(РЕПОРТАЖА): „Корпорација Вагина“ на турнеја, или како љубовта го држи рокенролот жив на Балканот

Борјан Гаговски, басистот на алтернативниот рок бенд „Корпорација Вагина“, раскажува за тоа како е да се биде музичар на турнеја во Балканот и за луѓето кои ги сретнал по пат кои ја држат алтернативната сцена на своите плеќи

Фото: Matjaž Rušt / MENT Ljubljana 2024

Не е лесно да се занимава човек со авторска музика во сегашната музичка индустрија, дали е тоа во Македонија или во Велика Британија. Од една страна, интернетот и технологијата им овозможи на музичарите да ги снимаат и издадат своите дела во етерот без филтерот на музичката индустрија. Од друга страна, наместо да убедиш човек да ти ги пушти песните на радио и телевизија, треба да се бориш со каприсот на безличен алгоритам.

Всушност, се чини оти развојот на нова технологија секоја деценија ќе доведе до „смртта на музиката“, дали било тоа радиото, телевизијата, онлајн пиратеријата или стримингот. Но, музиката никако да умре. Особено не музиката изведена во живо, феномен кој технологијата никако не може да го замени.

Но, не значи дека немало „обиди за убиство“ и на живата музика и одењето на турнеја како начин еден музички артист да си ја поткрепи својата музика. Во Англија, која се смета за една од најважните „извезувачи“ на авторска музика во светот, се забележува затворањето на стотици независни клубови и фестивали, особено со ковид-пандемијата. Истовремено, иако цените на картите се зголемуваат, давачките за артистите се намалуваат.

На Балканот постојат истите проблеми и се дополнително оптоварени со типичните проблеми со коишто се оптоварени повеќето работи овде – корупција и немање средства. Културни центри и клубови се затвораат, а недостига и соодветна медиумска и институционална поддршка.

Сепак, има меѓу нас и такви луди кои одлучуваат да се впуштат во овие непредвидливи води. На крајот на февруари бев на мини-балканска турнеја со мојот бенд Корпорација Вагина (да, Корпорација Вагина), со свирки во Белград, Нови Сад, Љубљана и малиот словенечки град Железники.

Свирка во Котур. Фото: Сара Богоева

Иако сè што претходно кажав звучи како одењето на турнеја да значи работа со преработени и тажни луѓе, низ нашите патувања сретнавме непоимливо многу топлина од сите кои ни помогнаа да ја реализираме турнејата, од другарите тука до организаторите таму – што можеби и не требаше многу да ме изненади бидејќи само многу силна љубов кон музиката и заедниците кои се создаваат околу неа може да е погонот кој ќе поткрепи една сцена која, по секоја логика на капитализмот, а особено балканскиот шмек на истиот, не би требало да постои.

Тргаме на пат: Белград + Нови Сад

По концерт на домашен терен во скопското кафуле Котур, турнејата започна во Белград. Се свиреше во просториите на бивши „Југошпед“, стара зграда на реката Сава која служела за шпедиција и трговија.

Концертот беше организиран од Лаура Фереро и Никола Хајдуковиќ – Хајдук. Пред да почнеме со свирката, се сместивме во нивниот стан, каде Хајдук нè караше што не игравме доволно „Red Dead Redemption 2“ на неговиот Xbox.

Хајдук и Лаура со години организираат свирки, а Хајдук свири и во феноменалните белградски бендови Клотљуди и Dogs in Kavala. Зборувавме за сцената во Белград: за „Квака 22“, независниот културен центар, на кој еден од основачите е Хајдук, и за богатите Руси кои се дојдени во Белград по војната. Ни кажаа дека може да очекуваме дека ќе ни се продаваат маички и ЦД-а на концертот бидејќи Руси се напалени по нашиот пост-панкерски стил на музика.

Иако носат пари, истите тие богати Руси, најчесто „дигитални номади“ кои од дома работат за некоја руска фирма, го менуваат карактерот на градот со тоа што ги потиснуваат самите Белграѓани надвор од центарот на својот град. Стануваат проминентни на културни настани, а самите српски културни работници сè потешко преживуваат во својот град.

