Вебинар за жешките еколошки точки: Потребни се итни решенија, за човечките животи се работи

Професорот Трајче Стафилов ги наведе 16-те „жешки точки“ низ државата, односно локациите кои се ризични поради опасниот отпад, а тие вклучуваат поранешни и актуелни рудници со нивните јаловишта, фабрики од загадувачката индустрија, топилницата во Велес сосе  депониите што биле продуцирани од нивното работење

Арсенот и другите отпадни минерални суровини лоцирани во јаловиштето на некогашниот рудник „Лојане“; Фото: Архива на Мета.мк

Решавањето на жешките еколошки точки во земјава е итно потребно и без дополнителни одлагања од страна на државните власти, констатираа соговорниците на денешниот вебинар насловен „Жешките еко-точки низ новинарска призма“. На настанот говореа професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет, новинарите Бојан Блажевски и Сања Наумовска од новинската агенција Мета.мк. како и Фисник Џелили, новинар за Порталб.

Професорот Трајче Стафилов ги презентираше заклучоците од обемниот број истражувања за жешките еколошки точки низ државата од кои тој бил дел. Тој и неговите колеги изработиле мапи за нивото на загаденост на почвата како и воздухот, користејќи примероци од земјата како и од мовта како мерило за загаденоста на воздухот, бидејќи се храни од воздухот.

Стафилов ги наведе 16-те „жешки точки“ низ државата, односно локациите кои се ризични поради опасниот отпад, а тие вклучуваат поранешни и актуелни рудници со нивните јаловишта, фабрики од загадувачката индустрија, топилницата во Велес сосе  депониите што биле продуцирани од нивното работење. 

Како најопасна точка се истакнуваат двете депонисии со пестицидот линдан и неговите изомери што се лоцирани во кругот на поранешната фабрика ОХИС. Тој претставува опасност бидејќи депонијата е на отворено, што овозможува лесно ширење на истиот. ОХИС престанал да произведува линдан во 1970-те години поради неговата исклучителна токсичност, но последиците сè уште се чувствуваат.

Имено, во воздухот во Скопје честичките од линдан се 40 пати поприсутни во споредба со Лазарополе. Дополнително, тој е присутен и во подземните води во населбата Лисиче, и тоа во повисоко количество од интервентните вредности. Всушност, интервентната вредност претставува количество на присуство на одредена штетна материја за кое се смета за доволно штетно да предизивка интервенција од надлежните институции.

Чистењето на линданот од малата депонија во ОХИС; Фото: МЕД

Како друга клучна точка на загрижувачко ниво на загаденост, Стафилов ја истакна депонијата со троска на топилницата крај Велес. Повторно, иако таа со години не работи, еколошките последици на депонијата на троска со високи концентрации на цинк, олово и жива остануваат. Почвата е многу интензивно загадена, што доведува до загадување на подземните води како и на овошјето, зеленчукот и житариците кои растат во регионот.

„Како резултат на пренос на оваа прашина од депонијата во воздухот, почвите се многу интензивно загадени. Во простор од 30 квадратни километри на градот Велес, утврдивме критично загадување на скоро 7 квадратни километри“, укажа Стафилов.

Троската од работењето на Велешката топилница; Фото: Мета.мк

Професорот го потенцираше и другото загадување настанато од Хемиската индустрија во Велес од отпаден гипс, кој настанал при производството на ѓубриво. Тој се складирал на околу 15 километри јужно од Велес и истиот е радиоактивен.

Стафилов исто така коментираше за квалитетот на воздухот во јужниот дел на државата, каде е регистрирано загадување со хром и никел како резултат на емисијата на прашина од фабриката за преработка на никел во Кавадарци – Фени. Но, професорот ја поздрави реконструкција на филтрите во фабриката, чија изведба драстично ја има подобрено состојбата.

Го поздрави и санирањето на теренот и пошумувањето на дел од јаловиштата на рудниците Саса и Бучим.

Но, и покрај тие преземени мерки, професорот сепак истакна дека многу бавно се одвиваат позитивни мерки за решавањето на жешките еколошки точки и не се доволно обемни согласно алармантноста на ситуацијата.

