Чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС се одложи за еден месец

Фото: Мета.мк

Се одложува стартот на чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС. Монтирањето на заштитниот шатор, под кој ќе се извршува ископот на земјата и линданот, ќе се заврши до крајот на идниот месец, иако беше највено дека работите ќе започнат на почетокот на септември. Според првичниот план, деловите од шаторот требаше да стигнат во земјава од Италија до средината на август, а експерти на производителот требаше да ги монтираат на лице место над малата депонија до крајот на месецов. За почетокот на септември беше најавен и старт на ископот на првите количини земја.

Од Министерството за животна средина информираат дека производителот на шаторот од Италија пред десетина дена ги информирал дека испораката и монтажата ќе се одложат за не повеќе од еден месец. Тоа, велат им оди во прилог, бидејќи е подобро работите да се изведуваат на пониски температури.

„Роковите кои беа првично најавени се малку поместени првенствено заради високите температури во Скопје во овој период од годината. Еден месец не менува многу во динамиката, но температурите секако повеќе ќе одговараат на крајот на септември, да не се создава страв кај населението дека заради топлината може да има испарувања. Исто така и производителот на шаторот ни испрати нов рок за испорака и монтирање, кој сега е крајот на септември. Очекуваме дека се ќе помине во ред со транспортот и дека ќе се испочитува рокот. Во постојана комуникација сме со производителот и на сите ни е од интерес работата да биде навремено завршена и да започне ископот од малата депонија“, вели Сузана Андонова, координатор на проектот од Министерството за животна средина.

Малата депонија на линдан во ОХИС има околу 7.000 тони од опасната хемикалија и контаминирана земја, што повеќе децении стојат во дворот на некогашниот хемиски капацитет. Тие треба да бидат спакувани во специјализирани буриња и веднаш ќе се транспортираат на безбедно уништување во Франција и Холандија. Ископот ќе се врши под специјализираниот шатор кој ќе има посебни единици за филтрација, а работниците ќе имаат и посебна респираторна заштита. Сите активности ќе се одвиваат во затворен простор за да се третирани тука, туку само спакувани и транспортирани.

Летово, министерот за животна средина Насер Нуредини најави дека во јули идната година, малата депонија ќе биде чиста. Што се однесува до големата, што се наоѓа веднаш до неа и има околу 52.000 тони, дополнително ќе се бараат средства. ОХИС има и уште две депонии кои засега не се испитани и количините кои се складирани тука само се претпоставуваат. Едната се наоѓа во дворот на фабриката, а другата во месноста Пеленица, близу Драчево. Експерти и тогаш, а и сега предупредуваа дека опасноста од токсичната хемикалија ќе го демне градот се додека не се исчисти и последната количина на линдан од почвата и подземните води. Линданот е халогенирано органско соединение. Производството и земјоделската употреба на овој инсектицид било забрането според Стокхолмската конвенција за перзистентни органски полутанти бидејќи негативно влијае на нервниот систем, црниот дроб и бубрезите и може да биде канцероген.