен режим.

„Конгресот не дејствува за да ги казни ‘БајтДенс’, ТикТок или која било друга компанија. Конгресот дејствува за да ги спречи странските противници да спроведуваат шпионажа, надзор, злоупотребени операции, да им наштетат на ранливите Американци, нашите службеници и жени и нашиот владин персонал“, рече сенаторката од Демократската партија која претседава со Комитетот за трговија во Сенатот, Марија Кантвел.

Во видео објавено на ТикТок веднаш откако Бајден го потпиша законот, извршниот директор на ТикТок, Шоу Зи Чу, рече дека е уверен оти апликацијата ќе победи на суд и оти корисниците не треба да очекуваат проблеми во меѓувреме.

„Бидете уверени, нема да одиме никаде. Фактите и Уставот се на наша страна и очекуваме повторно да надвладееме“, рече Чу.