Шукова: Опасниот отпад кај селото Орман е донесен од Пробиштип

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) пред десетина дена информира дека откриле околу 500 до 600 тони опасен отпад расфрлан на земјиште во скопското село Орман на територијата на Општина Ѓорче Петров

Фото: Мета.мк

Опасниот отпад што неодамна беше пронајден во близина на селото Орман на територија на општина Ѓорче Петров, е донесен од Пробиштип, информираше денеска министерката за животна средина Каја Шукова, посочувајќи дека се откриени незаконски дејствија во конкретниот случај.

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) пред десетина дена информира дека откриле околу 500 до 600 тони опасен отпад расфрлан на земјиште во скопското село Орман на територијата на Општина Ѓорче Петров.

„При редовна обиколка од страна на овластениот инспектор за животна средина при Општина Ѓорче Петров на ден 10.10.2023 година лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии“, објавија од ДИЖС.

Нелегалното одлагалиште на отпадот е на две катастарски парцели во селото Орман, а овластен инспектор започнал постапка по службена должност против сопствениците.

ДИЖС откри опасен отпад расфрлан на нива кај скопското село Орман

Министерката Шукова рече дека постапката е во локална надлежност и се води од Градот Скопје, а не од државата. Сепак, таа вели дека нема да се дозволат вакви активности во иднина и најави дека во овој случај ќе бидат изречени парични казни и најверојатно и кривични пријави за прекршителите.

„Нема да дозволиме во иднина повторно истата активност да се случува не само во Скопје, туку и на локацијата од каде што доаѓа згурата. Точно знаеме за што се работи, какви активности имало, само чекаме за каков тип на отпад станува збор“, рече Шукова.

Таа рече дека Министерството и Државниот инспекторат за животна средина сè уште ги чекаат лабораториските анализи од отпадот и очекува дека ќе бидат готови најдоцна до понеделник.