Во ОХИС, покрај во погонот за електролиза, жива има и во малата депонија

Еден од напуштените објекти во ОХИС | Фото: Архива на Мета.мк

Во малата депонија со линдан во ОХИС е најдена жива, која во минатото се користела во погонот за електролиза. Токсичниот метал бил откриен минатата година, во текот на чистењето на првата половина од депонијата. За опасноста која демне од живата складирана во ОХИС, но и од историското загадување на зградите, почвата и подземните води во околината се предупредува одамна. Хемискиот гигант сè уште е темпирана бомба која се заканува на здравјето на граѓаните на Скопје. Живата е опасна бидејќи е испарлива, а вдишувањето дури и во многу мали концентрации е отровно.

Отпадот откриен при ископувањето на линданот, како што информираат од Министерството за животна средина, во моментов е складиран во еден од веќе исчистените базени на малата депонија. Тој е завиткан во фолија и заштитен од надворешни влијанија, а од министерството велат дека тука ќе остане додека се бараат решенија за негово безбедно изнесување. Количините, засега не се точно определени, бидејќи живата е измешана со контаминирана земја.

Професорот Трајче Стафилов вели дека целиот ОХИС е контаминиран со жива, а ова особено се однесува на просторот каде што бил погонот за електролиза, каде долги години се употребувал овој токсичен метал. ОХИС во минатото овој погон го користел за производство на хлор, во процес во кој се употребувала течна жива. Во оваа зграда, вели Стафилов, покрај тоа што се користела, живата и се складирала, а неретко во процесот на полнење на кадите каде што се користела, истекувала и загадувала сè во околината.

„Во 2005 година имавме можност да влеземе во погонот. Откривме дека целосно е контаминиран со жива. Во околината загадени се и почвата и подземните води, а жива се фрлала и во малата депонија каде неодамна при ископувањето на линданот беше откриена“, вели Стафилов.

Посочува дека решенија постојат, но бараат многу пари. Стафилов советува погонот за електролиза да се сруши, а контаминираната земја целосно да се тргне од тука.

Од Министерството за животна средина велат дека се преземаат мерки, во случај повторно да се наиде на ваков тип на отпад во текот на расчистувањето на малата депонија.

„Со договорот потпишан за чистење на третиот лот од малата депонија предвидена е и една дополнителна опција, доколку и тука се најдат некои останати хемикалии, да можат и тие да се отстранат“, најавуваат од Министерството.

Од таму информираат дека во моментов се работи и на Стратегија за идентификување на сите подрачја контаминирани со жива, како и на ажурирање на инвентарот за жива. По завршувањето на оваа активност се очекува да бидат детектирани сите локации во земјава кои се контаминирани и да бидат утврдени приоритетните за чистење.

„Во оваа подготвителна фаза сè уште е рано да се зборува за начините за третман, за достапните технологии за чистење на живата, тоа ќе биде направено откако ќе бидат идентификувани локациите и степенот на загадување“, велат од Министерството.

Експертите кои ќе работат на ажурирање на инвентарот се веќе избрани и тие во следните шест до осум месеци ќе треба да ги посетат сите локации во постоечкиот инвентар и да извршат дополнителни истражувања. Врз основа на новите податоци ќе бидат утврдени приоритетите врз кои ќе треба да се примени Стратегијата.

Проектот се работи со финансии од Секретаријатот на Минамата конвенцијата, која земјава ја ратификуваше во 2020 година. Ќе трае три години, период во кој треба да се изградат капацитети за справување со отпадот од овој токсичен метал. Во овој период ќе треба да се изработи и Национален план за имплементација на Конвенцијата, како и листа на акции што ќе треба да се преземат.