Фатени од инспекторите, а чекаат дозвола за преработка на опасниот оловен отпад во Орман

Фирмата, за која беше откриено дека откупувала отпад од преработувачот на стари акумулатори „Таб-Мак“ од Пробиштип за да произведе оловна паста, иако тоа го правела целосно надвор од сите прописи, ќе добие можност да ја истера постапката пред Министерството за животна средина, затоа што законот и го дозволува тоа

Фото: ДИЖС

Компанијата „Рецикл еко старт“ од Скопје, која незаконски без дозвола преработуваше опасен оловен отпад од акумулатори, има најава дека ќе добие кривична пријава, но не и запирање на постапката за проширување на А-интегрираната дозвола. Фирмата, за која беше откриено дека откупувала отпад од преработувачот на стари акумулатори „Таб-Мак“ од Пробиштип за да произведе оловна паста, иако тоа го правела целосно надвор од сите прописи, ќе добие можност да ја истера постапката пред Министерството за животна средина, затоа што законот и го дозволува тоа. Тоа ќе и овозможи да продолжи да работи со опасен отпад и за тоа да има дозвола без разлика што е фатена на дело како го крши законот, го загрозува здравјето на луѓето и животната средина.

Како што информираат од Миистерството, одземањето на А-интегрираната дозвола се врши по три направени прекршоци, што значи дека постапката по барањето на „Рецикл еко старт“, за кое патем информираат дека било уредно и комплетно, ќе продолжи. Барањето со целосната документација е објавено и на веб страницата на институцијата. Од Министерството велат дека немаат можност да го повлечат, ниту да ја прекинат постапката, но и дека до денес немаат донесено одлука за бараната измена и проширување на А-Интегрираната дозвола.

„Барањето од страна на Рецикл еко старт е доставено до МЖСПП на 18 Септември 2023 година и постапката е во тек. Во барањето се предвидува проширување и воведување на нови методи за преработка на отпадни материјали, со што ќе се добива чакал за тампонирање. Новиот процес, покрај другото, предвидува да нема нови испусти, да нема нови емисиони точки и да вклучи водонепропусна двојна заштита. Барањето е уредно доставено, но останува да се излезе на увид за да се провери дали точките од барањето се соодветни со реалната состојба на локацијата за која се бара проширувањето на постоечка А-ИД“, велат од Министерството.

Информираат дека компанијата имала одобрен Елаборат за заштита на животната средина за проектот „Нова постројка за дробење, мелење, сепарација и неутрализација на води – нов процес – базени за преработка на оловна згура“ во Општина Чучер Сандево. Планираните активности инвеститорот требало да ги реализира со поставување на дополнителна опрема за независен технолошки процес, во кој како влезна суровина ќе користи оловна згура од други инсталации во земјава.

Создавањето на нова депонија со опасен отпад во близина на главниот град, во рамки на населено место и покрај река, наиде на бројни реакции кај јавноста. И покрај европската регулатива со која можеме да се пофалиме дека сме ја преземале, сепак имплементацијата на терен, контролата, а и довербата во институциите, очигледно се провлекува на типичен македонски начин.

Реакции за продолжувањето на постапката имаше и од партијата ДОМ, од каде велат дека се против измена на А-Интегрирана еколошка дозвола за инсталацијата од Чучер Сандево. Посочуваат дека со усвојување на барањето од компанијата, кое освен на веб страницата на министерството е објавено и во два печатени медиуми, како што наложува постапката за информирање на јавноста, дополнително ќе се оптовари животната средина со нови видови на опасен отпад како оловна троска, цинк, киселини, бази, соли и нивни раствори и метални оксиди, отпад од арсен и други тешки метали и други.

„ДОМ е против градење или реконструкција на нови инсталации од тешка и загадувачка индустрија –  Г1, а посочената фирма пред месец дена направи еколошки инцидент со оставање на опасен отпад – оловна троска во селото Орман во Општина Ѓорче Петров и го преработуваше истиот опасен отпад во новопоставена инсталација без дозвола од МЖСПП, со што се создадени услови за нова жешка точка со опасен отпад во Скопје“, посочуваат од ДОМ.

Опасниот оловен отпад, беше откриен на приватен плац во селото Орман, каде што се одложувал најмалку шест месеци. Државниот инспекторат за животна средина откри дека „Рецикл еко старт“ го преработувала подолго од една година, а дозвола за оваа активност побарала дури во септември годинава. Според лабораториските анализи троската содржи 10 проценти олово, но и бакар, кадмиум и други тешки метали, што ја прави исклучително опасна за луѓето и околината, заради што се разгледуваат документите против компанијата да се поднесе пријава до Основното јавно обвинителство за кривично дело загрозување на животната средина и природата, а веќе доби забрана за работа во рок од 90 дена и рок од 60 дена да го исчисти плацот во Орман.