Отпадот од Орман е опасен и содржи 10 проценти олово, поднесени се кривични и прекршочни пријави

Отпадот се трупал најмалку шест месеци, а во криминалната шема биле вклучени четири фирми и две физички лица

Фото: ДИЖС

Опасен отпад што содржи 10 проценти олово, но и бакар, кадмиум и други тешки метали е троската што беше складирана на плац во селото Орман во Ѓорче Петров, покажуваат лабораториските анализи што ги направи Државниот инспекторат за животна средина. За сите инволвирани во случајот досега се напишани една кривична и една прекршочна пријава, но во тек се уште неколку истраги што може да резултираат со нови санкции.

Отпадот тука се трупал најмалку шест месеци, а во криминалната шема биле вклучени вкупно четири фирми и две физички лица. Отпадот потекнува од преработувачот на стари акумулатори „Таб-Мак“ од Пробиштип, кој го предавал на „Рецикл Еко Старт“ од Чучер Сандево. Оваа компанија имала А-интегрирана дозвола исто како и „Таб-мак“ за преработка на акумулатори, но не и за третман на отпадот од тој процес. Сепак, и покрај тоа „Рецикл Еко Старт“ имал монтирано постројка за преработка и оловната паста која ја создавал од отпадот, преку друга фирма, „Рецикл Еко Трејд“ ја враќал повторно кај „Таб-мак“ каде се користела за производство на акумулатори. Четвртата фирма е „Статус“ од Скопје, која била транспортерот на отпадот. Двете физички лица се сопственици на плацот во Орман, кои имале договор со „Рецикл Еко Старт“, но, наводно, не знаеле каков вид на отпад се складирал.

Како што информираше денеска директорот на инспекторатот Сретен Стојковски, „Рецикл Еко Старт“ ќе добие кривична пријава од Државниот инспекторат за животна средина за кривично дело загрозување на животната средина и природата, како и забрана за работа во рок од 90 дена и рок од 60 дена да го исчисти плацот во Орман и да го врати отпадот кај себе.

Проиводителот на отпадот фирмата „Таб-мак“ доби прекршочна пријава и санкција од 88.000 евра, заради тоа што го прекршила законот за управување со отпад и го предала на неовластен постапувач што немал дозвола да го третира.

„Според информациите на ДИЖС, ‘Рецикл Еко Старт’ опасниот отпад го третирала од крајот на минатата и цела оваа година, иако за тоа немала дозвола. Проширување на А-интегрираната дозвола, со што би ја вклучиле и оваа дејност побарале од Министерството за животна средина дури во септември оваа година и во моментов не ја поседуваат“, вели Стојковски.

Тоа значи дека оваа компанија не смеела да прими опасен отпад, а уште помалку да го префрли на друга локација, додека, пак, фирмата од Пробиштип, која има законска обврска да се грижи за правилен третман на отпадот што го создава во својата работа, требала да го извезе во странска компанија која има дозвола за ваков тип на третман.

Стојковски вели дека сега отпадот итно мора да се исчисти од плацот во Орман и да се врати во Чучер Сандево. Тука, според законот може да остане до три години доколку се преработува или една година доколку се извезува. Тој најави дека ќе се испитува и постројка која се наоѓа на плацот во Орман и се користи за производство на бекатон плочки, како и дали има врска помеѓу отпадот што бил таму и ова производство.

Депонијата со отпад на приватен плац покрај реката Лепенец беше откриена минатиот месец од инспектор на Општината Ѓорче Петров, во редовна обиколка на теренот. Министерката за животна средина Каја Шукова информираше дека опасниот отпад е донесен од постројка од Пробиштип, по што инспектори од ДИЖС и Општината на две места земаа примероци од троската и ги дадоа на тестирање. Според првичните информации се работи за количини од околу 500 до 600 тони троска, остаток од преработка на акумулаторски батерии.