„Ако киријата на некој стан е 700 евра, ќе дојде некој Рус и ќе ти понуди 800 евра за истиот, за да се осигури дека ќе го добие. Баш гледав, станот во центарот на град во кој живеев кога се преселив во Белград со уште две цимерки, кој чинеше околу 600 евра тогаш, сега е преку 1000 евра“, ни раскажуваше Лаура од нејзиниот стан во Нови Београд.

Дојде време за свирката. И покрај долгиот пат низ напуштени оддели од зградата на Југошпед кои требаше да ги поминеме за да стигнеме до просторот каде свиревме од прва можеби изгледаше како да сме на погрешно место, таму бевме пречекани со професионализам, чили кон карне (подготвено од Лаура) и публика желна за свежа музика.

Ходникот во Југошпед со наш мерч. Фото: Александар Шалевиќ

Имаше убава енергија на свирката и беше инспиративно како локалните уметници и музичари си ги заземаат неискористените простори на градот за да си изградат свој заеднички простор, дали во одаите на Југошпед или во „Квака 22“. Токму тој DIY (do-it-yourself  – „направи го сам“) додаде нешто посебно на духот на нашата свирка.

Инаку, наскоро ќе се избркаат сите кои ги користат просториите на Југошпед, како дел од експанзијата на проектот „Београд на води“.

Фото: Александар Шалевиќ

Се отселивме од станот на Лаура и Хајдук и продолживме кон Нови Сад. Иако Нови Сад е вториот најголем град во Србија, поради неидеална промоција на нашиот настан, дојдоа многу помалку луѓе од што би се очекувало за свирка во недела во еден од попопуларните алтернативни центри во градот.

„Нови Сад е мртов“, прогласи Марија, букерката која ни помогна да ја најдеме свирката.

Марија, која препосветено го работи тоа што го работи, ни кажа дека нема ентузијазам за алтернативна сцена, ни од посетителите ни од организаторите на свирките – слично ми кажа и басистот од „Вврано“, бендот со којшто свиревме во Белград. Сè гравитира околу главниот град, проблем кој постои и во Македонија.

Но, сето тоа апсолутно не значи дека ние и нашите осум фанови не си поминавме убаво и дека свирката не служеше како добра проба за големиот настап, околу кој цела турнеја се вртеше: свирката во Менза при кориту на култната Метелкова во Љубљана, во склоп на фестивалот „Мент“

Фестивалот „Мент“ во Љубљана – „големата“ свирка

„Мент“ е сериозна институција за алтернативната сцена на Балканот, која го славеше својот десетти роденден оваа година. Станува збор за т.н. „showcase“ фестивал, односно фестивал каде дневната програма е најчесто исполнета со панели на кои зборуваат музички професионалци (меѓу кои и нашата белградска домаќинка Лаура), а навечер свират секакви бендови, меѓу кои и помали на чија музика ѝ се дава шанса да стигне до некои побитни уши.

Македонски бендови не свират често на фестивалот. Ни ние немаше да стигнеме таму доколку не ни беше поплочен патот од Дина Јашари и бендот „Луфтанза“, два македонски артисти кои лани свиреа на фестивалот и кои покажаа дека нашата држава има што да покаже на меѓународните сцени. Лука, пејачот во нашата „Корпорација“, свири и во „Луфтанза“, така што пренесеното знаење од негова страна, како и сето знаење пренесено од другарите во нашиот музички колектив „Гола планина“ без кои немаше да ја букираме турнејата, беше незаменливо.

Нашите верни другари поддржувачи и продавачи. Фото: Matjaž Rušt / MENT Ljubljana 2024

Иако воздухот на Мент мириса на креативност, амбиција и надеж, не можеме да кажеме дека не насетивме и малку стрес, имајќи на ум дека стоевме пред нашата најважна свирка досега.

Но, среќа во несреќа, имавме период за починка од три дена пред Мент поради тоа што не најдовме доволно свирки за да целосно ја исполниме нашата турнеја. Овој пат, не спиевме кај некој љубљански музичар, туку во станот на Марија, наша другарка од Македонија која студира во Љубљана. Против сите закони на физиката и на внатрешното уредување, Марија смести четири дополнителни кревети во нејзината соба и ни обезбеди засолниште.