Дополнително, професорот истакна дека и привремени решенија би биле добредојдени, како што е покривањето на опасниот отпад, што би го спречило понатамошното загадување. Тој посочи дека целосно решавање на само една од овие точки, како на пример депонијата кај ОХИС, би било прескапо – пакувањето и извезувањето само на линданот од малата депонија досега чинел 5 милиони евра.

За бавноста на реакциите од надлежните институции коментираа и новинарите на вебинарот, кои имаат долгогодишно искуство покривајќи ги темите поврзани со животната средина. Во нивните излагања преовладуваа проблемите со кои се соочиле при известувањето за жешкие еколошки точки, меѓу кои и: стравот на локалното население да коментира за загаденоста, неадекватните решенија од страна на локалните и државните власти, но и на подобрената отвореност од страна на државните органи.

Бојан Блажевски, главниот уредник на новинската агенција Мета.мк, коментираше за тоа дека локалните самоуправи, како тие на Јегуновце и Куманово, иако не се  надлежни за решавање на жешките точки, сепак треба да се најотворени за соработка бидејќи локациите се наоѓаат на нивните територии. Тие се всушност најзатворени за соработка, за разлика од Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање, кои генерално се отворени за одговарање на прашањата.

Дополнително, како пример за бавноста на преземањето соодветни мерки за справување со загадувањето, Блажевски го посочи примерот со присуството на арсен во Лојане и Табановце. По константното известување на Мета.мк, во март 2022 владата го раскина договорот со турската компанија која требала да го извезе арсеновиот концентрат. Но, оттогаш не е распишан јавен повик за пронаоѓање на компанија што ќе ја преземе одново таа одговорност.

Сања Наумовска, новинарка за Мета.мк, коментираше дека голем дел од медиумите недоволно ги покриваат темите поврзани со жешките еколошки точки. Вели дека голем дел од редакциите не ги сметаат за интересни теми и само ги покриваат кога ќе има поголем „лош“ настан, наместо да се објавуваат континуирани анализи.

Таа дополни дека често се поактуелни други прашања околу фабриките и фирмите одговорни за загадувањето – како што се приватизацијата или работничките права. Ваквите теми дополнително “одземаат” медиумски простор за да се зборува за еколошките последици. 

Според Наумовска, недостигот на содржини во медиумите на оваа тема влијае и кај земјоделските работници кои, според нејзиното искуство, многу често не биле свесни дека можеби и не треба да одгледуваат зеленчук при толку високи количини на токсични материи во почвата.

Но, таа сепак кажа дека локалните институции се поподготвени за новинарските прашања, и еколошките теми не се веќе толку големо табу.

Фисник Џелили, новинар за Порталб, исто така коментираше на подобрената соработка меѓу институциите и медиумите. Но, коментираше и дека поголема пречка претставуваат самите жители на загадените места. Тие често се скептични за мотивите на новинарите. Но исто така, тие често се плашат да коментираат бидејќи нивни блиски или самите тие се вработени во фабриките одговорни за загадувањето.

„Јас се сеќавам на еден случај кога бевме во ФЕНИ да правиме репортажа за загадувањето и сакавме да направиме анкета во село Возарци. Иако беше евидентно дека целата околина е покриена со црвена прашина, дека тешко се дише и дека сите прозорци дома им се затворени, не сакаа да зборуваат. Секој од нив имаше по некој вработен во ФЕНИ. Тоа беше многу згодна позиција што ја користеа и од ФЕНИ и од институциите за да не се зборува на таа тема“, дополни Наумовска, која исто се соочила со тешкотии при добивање изјави од локалните жители.

Сите говорници алармираа на потребата ваквите проблеми да се детабуизираат и да влезат во јавниот дискурс, бидејќи што подолго власта ги избегнува, толку потешки и поскапи ќе станат решенијата за истите.

Вебинарот беше организиран од Здружението за унапредување на медиумските практики „Иновативни медиуми“, со поддршка на регионалниот проект СМАРТ БАЛКАН – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институт за демократија и медијација (ИДМ) а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.