ДИЖС ќе го испитува отпадот од акумулатори во Ѓорче Петров, ќе следи кривична пријава и казна

Инспектори од ДИЖС, заедно со Општина Ѓорче Петров и овластена лабораторија на две места ќе земат примероци од отпадот, на локацијата каде е создадена депонијата, но и од фабрика во Општината Чучер Сандево, за која има индиции дека е создавач на отпадот

Фото: ДИЖС

Државниот инспекторат за животна средина ќе испитува каков отпад е фрлен на приватна парцела во селото Орман во близина на реката Лепенец, што беше откриен пред десетина дена. Инспектори од ДИЖС, заедно со колегите од Општината Ѓорче Петров и овластена лабораторија денеска на две места ќе земат примероци од отпадот, на локацијата каде што е создадена депонијата, но и од фабрика во Општината Чучер Сандево, за која има индиции дека е создавач на отпадот.

Директорот на инспекторатот, Сретен Стојковски вели дека врз основа на резултатите ќе се утврди потеклото на отпадот, за кој се претпоставува дека е згура од преработка на акумулаторски батерии, а и ќе може да се утврди какви казни да добие тој што го создал.

„Излегуваме на вонреден надзор, со нас ќе биде и овластениот инспектор што го откри случајот. Ќе се собираат докази, примероци од две локации со кои ќе биде извршена хемиска анализа и карактеризација на отпадот“, вели Стојковски.

Тој посочува дека анализите ќе докажат и кој е прозиводителот на отпадот, кој може да добие и кривична пријава и санкција, која врз основа на големината на компанијата може да е и до 60.000 евра. Казна може да добијат и сопствениците на имотот кој послужил како место за создавање на депонија, кои ја изнајмиле на фирма што се занимава со преработка на акумулаторски батерии.

Инспекторатот минатата недела информираше дека депонијата е откриена на 10 октомври при редовна обиколка на територијата на Општина Ѓорче Петров од страна на овластениот инспектор за животна средина. Општинскиот инспектор информирал дека станува збор за згура од преработка на акумулаторски батерии со проценета количина од околу 500 до 600 тони. Врз основа на затекнатата состојба на теренот и проценка за ризикот, тој започнал инспекциска постапка и издал решение со кое им наредил на сопствениците на земјиштето да го дислоцираат опасниот отпад на соодветна локација во рок од 30 дена.

Откривањето на депонија со згура во Ѓорче Петров, која потенцијално е опасна како и депонијата на велешката топилница и може да содржи тешки метали како олово и кадмиум и да претставува огромен ризик за околината и за луѓето, предивика реакции и кај еколошките здруженија.

Од О2 иницијатива бараат кривична пријава за сопствениците на земјиштето и прашуваат зошто се воведоа кривичните дела против животната средина во Кривичниот законик, ако не се применуваат. Оттаму велат дека за ваков тип на отпад, да се извезе надвор од земјава, е потребна лиценцирана фирма за опасен отпад, а посочуваат и конкретна компанија за која бараат одговори од надлежните институции дали е виновна за создавањето на отпадот.

„На 2,5 километри од таа локација се наоѓа фирмата со А-интегрирана еколошка дозвола, Рецикл-Еко Старт, која преработува стари акумулаторски батерии и произведува 10.000 тони годишно рафинирано олово и 5000 тони годишно оловни легури. Таму се врши топење на оловни делови од стари акумулатори. Дали има поврзаност на оваа фирма со незаконски депонираната згура од преработка на акумулатори? Дали ќе се изврши истрага за да се види како и од каде е дојден опасниот отпад на приватниот имот?“, прашуваат од О2 Иницијатива.