Во тие три дена, ние четворица и двајца од цимерите на Марија – Ингус и Јелена, станавме едно мало семејство и си создадовме еден свет каде што сè беше подобро. Се дружевме на прошетка во Крањ со воз, ја возевме Љубљана со велосипеди, а тројцата и ни служеа како добра пробна публика на проба, за да видиме кои песни најдобро ќе поминат на самиот фестивал.

Прошетка во Крањ. Фото: Борјан Гаговски

Дојде денот. Се наместивме во Менза при кориту, една од сцените на култната Метелкова, автономниот културен центар започнат од уметници кои ги презеле напуштените бараки на Југословенската народна армија по распадот на Југославија. Метелкова е еден симбол на ослободувачкиот дух кој преовладува во Љубљана и Словенија во однос на културата и јавните простори – Метелкова е жива и не чека на никого.

Но, во Мензата не нè пречекаа Лаура и Хајдук со чили кон карне и Xbox, туку стејџ менаџер ни кажа дека имаме точно 40 минути да отсвириме и дека не смееме да пречекориме – идејата е да можат посетителите и делегатите на овој голем фестивал да фатат по малку од секој бенд на сите сцени. Моравме малку посериозно да ја сфатиме работава.

Оваа потреба од брзање ни претставуваше стрес бидејќи имаме прилично долги песни, а сакавме да отсвириме нешто што ја претставува целината на нашиот звук, да знаат тие „важни уши“ дека имаме разновидност. По многу мислење, се одлучивме на пет песни – „Лажов“, „Катерино“, „Дали ова е толку?“, „Германски рок“ и „Нова гитара“.

Атмосфера пред „Менза при кориту“ пред нашиот настап. Фото: Matjaž Rušt / MENT Ljubljana 2024,

Но, секако дека стресовите не престанаа до буквално последната минута. Пред самиот настап, во ограниченото време во кое имавме да се наместиме, имаше технички проблем со педалата на Филип. Тој не сакаше да излезе за да не открие во што се пресоблекол, па ми се дереше од зад сцена кои копчиња да ги притискам на неговата џиновска педала која не знаев баш да ја управувам. За среќа, тонецот релативно брзо ни мавна за да ни каже дека сè е во ред и дека може да почнеме.

Почнавме со првата песна, „Лажов“. Во сет тој хаос, по неколку минути сфатив дека заборавив да ја облечам бундата која ја мерачев да ја носам на настапот. Ироничното е што не ми беше првпат да ја заборавам – и во Скопје се вративме по неа кога тргнавме на турнеја откако ја заборавив дома. За среќа, додека свирев се сетив дека има дел од „Лажов“ каде што нема бас. Дојде делот – веднаш го оставив басот и се качив по бундата (откако им се издрав „БУНДАТА!“ на другите Вагинци, за да знаат дека не станува збор за некој нов технички проблем). Го пребродивме и овој „проблем“.

Бундата ја соблеков по крајот на првата песна бидејќи не се дишеше од жешко во Мензата.

Фото: Matjaž Rušt / MENT Ljubljana 2024

Една по една, си ја отсвиривме петорката песни, веќе удобни со материјалот по трите досегашни свирки на турнејата. Но, на лично ниво не ми беше толку опуштено како во Скопје, Белград или во Нови Сад. Повеќе се фокусирав на тоа да не пречекориме со време и на тоа дека ова е важна свирка, отколку да мислам на тоа убаво да си поминам свирејќи.

Кои било сомнежи и да ги имав, исчезнаа откако се изнагушкавме со Ингус, Јелена и Марија, која и го испеа рефренот на една од нашите песни од публика откако Лука ѝ го подаде микрофонот. Потоа полудевме на еден од најдобрите бендови кои сум ги видел во скоро време, запознавме нови другари, се изнажуркавме на техно и се спремавме за настап следниот ден во словенечкиот град Железники.

