Оловниот отпад од акумулатори сè уште стои на отворено во Ѓорче Петров, се бара компанија што ќе го транспортира

Државниот инsпекторат го продолжи рокот за чистење на парцелата во Орман, за да може да се најде соодветен транспортер

Фото: ДИЖС

Компанијата „Рецикл Еко Старт“ сè уште не го исчистила опасниот отпад од преработка на стари акумулатори од плацот во селото Орман во Ѓорче Петров. Компанијата, која доби кривична пријава од Државниот инспекторат за животна средина заради тоа што незаконски и без дозвола собирала и преработувала отпад што содржи олово, не може да најде компанија која ќе го спакува и транспортира опасниот материјал назад во нејзиниот објект.

Иако рокот од 60 дена што компанијата го доби од Државниот инспекторат за животна средина во ноември лани за да го исчисти плацот во Орман и да го врати отпадот кај себе е изминат, отпадот сè уште стои на парцелата, оставен на отворено, без никаква заштита. Тука го натрупала оваа компанија во текот на минатата година, а потекнува од преработувачот на стари акумулатори „Таб-Мак“ од Пробиштип. „Рецикл Еко Старт“, исто како и „Таб-мак“, имала А-интегрирана дозвола само за преработка на акумулатори, но не и за третман на отпадот од тој процес. Сепак, и покрај тоа од „Рецикл Еко Старт“ монтирале постројка за преработка и оловната паста која ја создавал од отпадот, преку друга фирма, „Рецикл Еко Трејд“ ја враќал повторно кај „Таб-мак“ каде се користела за производство на акумулатори. Додека оваа дејност се работела незаконски, транспортер на отпадот била фирмата „Статус“ од Скопје.

Од Државниот инспекторат велат дека се запознаени со состојбата и дека рокот за чистење на парцелата во Орман е продолжен, за да може да се најде соодветен транспортер.

„Правниот субјект по негово барање со образложение доби уште дополнителни 60 денови за отстранување на опасниот отпад, со Решение во инспекциска постапка, по извршен контролен инспекциски надзор. Изготви и достави Протокол за безбедно отстранување на опасниот отпад, во завршна фаза е на потпишување договор со фирма која поседува соодветни дозволи АДР од Министерствот за транспорт и врски за ваков вид отпад, по што ќе отпочне со транспорот“, велат од ДИЖС.

Инспекторите информираат дека овој дополнителен рок воедно е и последен, и дека ако не се испочитува и во овој период ако не се исчисти плацот во Орман, компанијата ќе добие прекршочна постапка за неспроведување на нивно решение.

„Очекуваме рокот да се испочитува и опасниот отпад безбедно да биде вратен на местото каде што е лоцирана фабриката во Општината Чучер Сандево. На оваа локацијата постојат услови и бетониран простор заштитен со текстилна и геомембрана, каде ќе се складира отпадот“, посочуваат од Државниот инспекторат.

Инспекторите за животна средина на „Рецикл Еко Старт“, покрај со кривичната пријава за загрозување на животната средина и природата, во ноември минатата година ја казнија и со забрана за работа во рок од 90 дена. Сепак, во меѓувреме, „Рецикл Еко Старт“ ја заврши постапката за измена на А-Интегрираната дозвола пред Министерството за животна средина и сега практично има зелено светло да ја работи истата дејност, односно да го преработува оловниот отпад.

Од Министерството велат дека целокупната постапка е изведена во согласност со процедурата за измена пропишана во Законот за животна средина.

„Во извршената измена на А-ИЕД за Рецикл еко старт се додава нова технолошка постројка за преработка на отпадна троска со метод на дробење, сеење, растварање и циклонирање на отпадната троска која во дадениов случај представува суровина, во затворен систем на преработка од каде немаме појава на нова емисиона точка во воздух или во вода“, информираат од Министерството.

Посочуваат дека не е можно да се направи поврзување на пронајдениот опасен отпад во Орман со А-интегрираната дозвола, дури и да се работи за истата компанија, со оглед на тоа што дозволите се поврзани само со една локација, која во нив се наведува со површина и координати.

Опасниот отпад беше откриен во октомври минатата година при редовна обиколка од страна на овластениот инспектор за животна средина на Општината Ѓорче Петров. Тој пријавил дека лоцирал одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии, за која се процени дека е од 500 до 600 тони. Со лабораториските анализи што ги направи Државниот инспекторат за животна средина се докажа дека се работи за опасен отпад што содржи 10 проценти олово, но и бакар, кадмиум и други тешки метали.