Поради бел прав во почвата доцни чистењето на линданот во ОХИС

Фото: Министерство за животна средина

Бел прав во почвата е причината за доцнење на чистењето на малата депонија на линдан во ОХИС. Грчката компанија „Полиеко“ веќе ги започна подготвителните работи за поставување на шаторот над малата депонија, под кој треба да започне ископувањето на канцерогениот пестицид. Шаторот е со големина од 3.000 квадратни метри, а во моментов се копаат темелите за поставување на метална конструкција околу депонијата на која ќе треба да биде монтиран. Специјализираниот шатор ќе биде опремен и со посебни единици за филтрација, а работниците ќе мора да носат и посебна респираторна заштита.

Фото: Министерство за животна средина

Испитувањето на почвата околу депонијата, во која било откриено присуство на прашкаста бела материја, е причината што градежните зафати на терен го одложија првично зацртаниот термин за поставување на шаторот. Примероци од почвата биле испратени на анализа во Институтот за хемија  на Природно математичкиот Факултет со цел да се утврди хемискиот состав, а дополнително и во чешката лабораторија ALS.

„После двојната проверка и официјална верификација на резултатите беше утврден протокол на сепарирање на почвата на различни категории, според тоа дали има присуство на белиот прашок и присуство на контаминација во некои од точките на земање на мострите. Ископот на темелите е веќе започнат, а согласно овој протокол и сите безбедносни правила, се врши складирање и препакување на ископаната почва. Поставувањето на шаторот ќе се случи откако ќе се завршат темелите и поставувањето на металната конструкција“, велат во Министерството.

Изведувачот „Полиеко“ е обврзан да доставува редовни дневни и неделни извештаи за сработеното до Министерството за животна средина, поткрепени со фото документација. Од компанијата велат дека и покрај пролонгирањето на подготвителните работи, по монтирањето на шаторот, ископот на контаминираната земја и закопаниот пестицид на депонијата ќе се одвиваат многу побрзо.

Фото Министерство за животна средина

„Бидејќи се работи за екстремно специфичен и контаминиран материјал, претпазливоста и безбедноста мора да биде на највисоко можно ниво, па од тие причини сите подготвителни работи се изведуваат со исклучително внимание, можеби на штета на времето, но секако во корист на безбедноста“, велат од Министерството.

Чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС е најавено дека ќе трае околу една година. Во неа има околу 7.000 тони од опасната хемикалија и контаминирана земја, што пет децении стојат во дворот на некогашниот хемиски гигант. Тие ќе бидат спакувани во специјализирани буриња и веднаш ќе се транспортираат на безбедно уништување во Франција и во Холандија.

Фото: Архива на Мета

Веднаш до малата, во кругот на ОХИС се наоѓа и поголемата депонија со линдан, за која се претпоставува дека има околу 52.000 тони канцероген линдан. За нејзиното чистење дополнително ќе се бараат средства. ОХИС има и уште две депонии кои засега не се испитани и количините кои се складирани тука само се претпоставуваат. Едната се наоѓа во дворот на фабриката, а другата во месноста Пеленица, близу Драчево.