Фото: Марија на лид вокал, Matjaž Rušt / MENT Ljubljana 2024

Железники – каде рокот не умира

Железники е град близу Љубљана со население до 3.000 жители за кој ниеден од нашите другари кои живеат во Љубљана немаше чуено. Можеби тие немале чуено, но мислам дека сите во Железники знаеја за концертот откако низ град го виделе големиот плакат со натпис „VAGINA CORPORATION“.

Промо постер во Железники. Фото: Кочо Павловски

Плакатот беше само едно дело на грижливите раце на тие кои го држат културниот живот во Железники. Главен „згрижувач“ во Железники ни беше Роберт, организаторот на свирката и волонтер во културниот дом во Железники каде свиревме, кој беше и дојден претходниот ден да нè слуша на Мент и ни зборуваше колку е возбуден за свирката во Железники, организирана од „Културно уметничко друштво Јадран“ и „Друштво РОВ Железники“.

Интиминоста и топлината во Железники беше точно тоа што ни требаше по „официјалноста“ и стресот на свирката во Мент.

„Мене ми е најважно да знам дека на бендот му е удобно, не можам да ти опишам колку среќен ме прави што ви е убаво во Железники“, ми рече Роберт, откако му кажав дека се чувствуваме толку добро примени што би свиреле и само за него и вработените во домот на култура.

Подготовки за свирката во Железники. Фото: Борјан Гаговски.

Местењето во Железники си донесе и свој апсурд – тонската проба моравме да ја правиме тивко, бидејќи во главната сала во културниот дом во Железники имаше група баби кои вежбаа јога. Иако можеби звучи смешно, сите од бендот бевме фасцинирани што воопшто постои таква активност во културниот дом која ја ангажира и сплотува заедницата во град од 3.000 луѓе.

Изгледа има нешто магично во воздухот во Железники бидејќи дојдоа многу повеќе луѓе од што би очекувале за свирка во град од 3.000 луѓе.

„Неверојатен успех е тоа што успеавте публиката да ја раздвижите. Најчесто, во Словенија, постарите луѓе кои доаѓаат, само стојат и гледаат. Највисок комплимент обично е ‘Стварно не беше лошо тоа’“, ни кажа Роберт по свирката.

Рокање во Железники 2. Фото: Matjaž Peternelj

Најголеми мрдачи и фанови на свирката беа старите рокери од Железники, кои се однесуваа точно како што очекував стари рокери од мало словенечко гратче да се однесуваат. Јуре беше најентузијастичен од сите – едно десетпати ме нарече Клиф Бартон (првиот басист на Металика) и ни викаше мене и на Дарио, тапанарот. „па вие сте работниците во бендот, овие другиве двајца се заебаваат“. Јуре и Лука слушaa AC/DC на разглас и прегрнати пееја и играа до „фајронт“.

Светот на Јуре ни се отвори уште толку кога следното утро Роберт ни пушти музика од неговиот соло-проект наречен Еншталц или Install-C, чиј втор албум се вика „Pank & skank za hišno rabo“ („Панк и трева за домашна употреба“). Чувме некој чудачки панк каде сите инструменти освен гитарата и вокалот беа испрограмирани, а на една песна гостуваше и неговото куче на пратечки вокали. Сите бевме фасцинирани од тоа колку карактер течеше од секоја секунда на музиката, позитивно изненадени од креативноста на нашиот стар рокер и нов верен фан.

Роберт ни кажа дека Јуре неодамна почнал да снима и да издава музика и веќе имал неколку свирки, иако постојано е во потрага по басист (затоа цела вечер ми викаше „Клиф Бартон!“).

Прошетка низ маалото на Роберт. Фото: Борјан Гаговски

Квалитетот на снименото на Еншталц не беше професионален, просторот во кој свиревме во Железники беше далеку од акустично идеален, но ништо од тоа не го спречи еланот на тие кои секојдневно се вложуваа во културниот живот на овој долински град.

