Обвиненија за родителите на малолетникот што уби 10 луѓе во основно училиште во Белград

Обвинителството за таткото, кој се наоѓа во притвор од 3 мај, бара затворска казна од 12 години, а за мајката две и пол години затвор. Таа, пак, не е во притвор

-

Против Владимир Кецмановиќ и Миљана Кецмановиќ, таткото и мајката на 13 годишникот којшто на 3 мај годинава изврши масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на главниот град на Србија, убивајќи вкупно 10 лица, денеска беше покренато обвинение од Вишото јавно обвинителство – Белград.

Обвинителството за таткото, кој се наоѓа во притвор од 3 мај, бара затворска казна од 12 години, а за мајката две и пол години затвор. Таа, пак, не е во притвор.

Како што извести српската телевизија „Нова“, обвинение добил и претседателот на Стрелачкиот клуб „Партизан“ каде што детето-убиец учело да пука, како и еден вработен во клубот. За двајцата се бара затворска казна од по 3 години.

Вишиот јавен обвинител Ненад Стефановиќ на прес-конференцијата појасни дека обвинението против таткото Владимир Кецмановиќ е на 267 страници. И против мајката е поднесено истото обвинение, оти на една од чаурите земени по масакрот била најдена ДНК на мајката.

„Постои основано сомневање дека во период од една година пред трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ го обучувал својот син на 13 години да пука со воздушно и огнено оружје и со соодветна муниција, да гаѓа во мети со форма на концентрични кругови и силуети на луѓе, да полни рамка со куршуми, потоа како да стои и да дише при користење огнено оружје… и покрај фактот дека таква активност и обука очигледно не одговараат на возраста на неговиот син“, се вели во соопштението од Вишото јавно обвинителство.

Обвинителите утврдиле и дека таткото не обезбедил услови за безбедно сместување на оружјето и муницијата, односно дека пиштолите со шест рамки и муниција наместо во метален сеф со клуч, го чувал во два пластични куфера кој биле во црн ранец, при што едниот куфер, во кој биле оружјето со одговарачка рамка, бил заштитен со катанец со шифра, а другиот бил незаштитен, и во него ја чувал муницијата. Притоа, куферите не биле во сефот што Владимир морал да го купи и го поставил во ормар во претсобјето, каков што бил условот за да добие дозвола за набавка и држење огнено оружје.

„Обвинетиот така на детето му овозможил да добие во посед два пиштоли за коишто претходно го обучувал да пука во стрелачкиот клуб, и тоа пиштоли „Чешка збројевка“ и „Ругер“, за чија набавка и чување тој поседувал одобрение од надлежен орган. Синот на обвинетиот, како што се сомнежите, дошол во посед на неадекватно обезбеденото оружје на 1 мај, кога наполнил шест одговарачки рамки со муниција, со вкупно 92 куршуми и ги зел кај себе, а потоа на 3 мај ги ставил во својот ранец и ги понел во ОУ „Владислав Рибникар“.

Потоа малолетниот масовен убиец доаѓајќи на приземјето на училиштето, пукал првин во обезбедувачот, а потоа во двете ученички коишто биле на клупата за дежурни и во една ученичка што свирела клавир. Потоа К.К. се упатил кон кабинетот по историја, каде биле наставничката по историја, еден студент по историја на пракса и 23 малолетни ученици од одделението VII-2 во коешто учел убиецот. Тука испукал 45 куршуми, убивајќи шестмина ученици, а ранувајќи пет. Ја ранил и наставничката по историја.

(АНАЛИЗА) Големи амбиции „спакувани“ во Национална стратегија – вработувања на странци, раст од 4 отсто и праведни даноци

Задолжителна пракса во средното и високото образование. Легализација на вработувања на имигранти. Преку помени во образованието до квалификувана работна сила и намалување на невработеноста, пишува Порталб.мк. Економски раст од 4%,...