„Присуството на двата бенда во Железники ни укажува дека бендови се желни за настапи и надвор од главниот град. На младите луѓе им требаат јасно дефинирани социјални простори пред да можат да го реализираат потенцијалот на нивните краеви. Иднината на алтернативата во периферните области не зависи само од компаниите како ROV и Jadran [организаторите на концертот], туку и од локалните носители на одлуки. За да не мора повеќе да патувате во Љубљана за секој бенд што вреди да се посети – да ја поддржиме и периферијата!“, напиша Јаша Поточник од Радио Штудент, во неговата рецензија за свирката во Железники, каде ја потенцираше незаменливоста на интимноста на локална сцена каде сите посетители се знаат еден со друг.

Јаша, инаку, е еден од нашите поддржувачи – ја напиша првата наша рецензија на албум. Дури ни во Македонија не добивме толку детална и убаво напишана рецензија како неговата. Имавме среќа што токму Јаша следниот ден ни го водеше интервјуто на Радио Штудент, последната станица на нашата турнеја, каде исто така снимивме и лајв сесија.

Радио Штудент – последната станица, погодна за рефлексија 

Иако веќе бевме преморени, ентузијазмот на Јаша не ни дозволи да не сме целосно вклучени во интервјуто на Радио Штудент. Кога нè праша за најголеми музички влијанија, Лука ги истакна членовите од Луфтанза и неговите родители. Не можев да не коментирам колку е убаво што најголемите инспирации на Лука не се некојси бенд од Англија или Америка, туку тоа што му е тука, а и мене ми се Луфтанза најголема музичка инспирација. Јаша се согласи дека токму поради тоа што сме инспирирани еден од друг, во нашата сцена има нешто посебно и искрено во музиката која излегува од Македонија моментално.

Во живо на Радио Штудент. Фото: Ингус Васев

Јаша истакна дека во Радио Штудент се фасцинирани од нашата сцена и од нашиот музички колектив. Ние, Луфтанза и многу други бендови сме дел од колективот „Гола Планина“, музичко здружение на бендови преку кое пробуваме да изградиме некаква сцена во Македонија, каде и нема баш јака инфраструктура за авторски музички артисти (како што беше истакнато и на панелите на Мент кога се споредуваа условите за музичка промоција низ балканските земји).

Според Јаша, нивото на сплотеност што го видел во нашиот колектив не се чувствува на сцената во Словенија и ни „завидуваше“ на културната сцена тука, што најверојатно звучи непоимливо за повеќето Македонци – дека може да постои што било за Македонија на коешто ни завидува некој Словенец.

Оставање наш белег во Радио Штудент. Фото: Борјан Гаговски

Во Македонија, па и во Белград и Железники, немаме избор, освен да изградиме сè сами и да се поддржуваме како што знаеме и умееме – партизански, во ограничените услови што ги имаме. Не можеме да зависиме ни од алгоритамска ни од институционална поддршка, па ќе изградиме музички колектив и ќе свириме до бабите кои вежбаат јога.

Но, токму отежнувачките околности ги прави луѓето кои работат во рамките на алтернативната сцена толку отворени и полни со страст – тие што одлучиле да се вложат во неа, го прават тоа од многу љубов кон истата и кон луѓето кои ја сочинуваат, не од некоја потрага по пари, туку од потрага по добра музика и заедница во време кога двете сè потешко се достапни за повеќето граѓани.

Фото: Matjaž Rušt / MENT Ljubljana 2024

Потребна е многу поддршка за една турнеја да помине успешно, од луѓето кои буквално ќе те примат дома, тоцните кои ќе мора да те трпат, другарите кои ќе се најдат во последен момент ќе те вдомат и ќе ти да најдат добар аутфит за свирка, преку сите другари кои ќе ти помогнат при букирањето на сите концерти, колегите музичари кои ќе те бодрат да продолжиш и кога е полесно да не свириш, до тие кои ќе ти помогнат да снимиш албум, тие што ќе веруваат во тебе и ќе ти напишат посветени рецензии. И низ сета таа поддршка, како да верувам дека културниот соживот и заедничарскиот дух на овие простори е мртов?

Со нашите последни сили, последната вечер повторно игравме на техно, се поздравивме со нашето љубљанско семејство и тргнавме накај дома со многу благодарност, смеење и надеж за подобра иднина.